Од ништо до никаде

08.07.2021 15:32
Од ништо до никаде

Случувањата во Европа на 20-от век покажуваат дека по секоја поголема револуција, како пропаста на Хабсбуршката монархија, револуционерниот пресврт во Русија или катаклизмата на германскиот рајх по Втората светска војна, уметноста ја подига главата со нови, исто така, револуционерни идеи и движења, облележувајќи го salto mortale на презреаната, класична, дворска уметност. Покрај тоа се појавува и екстремен уметнички револт против општествените случувања со наговестување на деконструктивизмот, нешто што ги урива правилата на конструкцијата, како во музиката и сликарството, така и во архитектурата. Правилата на конструкција на музичкото дело, со векови градени, разградувани и доградувани, беа урнати во еден момент, најпрво во Австрија со почетните обиди со серијалната музика на Ј. М. Хауер, а потоа со разорното влијание на А. Шенберг и Втората виенска школа и воведување на сосема нова музика без класична конструкција.

Сликарството на Егон Шиле, Оскар Кокошка или книжевноста на Роберт Музил укажуваат на нова визија и на уметноста и на општеството. Раѓањето на архитектонската школа и стил на модернизмот на Баухаус (1919) од една страна, со радикланата идеја на Валтер Гропиус за единството на сите уметности и подоцна со идејата на М. Бројер (1924) за користење на отфрлените метални цевки за производство на мебел, па функционализмот на Е. Мај сè до интервенцијата на нацистички настроените уметници со задача за величење на надчовечките моќи на ариевската раса, уривајќи ги познатите на доцниот романтизам во Германија, ѝ даваат печат на новата различна насока на уметноста. Најрадикалниот и најфрапантниот продор на модерната уметност се раѓа во Русија и СССР со конструктивизмот, со силно влијание и врз Франција, Италија, Германија и други европски држави, а со идеја на нов политички, економски (Нова економска програма) и уметнички профил во областа на архитектурата, ликовните уметности и книжевноста.

Зграда „Џинџер и Фред“, Прага, Френк Гери

Идеолошки концепт

Музиката на Мосолов, Протопопов, па дури и на Прокофјев (2 Симфонија деконструктивистичка), сликарството на Маљевич и Кандински, книжевноста на Замјатин (дистопискиот роман „Ние“) се обидуваат да го деконструираат класичниот модел на уметноста што исто така беше брзо потиснат и во времето на ждановистичката културна мисија на гушење на сè што е модерно, ненародно, штетно.

Конструктивизмот во архитектурата оставил значително посилна трага, која била прекината во триесеттите години на 20-от век во СССР со помалку зачувани објекти, а со повеќе фасцинантни проектни идеи и цртежи останувајќи во ништавилото на европскиот и светски хаос. Конструктивистичката архитектура како израз на модерноста (1920 – 1930), машински остра, настојувала да ја одрази индустрализацијата и новите индустриски материјали и технологии на Советскиот сојуз, отфрлајќи го декорот и класичните стилски обележја. Значително подоцнежната High tech архитектура на Заха Хадид или Ричард Роџерс, како и деконструктивизмот од бирото Химелблау многу му должат на Владимир Татлин, на Ел Лисицки, Константин Мељеников и другите конструктивисти од СССР. Од седумдесеттите години во Европа почнуваат обидите за напуштање на традиционалниот конструктивен архитектонски концепт. Наместо класичната формула на хоризонтала и вертикала, во архитекурата се појавуваат наведнати ѕидови, брановидни плафони и подови, неправилно наведнати столбови и неправилни отвори на фасадата кои ги нарушуваат конструктивните елементи. Така е оставен простор за нов тренд во архитектурата со фрагментирани, искршени и расшчленети објекти, без национални или регионални обележја на стилски идентитет – во сферата на никаде.

Деконструктивизмот како идеолошки концепт во уметноста, во филозофијата воопшто, јасно е дефиниран од францускиот филозоф Жак Дерида во текстовите „За граматологијата“ (1976) и „Пишување и разлика“ (1978) занимавајќи се со статусот на јазикот. Спорд него деконструктивизмот не е метод или систем, туку пред сè начин на читање и толкување на текстот, односно начин кој вклучува објаснување на протулогиката на она што првин се чини дека е логично и нормално. На пример, едноставната бинарна разлика (според Де Сосир) помеѓу природата и културата, со подлабоко разгледување може да се квалификува како несигурна во смисла на приоритет и хиерархија, т.е. прашањето е дали природата ѝ претходела на културата и културното искуство. Исто така, Дерида во музиката гледа искушение за бинарните разлики и дилеми за тоа кој од двата поима, на пример дисонанцата и консонанцата го разрешува другиот, како е кај романтичарите, а како кај модернистите.

Интернационален аеродром во Пекинг, Заха Хадид

Архитектура наопаку

Преведено на јазикот на архитектурата, бинарните разлики помеѓу содржината и формата, исто така, може да се толкува на двоен начин, дали содржината е постара од формата или формата ја диктира содржината, во зависност од кое становиште се дефинира толкувањето и за кого. Според традиционалната рецептура содржината е секогаш поважна и постара од формата, т.е. формата зависи од содржината. Според модерната рецептура, особено кај деконструктивистичката архитектура, формата ја диктира содржината. Тоа значи дека кај неа е демантирана класичната логика, односно воспоставена е противлогика на она што се чинело нормално и логично. Според архитектот деконстуктивист Френк Гери „деконструктивизмот не е нов стил во архитектурата или авангардно движење наспрема архитектурата или општеството, туку е ослободување на можностите за проектирање и играње со облиците, волумените и габаритите во архитектурата“.

Ова движење кое од осумдесеттите години на минатиот век зема сè поголем замав во светот, наспроти рационалниот ред на модернизмот и постмодернизмот, собирајќи ги најголемите имиња како Даниел Либескинд, Рем Колхас, Бернард Чуми, Петер Ајзенман, Заха Хадид и бирото Химелблау со седиште во Виена и Лос Анџелес. Дерида, Ајзенман и Либескинд како главен предмет на деконструктивистичката филозофија ја наведуваа метафизиката на сегашноста. Во духот на таа филозофија, деконструктивистичките дела на Френк Гери како музејот во Билбао, фондацијата на Луј Витон, или Лу Руво, центаротза лекување мозок во Лас Вегас, доградбата на класичниот Кралски музеј во Онтарио на Даниел Либескинд и бројни други, денес се предизвикувачки репери на модерната архитектура, кои ги заведуваат помалку способните архитекти да се обидат со лош деконструктивизам.

Делата на бирото Химелблау наговестуваат заклучок дека деконструктивизмот се наоѓа помеѓу ништавилото (метафизиката на сегашноста) и никаде (без регионален идентитет). Музејот на обединувањето во Лион, парламентот во Тирана, гондолата во Болцано, конгресниот центар Далијан во Кина и бројни другидела на овие велемајстори на архитектурата укажуваат на моќта на деконструктивизмот, кој со голем удел на новите технологии, успеја архитектурата да ја сврти наопаку, но токму поради тоа и да го предизвика деконструктивизмот. Наместо врз темелите и основите на приземјето, куќата стои на врвот на покривот. Сите стари рецептури повеќе не важат; наместо зградата да се покорува на потребите на луѓето – потребите на луѓето се покоруваат на зградата свртена наопаку, значи онака како што налага технологијата додека можниот архитект го потпишува фасцинантниот проект на зграда помеѓу ништо и никаде.

Извор: Политика 

ОкоБоли главаВицФото