Демони во споменикот на светицата

12.07.2021 13:22
Демони во споменикот на светицата

Можеби срамот на улица Македонија и може да се пренамени во храм, ама Ватикан мора да знае дека врз постамент – што ја блокира улицата кај плоштадот – во кој е вграден демонски материјал не смее да се стави име и лик на светица. Без разлика дали и колку таа ги штити и таквите, сепак тоа би било богохулие.

Два дена пред папата Франциск да дојде на скопскиот плоштад за да ја одржи светата миса, целиот ред градби од неговата десна страна беа покриени со огромно бело платно. За да го поштедат неговото здравје, и духовно и физичко, од бруталноста на глетката (карабини, шипки, скелиња, тараби, шут…) и, секако, од безбедносни причини: да не го убие туѓиот срам. Тоа со платното беше и веројатно ќе остане најголемиот зафат во справувањето со проектот „Скопје 2014“. Потоа папата прошета по улица Македонија и го виде храмот, според многумина срамот, на Мајка Тереза.

Не само Господ, туку и неговиот претставник на земјата гледа сè, иако имаше платно пред очите. Сега, две години оттогаш, кажал: споменикот на Мајка Тереза да се доизгради, а храмот да биде управуван од католичката црква и во него да се одржуваат служби. Барањето му било соопштено на претседателот на државата Стево Пендаровски во Рим на 24 мај, денот кога се одбележува делото на светите браќа Кирил и Методиј. Потоа Пендаровски го проследил до институциите на државата надлежни за натамошно постапување – министерствата за надворешни работи и за култура, Град Скопје и Општина Центар.

Кардиналите не можеле да направат покардинална грешка од оваа, особено со барањето во врска со споменикот. Но, има Господ: нашите институции надлежни за постапување ќе го разгледуваат, ќе се консултираат, ама никогаш нема да „постапат“ во овој случај. Тоа лесно може да се заклучи од досега приложеното: на почетокот Владата формира работна група за „Скопје 2014“, која препорача на тоа место да нема никаков споменик (значи да се урне), но не постапи по препораката; премиерот, откако ги слушнал граѓаните најави дека пролетва ќе го урне и, се разбира, не постапи според народниот глас; градоначалникот на Скопје се закани дека веднаш би ја урнал градбата, но не постапи зашто немал ни надлежност, ни кој да му потпише во Министерството за култура; Општина Центар би го решила, ама не постапува зашто немала институцинален капацитет за таков зафат; на крајот беше понудена постапка – конкурс за пренамена на објектот?! – со која барањето решение сигурно ќе се одложи на неодредено време. Може ли од ваквото непостапување, од префрлувањето на одговорноста на институциите да има некое фајде? Може.

„Споменикот“ почна да се гради како донација на фирмата „Сахара Индија“ во сопственост на индискиот бизнисмен Субрата Рој, во јануари 2013 година. Субрата беше осуден на затворска казна во Индија, поради тоа што измамил и оштетил голем број граѓани и инвеститори. Во Македонија остана рој криминалци кои го продолжија делото на „братот“ Субрата. Тогашниот премиер Никола Груевски (затворската казна ја издржува во хотел во Будимпешта), преку Министерството за култура, во октомври 2015 година почна со реализација на договорот вреден 5,5, милиони евра. Досега на градежната фирма „Бетон АД Скопје“ и се исплатени околу 2 милиони евра и договорот се уште е на сила.

Спомениците се градат за да ги потсетуваат идните генерации на важни дела на поединци, на групи или на големи историски настани. Дури некој некогаш да реши физички да го растури оној симболички поредок на плоштадот (имаше такви идеи), оваа градба треба да ја поштеди. Таа не треба ниту да се доградува, ниту да се урива, ниту да се пренаменува. Само треба да се прогласи за споменик и свечено да биде откриен на 30-годишнината од осамостојувањето. Зашто, сите градби околу личат на нешто и на некого, а ние како држава најмногу личиме на неа. Кога ја гледаш, не знаеш дали е на половина од уривањето или од градењето. Исто како државата. Ваков – краден, граден и недоизграден – „споменик“ ќе ги потсетува новите генерации на нашата неодговорност, алчност, на газењето на законите (дивоградба е), на кичот, на кражбите, на ширењето омраза во епидемиски размери, брзо и опасно како што се шири индискиот вирус (Субрата-сој). Накратко, таа бетонска наказа симболизира се што е спротивно на принципите, сфаќањата и на однесувањето на било кој пристоен човек, камоли на некој со мисија на Мајка Тереза.

Можеби срамот на улица Македонија и може да се пренамени во храм, ама Ватикан мора да знае дека врз постамент – што ја блокира улицата кај плоштадот – во кој е вграден демонски материјал не смее да се стави име и лик на светица. Без разлика дали и колку таа ги штити и таквите, сепак тоа би било богохулие.

Слики: Свирачиња

Извор: Слободен печат

ОкоБоли главаВицФото