Ритамот на бунтот: Дали музичарите можат да заработуваат од стриминг

16.07.2021 01:47
Ритамот на бунтот: Дали музичарите можат да заработуваат од стриминг

Кога почна пандемијата минатата година, британската музичарка Надин Шах одеднаш останала без никакви приходи. Концертите беа откажани, па на 34 години морала да се врати во родителскиот дом, на североисточниот брег на Англија.

„Бев финансиски осакатена“, вели таа.

Како и музичарите ширум светот кои скршнаа од својот професионален пат и зјапаат во амбисот на сопствената сметка, Надин Шах почнала да размислува за својата уметничка кариера. Пари од стримувањето на нејзините песни на сервисите како што се Спотифај и Епл Мјузик речиси и немало, „туку повремено само по некоја фунта“. Затоа таа им се придружи на другите обесхрабрени музичари во организирањето на бунтот. Минатата есен зборуваше пред парламентарниот комитет кој ја истражуваше економијата на стримингот и најави дека би можело да дојде до измена на законот.

Надин е еден од гласовите кои предводат нешто што би можело да се нарече референдум за музичката индустрија. Во Британија има повеќе од 150 уметници, вклучувајќи ги и ѕвездите како Пол Макартни, Кејт Буш и Стинг, потпишаа писмо во кое од премиерот Борис Џонсон бараа реформи во економијата на стримингот. Во САД се појави нова група за притисок, Синдикат на музичарите и придружните работници, и отпочна агресивна кампања против Спотифај, барајќи повеќе пари. Условите во договорите на дискографските куќи со уметниците, како што се тантиемите и сопственоста над песните, се под поголема лупа од кога било. Дури и сметководството се доведува во прашање.

Барањата на уметниците се проткаени со бес и анксиозност заради деградацијата на креативниот труд. Но музичарите немаат преголеми шанси во оваа битка.

И покрај солидарноста меѓу постарите и независните уметници, најуспешните поп музичари главно молчат.

И, иако многу музичари сметаат дека Спотифај е најголем непријател, пресвртот кон стримингот во минатата деценија сепак успеа да го врати растот на индустријата, после годините финансиско (пр)опаѓање.

Стримингот е заслужен за 83 проценти од приходите од сета снимена музика во САД. Спотифај, кој во моментов има 356 милиони корисници ширум светот, вклучувајќи 158 милиони од оние што редовно плаќаат претплата, минатата година им исплати пет милијарди на сопствениците на права.

Клучот е во начинот на распределба на тие пари. Големите дискографски куќи - во Америка познати како „мејџори“ - пријавуваат огромни профити. Но голем дел од овие пари никогаш не стигнува до музичарите, наведуваат активистите, а моделот што го негуваат главните платформи ги наградува големите ѕвезди и ги запоставува сите останати. Со голем дел од музиката која се објавува повеќе од кога било, велат тие, речиси стана невозможно уметникот кој не е ѕвезда да заработи за живот и за сметки.

Спотифај, Епл мјузик и повеќето други платформи го користат таканаречениот „про рата“ систем за дистрибуција на тантиеми. Според овој модел, целиот износ собран од претплатниците или огласите за еден месец оди во еден „пот“, кој потоа се дели според вкупниот број стримувања.

Ако, на пример, Дрејк има пет проценти од сите стримови тој месец, тогаш тој (и компаниите кои ја дистрибуираат неговата музика) добива пет проценти од вкупната сума - што значи дека, практично тој добива пет проценти од износот на секој корисник, дури и од оние кои никогаш не пуштиле ниедна негова песна.

Овој систем, велат критичарите, им дава предност на музичарите кои веќе имаат масовна поддршка.

Проценките велат дека Спотифај плаќа околу 4 000 долари на милион стримови, односно помалку од половина цент за еден стрим. А бидејќи тие пари мораат да поминат преку дискографска куќа пред да стигнат до уметниците, тоа значи дека музичарот кој сака да заработи нешто смислено, мора да има стотици милиони стримови.

Синдикатот го повика Спотифај да плати еден цент за еден стрим, што би било невозможно според моменталниот модел кој го негува Спотифај.

Во март Спотифај објави извештај со детали за структурата на плаќањата, како одговор на повиците да биде потранспарентен. Спотифај смета дека овој извештај докажа дека тие одвојуваат голем дел од приходите и дека сè повеќе уметници заработуваат значајни суми. Минатата година, 870 уметници генерирале повеќе од милион долари, што е двапати повеќе од 2017 година, соопшти компанијата.

Повеќе од 100 000 долари добиле 7 800 музичари и бендови.

Многу уметници и критичари гледаат нешто друго во сите овие бројки. Бројот на уметници кои добиле повеќе од 1 000 долари бил 184 500 - но бидејќи на Спотифај профили имаат повеќе од шест милиони уметници, тоа значи дека 97 проценти од нив не успеале да го достигнат тоа ниво.

Во октомври Комитетот за дигитални медиуми, култура, медиуми и спорт на Британскиот парламент отвори истрага за економијата на стриминг музиката. Се очекува нивниот извештај да биде објавен наскоро.

Многу музичари сметаат дека кампањата доби многу повеќе внимание отколку што очекувале, а тоа ги охрабрува.

Превод: Алек Кузмановски

Слики: Judy Riolа

Извор: New York Times/International report

ОкоБоли главаВицФото