Научниците шокирани од интензитетот и размерот на поплавите во Германија

17.07.2021 01:29
Научниците шокирани од интензитетот и размерот на поплавите во Германија

Поплавите во Германија ги шокираа научниците кои се занимаваат со климатските промени. И покрај нивните сознанија за неволјите што ги носат климатските промени, останаа затекнати од интензитетот и размерот на елементарните непогоди кои ја погодија планетата. После смртоносниот топлотен бран во САД и Канада, каде температурите пред две недели пораснаа над 49,6 степени, потопот во централна Европа дополнително ги разбуди стравовите дека климатските пореметувања, предизвикани од човечките активности, предизвикуваат екстремни временски неприлики во поголем обем и порано од предвиденото.

Во сојузните покраини Порајна Фалачка и Северна Рајна Вестфалија, после рекордните поплави дојде до излевање на бројни потоци и реки. За размерот на поплавите најдобро сведочи податокот дека се поплавени делови од Порајна Фалачка и Северна Рајна Вестфалија, а резултатот од тоа се најмалку 93 загинати и десетици илјади поплавени домови. Во рок од само 48 часа наврнаа 148 литри дожд на метар квадратен. Заради споредба, тој дел од Германија вообичаено се соочува со 80 литри дожд во цел јули. Научниците постојано предупредуваат дека човечките активности ќе предизвикуваат сè повеќе поплави, жештини, суши, бури и други форми на екстремни временски прилики, но последниве, особено апокалиптични настани, за жал ги надминаа и најпесимистичките очекувања.

„Изненаден сум од овие бројки. Рекордите се соборени во голема мера. Сега влеговме во непосакуван домен, и тоа порано од предвиденото“, рече Дитер Гертен, професор по климатологија и хидрологија на глобалните промени на Постдамскиот институт за истражување на климатските влијанија.

На научниците ќе им треба повеќе време за да проценат во која мера човечките постапки се причина за временските непогоди во Германија, но уште сега тврдат дека рекордните поплави се во склад со пошироките светски трендови.

Ублажувањето на последиците од климатските промени е едно од темелните прашања со кои се занимава Европскиот парламент. Во јуни 2021 година, со усвојување на европскиот пропис за климата, Парламентот отвори пат за други амбициозни цели, намалување на емисијата на гасови со ефект на стаклена градина во Европа за 55 проценти до 2030 година и постигнување климатска неутралност до 2050 година.

„Со климатските промени очекуваме сите хидрометеоролошки крајности да станат поекстремни. Иако бројките се поголеми од она што го очекувавме, она што го видовме во Германија главно е во склад со тој тренд“, рече Карло Буонтемпо, шеф на одделот за климатски промени на институтот за одржлив развој Коперник, во холандскиот Утрехт.

Во прилог на неговата теза оди и податокот дека седумте најтопли години, откако се мерат температурите, се случија од 2014 година до денес, а се смета дека таквото затоплување е предизвикано од издувните гасови од моторите, горењето на шумите и други човечки активности. Компјутерските модели предвидуваат дека рекордите ќе се рушат сè повеќе и на сè повеќе места ширум планетата.

„Кога зборуваме за екстремните температури, бурите и поплавите, САД и западна Европа често се во центарот на вниманието на медиумите, но вонредни жештини видовме и во северна Европа и Сибир. Не станува збор за локализирани инциденти, туку за глобални промени кои можат да се забележат на секој агол од светот“, предупредува Даниел Свејн, климатски научник од универзитетот во Калифорнија.

Така во Лапонија и во делови од Сибир во јуни исто така се забележани рекордни жештини, како и во многу градови во Индија, Пакистан и Либија. Предградијата од Токио ги погодија најсилните дождови откако се почнати мерењата, а количината дожд која е вообичаена за еден месец во Лондон, во јули годинава падна во градот во само еден ден.

Превод: Алек Кузмановски

Извор: https://www.jutarnji.hr/

ОкоБоли главаВицФото