Промоција на „Вечно сегашно време“

28.12.2010 18:37
Vecno-segasno-vreme-za-okno.jpg

Во четврток (30 декември) со почеток во 20 часот во клубот ГЕМ (стара Чаршија) ќе биде промовирана книгата „Вечно сегашно време“ од Владимир Јанковски. Книгата е во издание на издавачката куќа Темплум.

 

 

Романот „Вечно сегашно време“ ја следи приказната за Ангела и Виктор, двајца ликови кои му пристапуваат на другиот како некој вид загатка која постојано се стремат да ја решат. Книгата ја истражува идејата за интимноста сфатена како постојан процес во кој поклопувањето, целосната сигурност и неотповикливата удобност се недофатливи.

Постојано користејќи ја играта како средство за соопштување порака на другиот или доближување до него, двајцата ликови во мошне прецизно конкретизираните места на Скопје комуницираат со другиот обидувајќи се односот колку што е можно повеќе да го онеобичат и да го ослободат од баналноста на секојдневието.

Романот е составен од 4 дела. Приказната во првиот и третиот дел е раскажана на реалистичен начин. Четвртиот дел е составен од една куса глава – епилог. Најголем простор зазема вториот дел, и тука приказната е раскажана на фрагментиран начин, со триесеттина глави, кои се случуваат во „вечното сегашно време“ на приказната меѓу Ангела и Виктор. Овие глави се напишани за да можат да функционираат и како мали заокружени целини, а секоја од нив нуди поинаква „дефиниција“ за тоа што љубовната врска меѓу Ангела и Виктор е и може да биде.

Промотор на книгата ќе биде Жарко Кујунџиски, а извадоци од книгата ќе прочитаат Искра Гешоска, Ксенија Чочкова и Снежана Велковска.

Во рамки на промоцијата, првите 25 лица кои ќе купат примерок од книгата ќе имаат можност да добијат подарок – артефакт-остаток од врската на Ангела и Виктор.

Владимир Јанковски е роден 1977 година во Скопје. Завршил општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“. Работел во Културен центар Точка и издавачката куќа Темплум. Во 2003 година ја објавил книгата Огледало за загатката, разговори со Влада Урошевиќ. Во 2010 му излегува романот Вечно сегашно време. Со фотографот Иван Блажев реализирал две книги: Лицата на невидливиот град (2010) и Скопје со широко отворени очи (2008).

Во продолжение прочитајте и извадок од првиот дел на романот:

(…)

– Ако се падне 1 тогаш одиме кај графитот „Дозволете им на илјадниците антени да процветаат“; 2 и 3 се за покривот на трговскиот центар; ако се падне 4 никогаш повторно нема да се сретнеме; ако се падне 5 и 6 одиме пред Католичката црква за да почнеме да го снимаме дишењето на неколкуте околни улички.

Почнаа од улицата 29 Ноември. Со вклучен диктафон, без да зборуваат, шетаа и снимаа. Ги собираа градски звуци.

Пред да се разделат му раскажа дека има колекција со звуци од шеесетина светски градови. Секогаш кога нејзин познајник одеше надвор од Скопје добиваше задача барем еден саат да ги снима звуците на градот во кој ќе престојува. Тоа беа секојдневни звуци, уловени додека авторот шетал низ улици и паркови на градот, звуци од трговски центри, подземни метроа, хотелски балкони и ходници, чекални на железнички станици или аеродроми.

Нивните средби продолжија со снимените звуци.

– Нешто како патување без да се напушти станот.

Ги слушаа во затемнетиот стан на Ангела и не зборуваа ништо, изведувајќи ги малите ритуали на заедничкото споделување на времето.

Јадеа со звуците на Токио, а нивните голи тела на тепихот се мешаа со вревата на пазарот во Техеран. Гледаа еден во друг додека женскиот глас ги најавуваше авионите што треба да слетаат на Шарл де Гол. Лежеа на креветот препуштени на раното лето, а околу нив се ширеше вревата на некоја плажа во Малага. Заспиваа, секој на различен дел од креветот, додека во спалната бучеше метрото во Лондон. Ги учеа немите погледи на другиот со звуците на зоолошката градина во Лион. Откриваа бемки на телата во смирениот и едноличен ритам на железничката станица во Солун. Го слушаа дишењето на другиот измешано со синкопираните звуци на црвената зона во Штутгарт.

