Cinedays 2021 - Јубилејно филмско освежување

17.07.2021 21:13
Cinedays 2021 - Јубилејно филмско освежување


  Во тек е дваесеттото издание на филмскиот фестивал Cinedays. Програмата не е ниту до половина а фестивалот веќе е опсипуван со пофалби од публиката и критичката јавност за квалитетната понуда и одличната организација.

Со повеќе од 40 филмови, фестивалот оваа година се одржува од 15 до 21 јули. Под слоганот „Филм фактор 20“ проекциите се одржуваат на најпопуларните градски летни локации: долж течението на реката Вардар гледачите може на велосипед да следат проекции од едниот до другиот крај на Скопје - во Градскиот парк, во МКЦ и во Ибни Пајко; кино проекција на врвот на Водно („прв до врв – прв на кино“), како и на скопското Кале.

И оваа година тимот на Cinedays во Скопје ги носи најактуелните светски наслови и имиња: Нани Морети, Кирил Серебреников, Вуди Ален, Педро Алмодовар, Јасмила Жбањич, Андреј Кончаловски, Висар Морина, Џиа Копола...

Отворањето се одржа во четвртокот, во идеална летна атмосфера во Градскиот парк, со проекцијата на музичката драма „Анет“ на Леос Каракс (режисерот на „Holy Motors“) и тоа само десетина дена по светската премиера на Канскиот фестивал. Продолжувајќи со концертот на бендот „Бела техника“ во МКЦ, како дел од програмата Cinemusic, вечерта претставуваше ветувачки старт на една од најинтересните филмски недели во Скопје.

Трејлер на филмот „Со среќа дупење или улаво порно“ на Раду Жуде
Проекција: недела, 18 јули, 23:30, парк МКЦ


Во петокот програмата веќе се интензивираше и беа проектирани седум филмови, меѓу кои и „Пад“, режисерското деби на Виго Моргенсен и провокативниот „Тело Христово“ на Александер Нанау, номиниран за наградата „Лукс“ за 2020 година. Вечерта затвори со концерт на младата домашна ѕвезда Дина Јашари.

Еден од централните настани на фестивалот секако беше мастеркласот на Бела Тар, највлијателниот европски режисер изминативе триесет години. Настанот се одржа денес, во врнежливото саботно попладне, во киното „Фросина“, пред голема публика од филмски професионалци и љубители. По проекцијата на неговиот филм „Хармониите на Веркмајстер“ (2000), Тар нашироко зборуваше за работата на филмот и предизвиците со кои се соочувал.

За поетиката на Бела Тар, Влатко Галевски вели: „Тар го револуционизира современото кино. Тој создаде сопствен филмски јазик додавајќи ја алегоричната слика на своето опкружување. (...) Радикалниот пристап на Тар не е само авенија за формално експериментирање во филмската уметност, туку создавање облик на односот меѓу луѓето, режисерот и неговите ликови – и модерната историја, особено онаа на посткомунистичкиот свет.“


Трејлер за филмот „Улиште“ на Блерта Башоли
Проекција: недела, 18 јули, 21:00, парк Ибни Пајко

Во претстојната програма има и девет одлични филмови на млади и талентирани европски режисери. Меѓу нив особено се истакнува филмот „Улиште“ на косовската режисерка Блерта Башоли, кој освои три главни награди на фестивалот Санденс. Филмот е македонска копродукција на „Скопје филм студио“ а Башоли е една од гостинките на Cinedays. Филмот е трогателна приказна за жени од Велика Круша и нивното справување со патријархалното општество, и го истражува геноцидот на Србија извршен во Косово.

На слична тематика е и регионално славниот „Quo vadis, Аида?“ на босанската режисерка Јасмина Жбаниќ кој ќе се прикаже во Гала програмата на Cinedays. Се работи за потресна приказна за борбата на една мајка да го преживее геноцидот во Сребреница извршен во 1995 година.

Контроверзниот „Со среќа дупење или улаво порно“ на романскиот режисер Раду Жуде, публиката ќе може да го погледне во Гала програмата. Филмот се зафаќа со конзервативното романско општество преку интересен микс на неконвенционална форма, безобразен хумор и остра критика на дволичноста и предрасудите во нашите општества.

„Јаболка“ на Кристос Никоу, грчкиот кандидат за Оскар за 2021 година, иако снимен во 2019, разгледува бизарно актуелна тема: општество зафатено со пандемија - на амнезија. „Јаболка“ се занимава со изолацијата, загубата и несигурноста во однос на иднината, но обидувајќи се понуди и позитивен пристап кон прашањата.

Интересен предлог за гледање е и „Мир и Хармонија“ на турската режисерка Несими Јетиќ, кој ќе се прикаже во SEE програмата. Впечатлив и емотивен филм кој зборува за семејните односи помеѓу три силни жени и тоа како значајните релации се зачувуваат и развиваат.

 

 

Трејлер за филмот „Јаболка“ на Кристос Никоу
Проекција: понеделник, 19 јули, 21:30, парк МКЦ

 

 Необичен новитет во придружната програма на фестивалот е „Living music project“. Музиката е често потценет елемент од филмското искуство, а овој проект се фокусира на истражување на нејзината улога и моќта врз филмскиот наратив. Музиката на пет филмови ќе се изведува во живо при проекциите и со менување на тимовите на селектираните композитори и режисери, публиката ќе има можност да ја увиди улогата на музиката во филмот и како истата го менува. „Недвојбено, моќта на музиката произлегува од нејзината суштина, а тоа е непосредноста – музиката ги стигнува и стимулира емоциите пред да биде обработена од рациото, при што, во случајов, тоа е во функција на повисока идеја – филмот. Living Music Project е проект токму за тоа – на очиглед да се стави ваквата моќ на аудитивната уметност, која е во сенка на доминантното визуелно.“ – велат организаторите.

Меѓу поисчекуваните филмови се и „Мејнстрим“ на Џиа Копола, „Грипот на Петров“ на Кирил Серебреников, „Бенедета“ на Пол Верховен.... Во склоп на програмата на Cinеmusic, пак, викендов ќе настапат популарните „Свемирко“ од Загреб, и за затворањето, за прв пат во Скопје, швајцарските инструментални магови L’éclair.

Фестивалот ќе затвори со воодушевувачкиот триесетминутен филм „Човечкиот глас“ на Педро Алмодовар, со Тилда Свинсон во главната улога.

Целата фестивалска програма може да ја погледнете овде

Трејлер за филмот „Човечкиот глас“ на Педро Алмодовар
Проекција: среда, 21 јули, 22:30, парк МКЦ

ОкоБоли главаВицФото