Сто години од раѓањето на Крсте Црвенковски

16.07.2021 16:22
Сто години од раѓањето на Крсте Црвенковски

Крсте Трајков Црвенковски (Прилеп, 16 јули1921 – Скопjе, 21 јули 2001) е македонски револуционерен деец, учесник и организатор на антифашистичката и национална борба на македонскиот народ, врвен македонски политичар и дисидент.

Во комунистичкото движење се вклучил уште како гимназијалец, станувајќи член на СКОЈ во 1935 година. За време на Втората светска војна, учествувал во нападот на участакот во Прилеп на 11 октомври 1941 година. Бил партиски комесар на партизанскиот одред „Гоце Делчев“ и заменик комесар на Првата македонско-косовска бригада во 1944 година. Во меѓувреме го издавал весникот „Братство“ во Гостивар, а по предавството бил уапсен и затверен во Тирана од каде избегал во 1943 година. Крсте Црвенковски користел повеќе псевдоними како: Стево, Jанко, Богумилски. По Ослободувањето извршувал високи политички и државни функции во Републиката и Федерацијата. Поради барањето за поголема самостојност на републиките во СФРЈ, дошол во судир со официјалната политика и во 1974 г. бил разрешен од сите функции и пензиониран. Носител е на повеќе одликувања меѓу кои: орден Народен херој и на Партизанска споменица 1941.

Крсте Црвенковски е роден на 16 јули 1921 година во Прилеп, во семјство на занаетчии. Во родното место завршил основно училиште и гимназија. Уште на самиот почеток на своето гимназиско образование, извесно време работи во тутунскиот монопол во Прилеп, каде контактирал со истомисленици и ги формира релативно рано своите политички ставови. Во 1935 година, примен е во Сојузот на кумунистичката младина на Југославија (СКОЈ). Со 14 години, почнал да ја шири партиската идеологија меѓу гимназијалците, формирајќи читалишта. Во 1939 година бил примен во КПЈ и во Месниот партиски комитет во Прилеп.

По завршувањето на гимназијата во 1939 година, Крсте се запишал на Филозовскиот факултет во Скопје, а по налог на партијата работел со партиската техника. Во октомври месец по курир испратил илегален партиски материјал за Месниот комитет во Прилеп. Предаден од курирот кој бил фатен на пат кон Прилеп, Крсте бил изложен на полоцискиот прогон и преминал во илегала.

Веднаш по фашистичка окупацијата на Југославија се вклучува во подготовките на оруженото востание и станува политички комесар на Прилепскиот партизански одред „Гоце Делчев“. Со одредот учествувал во нападот на участокот во Прилеп на 11 октомври 1941 година. Истата година во село Царевиќ, Прилепско, Крсте Црвенковски ќе го одржи првиот партизански митинг во Македонија, на кој ќе ја објави Платформата на Народноослободителната борба.

Кога одредот бил расформиран, извесен период бил илегалец во Скопје, а потоа бил упатен на работа во западна Македонија, која била под италијанска окупација. Бил поставен за секретар на Окружниот комитет на Кумунистичката партија во Тетово, во илегала го издавал весникот „Братство“ и други партиски пропагандни материјали. Во септември 1942 година, по предавство извршено во Гостивар, уапсен е од италијанската полиција и откако не успеваат да извлечат информации за него, бил одведен во затворот во Тирана.

По два неуспешни обиди, Црвенковски успеал да избега со 27 затвореници низ ископан подземен тунел, во април 1943 година. На почетокот се приклучил на еден албански партизански одред, а потоа се префрлил во западна Македонија. Повторно бил активиран на истиот терен како секретар на првиот Областен комитет на КПМ. По капитулацијата на Италија бил поставен за организационен секретар на СКОЈ за Македонија. Во декември истата година, во својство на член на ПК на СКОЈ, раководол со Основачкот прв конгрес на Народноослободителниот младински сојуз на Македонија (НОМСМ) во Фуштани. Избран е за секретар а подоцна и претседател. Во февруари 1944 година учествувал во богомилскиот поход, а неколку месеци подоцна бил поставен на местото заменик политички комесар на Првата македонска бригада.

Јосип Броз Тито и Крсте Цервенковски

По ослободувањето, Црвенковски вршел високи политички и државни функции во Републиката и во Федерацијата меѓу кои: член и претседател на Владата на НР Македонија, министер за образование и култура во Владата на СФРЈ, пратеник во Сојузната скупштина и Собранието на Македонија, политички секретар на ЦК на КПМ, член на Извршното биро на ЦК на СКЈ и потпретседател на Претседателството на СФРЈ од 1971 до 1974 година.

