Ритамот на тишината

08.07.2021 13:00
Ритамот на тишината

Затворете ги ушите и отворете ги очите. Замислете дека треба, отсега па натаму, да го восприемате светот низ призма на тишината. Со таков шок се соочува тапанарот Рубен Стоун во филмот „Звук на метал“, глумен од одличниот Риз Ахмед, кој еден ден се буди во своето комбе и забележува дека оглувел. Тој живее заедно со девојка му која пее и свири на гитара во неговиот бенд „Блекгамон“, а комбето го користат за превоз од еден град во друг, додека се на турнеја. Губитокот на слухот само ги начнува егзистенцијалните прашања кои ги занемарува Рубен, меѓутоа испливуваат на површина во мигот кога координатите на неговиот свет ќе се срушат.

Кога ќе се одземе едно од сетилата, кои се клучни за да може тој да ја извршува својата работна обврска, која преминала од пасија во начин на живот и обезбедување на некаква егзистенција, одеднаш го спречува да биде тоа што е убеден дека е. Филмот продира во неколку заедници, започнувајќи од метал сцената, преминувајќи во заедница за одвикнување од зависности и на крај во заедницата на глувите. Големината на актерскиот перформанс на Риз лежи не само во прифаќањето на предизвикот, да се излезе од удобноста на типизираните ликови, туку и да научи да удира на тапани, да го изучи знаковниот систем и да создаде начин, на кој, ликот ќе се движи и говори, со цел немирната душа да го манифестира бесот, кој го крие во себе и секој момент може да еруптира во надворешноста. Рубен е лик, кој слепо сака да се врати на животот кој го имал пред да го загуби слухот. Затоа инсистира на оперативен зафат и користење на апаратот за слушање. Се надева дека повторно ќе може да се врати по стапките на некогашното јас, иако заедницата на глувите му покажува дека животот не е еднонасочна улица. Дека постојат голем број убавини за кои треба да биде благодарен, да подзапре со својата упорност да се „излекува“. Да ги отвори очите и да погледне лево и десно, исклучувајќи се од бучавата на надворешниот свет и репрограмирајќи го животот по иницијалниот шок.

Инспирацијата за сценариото има свој корен од долгорочните турнеи на бендот „Џусифер“, а режисерот Дариус Мардер преминува од документаристика во играната форма, којшто методот на будно набљудување го применува и врз Рубен, опсервирајќи ги неговите постапки од аспект на непристрасен воајер. Даниел Буке не ја одлепува камерата од Риз, прикажувајќи го и во клаустрофобичното комбе, но и доловувајќи ја неговата изгубеност насреде отворениот простор во дворовите, кајшто е самотен, пресликувајќи ја неговата енергична актерска изведба преку снимање на неколку секвенци од рака.

Нема употреба на фокализација во прво лице, сé до последниот кадар, но затоа Николас Бекер, авторот на звучните ефекти, промовира слух во прво лице. Прави легура помеѓу вдишувањата и звуците на опкружувањето. Наслушнуваме придушени осцилации, влагуваме во кожата на протагонистот. Монтажерот Микел Е.Г. Нилсен создава рафинирано течение на дејствието, што не ни дозволува да го загубиме вниманието од незгодите на Рубен. Филмот, на музички план е пандан на исландскиот „Металка“ и „Камшик“ на Шазел, а паралели може да се направат и со „Борачот“ на Аронофски. „Звук на метал“ имаше богат фестивалски живот, завршувајќи со два заслужени оскари во категориите за најдобра аудио и видео монтажа. Филм за стивнување на бучавата од надворешниот свет и сослушување на потребата за иманентен спокој. Тишината како ропство, но и како ослободителка.

Оценка: 5

Извор: Филм+