Џони Мичел и јас

17.07.2021 09:50
Џони Мичел и јас

„Не можев да се сретнам со луѓе а да не се расплачам“, раскажува Џони Мичел за периодот кога го напишала албумот „Blue“ (Сино), нејзиниот најпознат албум кој излегол на 22 јуни пред 50 години. Како и секоја писателка во обид го знам „Blue“ наизуст, иако го сакам само 20 од тие 50 години. Никогаш не сум била во Калифорнија, не сум живееле во текот на сексуалната револуција и не знам колку е болно да го дадеш своето дете на посвојување. Но тој албум ме следеше од детството до зрелото доба, сè додека не се поистоветив со него.

Во есејот за Џони Мичел, Меган Дуам пишува за неспоредливиот статус на овој албум: „Фразата Џони и јас напишана е милиони пати во дневниците не девојките, оние тетратки со ливчиња од цветови низ страниците...Многу жени родени во втората половина на 20-от век, секој од своите животни настани го врзуваат со некоја од песните на Џони Мичел.

И јас сум од тие жени. Првпат ја слушнав „The last time I saw Richard“, последната песна од албумот, кога нелегално ја симнав од Непстер на компјутерот на татко ми (извини Џони, иако заради таа песна подоцна го купив целиот албум). Во тоа време, симнувањето на една песна од интернет траеше повеќе од еден час, па ако тоа била песна што никогаш не сте ја слушнале имавте време да се помолите дека е вредна за целиот труд. Ја одбрав токму таа песна затоа што моето тогашно момче се викаше Ричард. Барав нешто романтично и депресивно, што одговара на состојбата на 14-годишно девојче на кое момечето штотуку ѝ раскинало преку MSN месинџер. Не го добив тоа што го барав, туку дело со таква емотивна сложеност што едвај најде место во моето младо срце. „Ричард се ожени со уметничка лизгачка, ѝ купи машина за садови и апарат за филтер кафе...“ Личеше на роман. А да не зборуваме за нејзиниот висок, јодлирачки глас. Таа песна не зборуваше ништо за мојот живот.

Тогаш добив важна лекција за тоа дека можноста за поистоветување не мора да биде одлика на големо уметничко дело. Генијалноста на албумот „Blue“, барем за мене, лежи во неговата субјективност и специфичност. Како што забележува Даум, советот на Крис Кристоферсон за Џони да „зачува нешто за себе“ постојано се споменува во анегдотите за овој албум, но тоа не е особено интересен коментар. Дури и со такво исповедно дело како „Blue“, јасно е дека своите емоции авторката ги пренела во нешто надвор од себе. Исто така, продолжува Даум, никогаш не дознавме што му одговорила Џони на Кристоферсон.

Емоционалниот интензитет на овој запис е дел од неговата привлечност, што го потиснува фактот дека го слушате тој албум во присуство на голема музичарка (поголема од Боб Дилан и рамна на него во поетскиот израз). Но, тоа често им се случува на жените во уметноста. Од неа избувна сè: таа едноставно крвареше на хартија, платното или микрофон. Често сме склони да ја занемариме генијалност што е потребена да се пренесат таква силина на емоции.

Многумина всушност ги одбива емотивниот интензитет на албумот „Blue“, а особено неговата женственост. Истовремено е многу сакан, но со леснотија бил и отфрлан. Можеби никогаш не сте го засакале или како Зејди Смит активно сте се спротивставувале сè додека еден ден не ве зграпчил, во нејзиниот случај тоа било на возраст од 33 години: „Кога ќе се сетам на посветеноста на презирот кон Џони Мичел...навистина не се разбирам себе си...како е можно толку целосно нешто да се мрази, а потоа да го засакате толку неразумно?“. Овие денови, пишува Смит, албумот ја доведува до солзи. Се чувствува „вкочанета од порозност“ исто како и Џони додека го снимала (се споредила со обвивката од целофан на кутија цигари).

Во својот текст, Смит истражува како низ годините го фаќала ритамот со песните на овој албум. Во нејзиниот случај, тоа беше нагло преминување од една до друга крајност, но дури и нам, кои веднаш го засакавме „Blue“, ни беа потребни години за подлабоки усогласувања. Сакам да кажам дека почнав да го сакам уште повеќе, но без срам, отворено. Во раната младост, мислите дека нема поголем престап од искреноста. До крајот на 20-тите, главно веќе не ви е грижа. Не ми е важно, како што некогаш можеби ми било, што мислат мажите за мојата љубов кон Џони (покрај тоа, најдобрите мажи исто така пораснаа со неа и го почитуваат нејзиниот талент). Сега ме допираат други стихови. Ме погодува „Литл Грин“ додека размислувам што значи да се биде мајка (или да не се биде).

Можеби тоа е својство на големата уметност: не само што расте со неа, туку и се враснува во неа. Нејзините значења се менуваат и се пресвртуваат. Неодамна повторно го слушав „Blue“ заедно со мајка ми, па го коментиравме ненадејниот емотивен пресврт што го прави Џони во песната „Последен пат кога го видов Ричард“ кога вели: „Ќе ја изгаснам таа проклета свеќа / не сакам никој да седне на мојата маса / немам што да кажам “. Тоа звучи толку горчливо. „Таа зборува тука од негов агол“, рече мајка ми. Одеднаш ми се чинеше дека првпат ја слушнам песната.

Не можам да се преправам дека за албумот „Blue“ чувствувам исто што и Даум или Смит. Тие песни не ми се обраќаат на ист начин како на поетесата Ејми Кеј, која во „Гранта“ совршено го опиша животот без љубов. „Долго време мислев дека со оваа плоча Џони ме научи на љубов, вљубеност и загуба“, вели таа. „Сега мислам дека таа повеќе ме научи за копнежот. За јазот помеѓу она што го сакате и она што го имате, помеѓу она што го сакате и она што сте го сакале “. Сепак, го делам заедништвото со оние жени кои што сакаат истото што го сакам и јас, толку длабоко, на безброј начини. Тоа е вистинската смисла на подарокот.

Извор: The Guardian

 

Слични содржини

Култура / Музика / Историја
Уметност / Теорија / Музика / Историја
Книжевност / Култура / Музика
Уживање / Музика
Квир / Музика

ОкоБоли главаВицФото