Магијата на летните канибали

14.07.2021 01:12
Магијата на летните канибали

Во високите треви и шумите, во текот на летните ноќи во јуни и јули, патникот може да се најде во необична, навидум магична атмосфера - стотици светла треперат во тревата и грмушките.

Иако овие ноќни сцени се навистина фасцинантни, ако би постоел начин одеднаш да вклучиме светло, ќе видиме стотици црволики, не претерано убави тврдокрилци како летаат или се врткаат меѓу лисјата во близина на тлото.

Биолуминисценцијата со која животните ги повикуваат партнерите или му испраќаат сигнал на непријателот или на пленот, не е толку необична во природата, особено меѓу морските суштества, а битијата создаваат светлина на разни начини. Светулките тоа го прават благодарение на хемискиот процес кој се одвива во нивниот долен стомак, а за овој процес најважни се ензимите луциферин и луцифераза (од латински луцифер, оној што ја носи светлината).

Но, за разлика од другите видови кои трошат голем дел од енергијата зашто покрај светлина емитуваат и топлина, светулките се чудесно енергетски ефикасни суштества зашто речиси целата енергија ја претвораат во светлина, па затоа истражувачите нагласуваат дека тие произведуваат „студено светло“.

Најчесто, светулките светат две недели во јуни или јули кога со таквите сигнали го привлекуваат спротивниот пол. Кај различните видови светулки постои поинаква привлечност - некаде светат и мажјаците и женките, некаде само женките, а некаде само мажјаците. Исто така, некаде летаат само мажјаците, а кај некои видови двата пола имаат крила. Во секој случај, во светот на светулките, попривлечни се единките кои светат посјајно.

Освен како дел од сигнализацијата дека се слободни и отворени за запознавање, светулките ја користат биолуминисценцијата и за поинаква комуникација. На пример, со светлината ги бркаат предаторите - истражувачите велат дека е мошне непријатно да се изеде светулка. Можеби токму затоа што кај некои видови светат дури и нивните јајца доколку почувствуваат вибрација или допир.

Но, далеку од тоа дека биолуминисценцијата е единствената необична особина на светулките.

Животниот циклус им е мошне долг - трае една или две години. Но, поминуваат три недели закопани во јајцата во форма на пупка, додека периодот на ларвите често трае и по две години.

Главно, светулките се сурови предатори. Ларвите на светулките се хранат со видови кои се далеку поголеми од нив - најчесто јадат полжави и црви - и тоа така што полека ги разложуваат и ги цицаат. Но, постојат и такви кои со задоволство ќе изедат и друг вид светулки и тоа со надмудрување и измама - мимикрија. Тие ќе емитуваат светлина каква што емитуваат женките од конкурентскиот вид, па кога ќе привлечат конкурентски мажјак - ќе го изедат.

Од друга страна, кога некој друг вид ќе се обиде да изеде светулка, во моментот се активира таканаречено „рефлексно крварење“ - светулката испушта супстанца која е горчлива и отровна за многу видови, па главно се спасува така што ќе биде исплукана.

Целата планета ја населуваат разни видови светулки, освен Антарктикот. Но, и покрај тоа тие стануваат загрозен вид - најмногу заради вештачката светлина. Таму каде што има премногу светлина која ја создал човекот (а тоа е околу 23 проценти од планетата), има сè помалку светулки зашто меѓу целата светлина единките од спротивниот пол потешко се пронаоѓаат.

Превод: Алек Кузмановски

Фотографии: Takehito Miyatake

Извор: https://naukakrozprice.rs/