Роман на годината 2020: „Јаничари“ и „Распетието на мојот татко“ (18)

16.07.2021 09:00
Роман на годината 2020: „Јаничари“ и „Распетието на мојот татко“ (18)

Наградата „Роман на годината“ ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“, под генерално покровителство на „Комерцијална банка“ АД.

Добитник на наградата за 2020 година е романот „Скриени желби, немирни патувања“ од авторот Владимир Јанковски.

„Окно“ објавува извадоци од пристигнатите романи на конкурсот.


„Јаничари“, Луан Старова, „Три“

Откривањето на големите јаничари, од пазувите на секој поробен балкански народ, не беше лесна задача. Од нивните анонимни или забранети животи не можеше да се дознае многу. И тие што се искачувале до самите врвови на царството, останати со испразнети души, иaко исполнети со подвизи на бојното поле, брзо завршувале во заборав.
Но како да се дознае повеќе за нив, за големите јаничари кои имале пресудна улога во времето на подемот и падот на Османското Царство?

Патот водеше кон милетите, заедници на кои Царството им признавало религиозна и јазична автономија. Ги имаше многу: Турци, Туркмени, Татари, Курди, Арапи, Лази, Грузијци, Ерменци, Евреи, Грци, Срби, Албанци, Бугари, Власи, Црногорци и други.

Овие главно религиозни и јазично самостојни заедници, со текот на времето, кога ќе се наѕира крајот на Османската Империја, ќе се кристализираат во национални идентитети, како: грчки, српски, бугарски, албански и други. Од нив ќе произлезат и познатите јаничари, понекогаш растргнати меѓу императивите на Царството и сопствениот народ.
Колку и да се настојувало од јаничарските архитекти на нивната судбина, од воените обучувачи и дервишите бекташи да се моделира испразнетата душа според еден заеднички урнек, ќе преовладува пароксизмот на задржаното индивидуално во дното на душата, често обележано од родното семејство и отсутната етничка заедница.

Различни биле судбините на видните јаничари. Албанскиот јаничар Скендербег, спротивставувајќи ѝ се на таквата своја судбина, ќе му се врати на сопствениот народ организирајќи го најголемиот отпор што ќе ѝ биде приреден на Османската Империја пред ѕидиштата на Европа. Мехмед Али станал последниот „египетски фараон“. Босанскиот јаничар и голем везир Мехмед-паша Соколовиќ ќе владее во времето на тројца султани. Интересна била судбината и на грчкиот јаничар, познатиот османски везир Тарик -паша, како и на многу други.

Во текот на шест века огромната Османска Империја ќе ги наметне својата моќ и власт на три континенти и седум мориња. Во големото царство се наоѓале светите места на трите монотеистички религии, владеел мозаик од јазици, народи, култури, модел каков што не постоел во дотогашната историја на човештвото.

Работејќи на својот ракопис Историја на Балканот низ падот на империите, Татко се сметаше за повикан, па предложи да говорат секој од своја страна за покренатото прашање за големите јаничари на одделните балкански народи, издвојувајќи ги според посебните обележја на животите што ги издвоиле од едноличната јаничарска маса.

„Замисли, мој Камилски, за шествековната империја беше потребен само еден век за да доживее пропаст и да исчезне од европската и светската историска сцена!“ - рече Татко.

„Распетието на мојот татко“, Зоран Стојаноски, ПНВ Публикации

На почетокот на следната 2001 година, во првите денови на јануари, Анте го доби првото писмо и фактурата за трошоци за своето второ дете, ќерката Марија. Тој беше сам во канцеларијата кога го читаше писмото. Кога го отвораше почна да трепери, менуваше бои на лицето, се препоти. Што ли пишува? Каква неизвесност носи ова писмо? Како што го читаше писмото, така и го менуваше изразот на лицето.Големите капки пот од челото се тркалаа по лицето и паѓаа на подот. Кога заврши со читањето го стегна писмото на градите и прошепоти „Ти благодарам Господе, живо е!“ Седна на работниот стол и длабоко дишеше неколку минути. Не знаеше што да прави, го облеа радост. Сакаше да ѝ се јави на Ингрид, да ја израдува, но се плашеше да не ја вознемири и да не ѝ ја влоши здравствената состојба. „Не смеам тоа да го направам! Докторите во болницата ѝ кажаа дека детето е живо и каде се наоѓа, но таа упорно не сака да го прифати тој факт. Едноставно, уште ја држи шокот. А кога ќе помине, ќе се обидам да ѝ објаснам каде е Марија“, се сети на договорот. Потоа ја погледна фактурата, 8.250 евра за престој и лекарски прегледи. „Не е проблем, ќе подигнам мал кредит“, си помисли во себе Анте. „Господе, многу, многу ти благодарам!“, уште еднаш гласно повтори, стана, го облече црниот капут од зад вратата и излезе од канцеларијата.

По една седмица, доби уште едно писмо, повторно од Италија. Кога го зеде од поштенското сандаче што беше веднаш до влезната врата од канцеларијата, не го отвори писмото, бидејќи веднаш по него влезе Гунар, неговиот колега. Попладнето кога си одеше дома, влезе во колата и почна да го чита писмото на паркингот. Овојпат писмото беше од надбискупот Пиетро. Анте со внимание читаше и правеше гримаси со лицето и очите. Откако го прочита првиот лист го зеде и вториот, тоа беше Договорот меѓу Торинската надбискупија во чијашто сопственост е манастирот „Света Марија“ застапуван од надбискупот Пиетро и Анте Костов, татко на штитеничката Марија Коста. Анте од Договорот разбра дека по третата година, еднаш на секои три години ќе може да ја види Марија и до осумнаесеттата година се откажува од старателството во корист на Надбискупијата, односно на чесната сестра Ана. На Анте тешко му падна ова, се разочара. Ја потпре главата на воланот и долго, долго размислуваше.„Само нека е жива и Господ нека ја чува, ќе поминат годините“, прошепоти Анте, го запали автомобилот и замина од паркингот.

Еден јунски ден, само што се врати од работа во доцните попладневни часови виде горчина и бес во очите на Ингрид. „Здраво, нешто се случило?“, ја запраша Анте. Остриот поглед од Ингрид кажуваше сѐ: „Само што се вратив во нормалниот живот, а денес ова ми се случува. Го добив извештајот од осигурителната компанија.Убиецот на моето дете е твој „земјак“ од Босна и Херцеговина! Дали животот си поигрува со мене? Мојот сопруг и таткото на мојот син и убиецот на мојата ќерка се сограѓани од иста земја. Јас не ги сакам овие крвави пари! Размислував и одлучив парите да ги донирам на хуманитарни фондации во твојата земја.Те молам, утре да појдеме во амбасадата на БиХ и да ни предложат вакви фондации и да ги уплатам парите на нивните сметки“, му одговори Ингрид.


Кон претходните делови