Роман на годината 2020: „Генералот и пепругата“ и „Тито, мојот претпоследен херо“ (17)

07.07.2021 12:10
Роман на годината 2020: „Генералот и пепругата“ и „Тито, мојот претпоследен херо“ (17)

Наградата „Роман на годината“ ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“, под генерално покровителство на „Комерцијална банка“ АД.

Добитник на наградата за 2020 година е романот „Скриени желби, немирни патувања“ од авторот Владимир Јанковски.

„Окно“ објавува извадоци од пристигнатите романи на конкурсот.

 „Генералот и пеперугата“, Луан Старова, МАНУ

Изгреваше најдолгиот ден во животот во заробеништво на генералот и природонаучник Фриц Дагмар во крајезерското рајско место. Во ресторанската сала веќе го чекаше мајорот Бувар, во цивилна облека, но со задржани ознаки на воениот чин. Беа очигледни неговиот изглед и расположението - за кабинетска и лабораториска работа.
„Јас би сакал“, почна прв мајорот Бувар, „денешниот ден да го минеме во мојата лабораторија и природонаучен кабинет, богат со колекции на инсекти и, се разбира, и пеперуги ловени на моите експедиции низ планинските предели на Албанија. Има пеперуги уловени на падините на Галичица и Сува Планина, на територијата под наша окупација.Ќе ги видите пеперугите кои го прелетувале бодликавиот тељ на границата. Но, не сум сигурен дека во мојот пеперугариум ќе ја најдете и пеперугата кралица што ја фативте откако ја минавте границата“.

Генералот Дагмар беше задоволен од планот за работа на двајцата офицери - природонаучници во кој не гледаше ништо сомнително и необично. Научникот Дагмар го носеше со себе специјалниот сад во кој беше запрен летот на пеперугата кралица и таа тука беше автоматски препарирана, без да изгуби ништо од својата волшебна убавина, освен убавината на летот...

„Точно е дека мојата, засега работно именувана, 'пеперуга кралица' е непозната во ентомологијата, но таа можеби некаде постои како таква меѓу илјадниците видови пеперуги во светот“, рече генералот.

„И јас, трагајќи по пеперугите на оваа страна од Охридското и на дел од Преспанското Езеро, богати со многу семејства на пеперуги, никогаш не наидов на оваа или на слична пеперуга“, рече мајорот.

„Не знам зошто, мој мајоре, свесно, како научник ентомолог, верувам дека оваа пеперуга може да постои само на Галичица. Потоа ова убедување помина во митско претсказание. Претпоставувам дека, можеби, оваа пеперуга се одвоила од миграциското јато на пеперугите кои ја прелетувале Галичица. Се сеќавам на стиховите на една песна од еден француски автор: Papillon symbole de la liberté / sur le fil de barbelé.(Пеперугата симбол на слободата / врз трнот на бодликавиот тељ).

Ние, научниците, сме повикани да го проучуваме и да го толкуваме нашиот живот. Но, во него се мешаат провиденија, суеверие, митови и легенди. Тоа почнува тогаш когa завршуваат научните закони, но ретко се случува. Тоа не се вообичаени процеси туку исклучоци...“
„Мене, мајоре, верувале или не, ми се случи да се сетам на песната за летот на пеперугата кога свесно или несвесно се најдов пред бодликавиот тељ на границата, врз чиј железен трн стоеше таа, со раширени крилја - оваа пеперуга, пеперугата кралица е симбол на слободата.

Пеперугата ја прелета границата. Симболот ја продолжи својата порака - да заврши војната. Можеби е ова едно од можните толкувања на победничкиот лет на пеперугата“.

„Тито, мојот претпоследен херој“, Зоран Спасов Ѕоф, „Попули“

- Кажи нешто. Јас и така ќе умрам, ама барем да не умрам од досада - насмевката стана најширока, а јас уште еднаш се насмеав. -Само гледај темата да не е болест, тука сум тенок... - ми намигна. - Прашај што било или гукни, еве на пример кажи дали си затрескан во Србинката.

Мисли Мујо, мисли...Што да прашам, што да кажам? Во секунда низ глава ми протатнеа десетина теми, ниедна соодветна за ваков соговорник.

-Паааа...

Прво си реков да прашам нешто за неговиот приватен живот, ама немав храброст, читај газ.За политика сум дрво, знам нешто чат-пат за неврзаните и толку. За рок-музика и за спорт ми беше некако незгодно, мислам со Другарот Тито да си „часкаме“ за концерт на Бијело дугме? На крајот се сетив на муабетот со баба ми и некако сакав да дознам дали таа старица беше во право. Проблем беше што не знаев од каде да почнам.

-Другар Тито... - не довршив.

Тито не ме чу, погледна со очите лево-десно барајќи си ги пурите. Ме погледна в очи и со веѓите ме праша да не знам каде се сокриени.Не знам каква фаца сум направил, затоа што ме гледаше како да сум филадендрон, па продолжи да ги бара уште некое време за на крајот да се откаже.
- Глупав Словенец.Тој ги сокрил, мисли дека е најпаметен и дека нема да забележам.Не ме ни чуди - се сврте кон мене - Филип, знаеш ли ти дека повеќето Словенци мислат дека се најпаметни и знаеш ли кој е виновен за тоа? Јас. Ама аj, за ова ќе разговараме другпат.

А ако побарам предавање за создавањето на Југославија, лично од изворот? Ќе ме убие, ќе ме истера, или ќе ми каже нешто?

Се осмелив и го поставив прашањето гласно. Сакав да ја наметнам темата на баба ми.

- Сакаш историски или поетски? - ме меркаше со поглед а ла Џек Николсон. - Ај, еве една компилација на мое видување и историски факти.

Мое видување, ми вика. Ко да не беше тоа единственото битно видување.

- Уште во текот на војната, почна, како да предава лекција - одлучено беше во новата татковина сите народи да имаат свој идентитет, свој јазик и култура, свое управување.Успеаја рака да си подадат, историски гледано, најсилните, Србите и Хрватите, кои со векови го разгоруваа меѓусебниот антагонизам.Нивната заедничка победа над окупаторот ги направи единствени и силни.Треба да знаеш дека овие две држави ќе постоеја независно од исходот на Втората светска војна, но што ќе се случеше со твојата Македонија, Црна Гора, Словенија и Босна да не победевме? Ќе постоеја ли, или ќе беа анектирани или поделени со некој „мировен договор“? Е овој одговор го знаат само оние што беа на Јалта и во Техеран. Го знам и јас,но не сакам да го користам како аргумент и оружје. Во светот денес постојат развиени етнички заедници или „народи“ што се во состав на развиени држави и не можат да дојдат до „своја држава“. Оваа година Квебек преку референдум ќе се обиде да се отцепи од Канада и знаеш што? Нема да успее. Нема да успеат ни Шкотите, Каталонците,Тексашаните, слушам сакаат и Ломбардијците...Ако Тексас се отцепи некогаш, биди сигурен синко мој, дека јас во истиот миг ќе воскреснам - се насмевна Стариот и продолжи со очите да шара барајќи го местото каде што би можеле да бидат скриени пурите.


Кон претходните делови