Се навикнаа она што го прават да зависи од звуците на градот што во тој момент го населуваа станот. По некое време, можеа да јадат само во тишината на непознатиот парк во Токио. Им беше незамисливо да бидат облечени доколку од звучниците се шират звуците на Будимпешта. Уживаа во оддалеченоста на телата додека околу нив гракаше Каиро. Звуците ги моделираа нивните движења, на еден начин допирите се случуваа низ хаосот на пазарот во Есвахан, на сосема друг во хаосот на пазарот во Загреб. Се тушираа заедно со мирните звуци од улиците на Дубровник, а гледаа телевизија со исклучен тон опкружени со шумот на непознатите улички на Хамбург.

Во овие денови тишина им беше толку природна форма што секој изговорен збор, во станот или надвор, личеше на учење нова азбука. Сеќавањето, тие денови ги задржа како серија од фотографии.
Фотографии, места на кои зборовите се поразени од сликите.

Тој седнат на саката клупа во празен парк, нејзините ножни прсти ги осветлува месечината. Го допира нејзиното лице, меѓу нив паѓа чаша со портокалова течност. Една жена се двоуми да стапне на пешачки премин, улицата е пуста, сонцето силно, жената отвора голем чадор, Ангела и Виктор ѕиркаат од влезот на зградата отспротива. Штрбава клупа, на клупата Ангела зборува, зад нив голема жална врба со црвено обоено стебло. Соба, вклучен телевизор, показалецот се шета по неговиот грб, низ целата просторија расфрлани искинати цвеќиња. Пред излог во продавница, тие зборуваат, меѓу нив паѓа авионче од хартија. Трговски центар, со едната рака му ги покрива очите, во другата држи џиновски жолт плик. Нејзината рака е испружена кон неговото лице, во десниот агол еден автобус нагло закочува. Водно, го гледаат градот, од работ на металната канта розова пластична чаша ги гледа нив. Турска чаршија, нејзината рака како мало човече се одмора врз неговото рамо, пред нив една неприродно збрчкана старица со раширен чадор скокнала триесетина сантиметри над калдрмата. Рузвелтова, нивните стапала газат врз машка и женска силуета нацртани со виолетова креда на асфалтот. Запалка, пепелник, истуткана автобуска карта, рака која наскоро ќе ја зграпчи надлактицата на другиот. Легната на подот во фетус положба, тој стои над нејзината глава со чаша млеко во раката. На клупа во парк, Ангела мижи, од устата и’ излегува голем црвен крин. До пола испушена цигара, показалецот ја допира опашката на мачката која зјапа во Виктор. Кујна, тој ја гледа во очите, таа ги наредила трошките од лебот за да напишат два збора. Гола пред огледало, на местото на левата дојка стиска гнил портокал. Рекламно пано за минерална вода, велосипедист на семафор, долу на тротоарот ставен диктафон со притиснато play, го поставила показалецот врз клепката на десното око. Галерија, големата стрелка е насликана на подот, пред едно платно стои човек облечен во костум на морков, Ангела сериозно му се обраќа на Виктор. Соба осветлена од телевизорот, таа ги залепила усните на аквариумот, љубопитната црвена рипка се обидува да влезе во нејзината уста. Соба осветлена од телевизорот, таа зборува, тој го набљудува врапчето на симсот. Кујна, тој ја допира чашата со сок, таа со слаткото од капини напишала нешто врз палачинката пред неа. На ширината пред средно медицинско, Ангела купува кифла, покрај сендвичарницата црвени ракавици, малиот прст покажува кон небото, Виктор гледа во спротивна насока, кон рапавиот асфалт. Разговараат пред излог на продавница, разлеаните одрази од стаклото ги имитираат нивните реакции, само внимателното око може да забележи дека неговото лице е малку напукнато. Вечер, седат во колата и го слушаат дождот. Во ресторан, Ангела става сол во храната, на масата до нивната фотографија на дете, ја држи старечка рака, Виктор се подготвува долго да молчи. Соба осветлена од телевизорот, раката се одмара врз голиот стомак, расфрланите алишта наоколу направиле човек од партали.

Долго потоа Виктор веруваше дека нивната приказна се случува во некое вечно сегашно време.

 

ОкоБоли главаВицФото