Крвави минерали

12.07.2021 00:25
Крвави минерали

Конфликтните минерали се наоѓаат во џебовите, торбите и ранците кај речиси секој од нас. Вашиот мобилен телефон и лаптоп работат благодарение на ваквите материјали. Прекарот „конфликтни“ му го должат на своето потекло, затоа што најголемите наоѓалишта се сместени длабоко во воените зони на државите од Централна Африка, најмногу во ДР Конго.

До 2012 година, рудниците во најголем дел од оваа земја ги контролираа паравоени формации, кои со заплашување, убиства и силување ги тераа мажите, жените и децата да работат во нечовечки услови, а од профитот купуваа опрема и вооружување.

Господарите на војната

Крајот на дваесеттиот и почетокот на дваесет и првиот век беше крвав период во државите од централна Африка. Конфликтите помеѓу државите и граѓанските војни, воените и паравоените формации ширеа терор меѓу населението со една цел: контрола над африканскиот континент богат со ресурси.

Во периодот од 1998 до 2008 година во конфликтите на овие простори се убиени околу 5,4 милиони луѓе, процени меѓународната хуманитарна организација International Rescue Committee, што го прави најсмртоносен конфликт во светот после Втората светска војна.

Со процветот на електронската индустрија се отвори огромен пазар за металите од длабочините на африканските рудници, а богатите компании не прашуваа за цена. Во војната на изморените земји, диктатурата во свои раце ја земаа самопрогласени воени диктатори, мафијашки шефови и поединци алчни за пари.

Десетици групации со убивање, силување и киднапирање ги заплашуваа мештаните од селата, особено во источниот дел од земјата, за да ги натераат да работат во нечовечки услови за работа во рудниците. Во облаци од отровни гасови, без адекватна заштита, светлина, алати и одмор, возрасните и децата робови по 12 часа постојано на раце изнесуваа вредна руда за нивните семејства да добијат парче леб и да останат живи следниот ден.

Секако, „валканите“ минерали не им се продаваа директно на производителите на мобилни телефони и лаптопи. Камењата се шверцуваа од Конго во соседните држави, од каде им се продаваа на рафинериите на истокот од Азија. Таму минералите се „мешаа“ со други сировини и се обработуваа во употребливи компоненти, за потоа да им се продаваат на компаниите ширум светот.

Конфликтните минерали

Иако не се единствени, епитетот „конфликтни“ пред сè се однесува на четири елементи чии наоѓалишта се лоцирани во Конго: тантал, волфрам, калај и злато. Првите три „злогласни“ елементи во овој контекст, го добија прекарот „Три Т“.

Од сите наведени, најголем проблем и најмалку регулативи за транспорт има златото, кое истовремено е и најкористено. Златото за користи заради својата способност да спроведува електрони, односно струја, и тоа многу подобро од, на пример, бакарните или алуминиумските проводници. Оваа карактеристика е особено корисна во компактните електронски уреди како веќе споменатите мобилни телефони, лаптопи, таблети, фотоапарати и слично. Дури и поевтините варијанти на овие уреди содржат позлатени контакти за чипови или батерии, а големи се шансите дека, ако поседувате квалитетни слушалки, тие да имаат позлатен 3,5 милиметарски „џек“.

Танталот е метал кој се извлекува од темниот минерал танталит. Овој камен е тежок, па извлекувањето на оваа руда, од која се добива многу малку чист елемент, е особено тешко. Пред сè, танталот се користи за правење тантал кондензатори, веројатно најкористените кондензатори во потрошувачката електроника. Овие компоненти се употребуваат во уредите каде брзината и компактноста се од пресудно значење, како слушните апарати, пејсмејкерите и ГПС уредите, но и мобилните телефони, компјутерите и дигиталните фотоапарати.

Рудата каситерит е примарен извор на калај во Конго, метал кој се користи за лемење компоненти за електронски плочки. Исто така, овој елемент е во употреба пред сè во САД, за правење конзерви и фолии за храна, но е неопходен и во производството на ПВЦ цевки или боја со висок квалитет.

Волфрамот се копа од рудата волфрамит, и најмногу се користи заради својата голема густина и термичките способности. Од волфрамот се прават врвови за палки за голф, бургии и посебни машински брусеви. Исто така, волфрамот се користи во производството на противтенковска и муниција за пробивање оклопи, а дел се користи и во електрониката. На пример, вашиот телефон има волфрам во системот за вибрирање.

Дод-Франковиот акт

Олеснување на ситуацијата донесе реформата на Волстрит. Законот кој во 2010 година го потпиша тогашниот претседател на САД, Барак Обама, а го изгласа американскиот Конгрес, донекаде им отежна на компаниите да купуваат минерали добиени преку крвавите плеќи на африканските робови.

Таканаречениот Дод-Франков акт за заштита на потрошувачите им наложува на сите компании кои користат конфликтни минерали во своето производство, да ги известат потрошувачите за нивното потекло. И покрај тоа, истите компании и на надлежните органи мораат да им испратат годишен извештај за методите за утврдување на потеклото на минералите, со што процесот, барем теоретски, станува транспарентен. Со ова се отсекуваат каналите за финансирање на вооружените банди кои ширеа страв во Конго. Законот стапи на сила во 2012 година, а резултатите зборуваа сами по себе.

Како што наведува истражувањето на организацијата International Peace Information Service, до 2014 година, 70 проценти од рудниците во регионот Киву, најпроблематичниот дел од земјата пред донесувањето на резолуцијата, беше слободен од вооружени сили. Далеку од тоа дека актот го реши проблемот во целост, но буџетот за вооружените паравоени сили беше многу намален. Голем проблем сè уште е криумчарењето минерали, особено злато, кое како драгоцен метал законски е поинаку регулирано.

Од донесувањето на актот во САД, кои се најголем произведувач и потрошувач на електронска опрема во светот, слични акти донесе и Кина, а од 2016 година и ЕУ. Секако, ова претставуваше удар по џебот на електронските компании, кои лобираат ваквиот акт да се суспендира, наведувајќи дека има лошо влијание врз економската слика во светот.

Превод: Алек Кузмановски

Фотографии: Leonard Pongo

Извор: http://elementarium.cpn.rs/

ОкоБоли главаВицФото