За член на Централниот комитет на КП Македонија бил избран на Првиот конгрес на КПМ во јануари 1948 година, а во 1951 година е избран за организациски секретар. Во 1958 бил избран за сојузен секретар за просвета и култура во тогашната сојузна влада. Бил член на Бирото на ЦК на СК Македонија и оргазнизациски секретар на ЦК СК Македонија од јули 1963 до март 1969 година.

На Осмиот конгрес на СК Југославија, одржан од 7 до 13 декември 1964 година бил избран во Извршниот комитет на СК Југославија, а во јуни 1966 година бил именуван за претседател на Комисијата за испитување на работата на државната безбедност со која раководел Александар Ранковиќ. Комисијата била формирана со цел да се острани преголемата моќ на Ранковиќ која му ја обезбедувала тајната полиција. Со отстранувањето на Ранковиќ од раководната функција во 1966 година, доаѓа до либерализација во Југославија.

Непосредно по сменувањето на Ранковиќ, се создадле поволни услови за обновување на Македонската афтокефална православна црква како самостојна. Во пролета 1967 година се одржала средба на високи државнопартиски функционери од Македонија и Србија, како и преставници на федерално ниво. На состанокот на кој присуствувале Петар Стамболиќ, Драги Стаменковиќ, Вељко Влаховиќ, Едвард Кардељ и Михајло Тодоровиќ, а од македонска страна Крсте Црвенковски и Никола Минчев, и покрај одредени резерви кои ги искажале српските преставници, било едногласно решено да се поддржи создавањето (обнувувањето) на самостојна афтокефална Македонска православна црква.

Во пролета 1969 година, повторно бил повикан на работа во Белград, во новоформираното Извршно биро на ЦК на СКЈ. Во овој период Црвенковски станува член на Претседателството на СФРЈ, а во периодот јуни 1971 – јуни 1972 е и потпретседател на Претседателството. За разлика од другите македонски политичари од тоа време, Црвенковски за време на својот мандат се залага за поголема самостојност на републиките и почитување на Македонија во рамките на Југословенската федерација. Во овој период тој им дава поддршка на предводниците на Хрватската пролет и се судира со официјалната политика на СФРЈ по што бил обележен како дисидент.

Во периодот на пресметката на Централното југословенско раководство со „либералите“, како главен носител на либерализацијата во Македонија, Црвенковски ќе биде една од главните жртви. Македонското државно раководство, на затворен состанок одржан во декември 1972 година, остро ќе го критикув Црвенковски за искажаните ставови. На седница на ЦК СКМ, одржана во јануари 1973 година, под притисок Црвенковки ќе ретерира и ќе биде самокритичен на своите ставови, по што ќе му биде дозволено да го заврши својот мандат на местото член на Претседателството на СФРЈ. По завршувањето на мандатот во мај 1974 година, Црвенковски како политички неподобен ќе биде целосно маргинализиран, разрешен од сите функции во Федерацијата или во Републиката и пензиониран и до распадот на Југославија нема да врши никаква јавна функција.

Крсте Црвенковски (во средината) 1989 г.

Крсте Црвенковски кој бил во највисоките политичко партиски и државни функции, политички и припаѓал на помладата политичка елита која била реформаторски и демократски настроена. Во времето на партиското едноумие, со либерални ставови тој го отвори прашањето на демократски дијалог. Наместо воспоставената комунистичка догма, Црвенковски понуди аргументи и нов поинаков поглед на националното прашање и репавање на економските проблеми. Тоа беа погледи на поинаков модел на државното и општественото уредување. Тоа беа погледи кој ги подоцна ги отворија процесите на граѓанската демократија, а кои се случија во деведесетите години.

На почетокот деведесетите години, кога едноумието почнува да се заменува со повеќепартискиот плурализам, заедно со Славко Милосавлевски станува дел од Иницијативниот одбор за формирање на Социјалдемократската партија на Македонија, но набрзо се повлекува уште пред да биде формирана партијата.

Остатокот од животот го поминува пишувајќи мемоарски записи. Како публицист и аналитичар на политичкото и националното движење во Македонија ќе објави повеќе дела: „Проблеми на реформата на универзитетот“ (1959, на српскохрватски јазик); Сојузот на комунистите на Македонија и демократизацијата на општеството“ (1971); „Во одбрана на македонската кауза“ (1989); „Подводни гребени на политиката: разговори со Крсте Црвенковски“ (1993) „Нашиот поглед за времето на Колишевски“ (заедно со Славко Милосавлевски) (1996); „На браникот на македонската самобитност: материјали од политичките разговори за македонското прашање“ (1999) и „Заробена вистина“ (објавена постхумно, 2003).

Починал на 21 јули 2001 година во Скопје. Носител е на Партизанска споменица 1941 и на други одликувања. Одликуван е со орден Народен херој на 27 ноември 1953 година.

 Извор: mn.mk