Активисти се борат против „теророт со колачиња“ на веб-страниците

19.07.2021 01:31
Активисти се борат против „теророт со колачиња“ на веб-страниците

Група на активисти за приватност поднесе стотици поплаки против, како што го нарекуваат, „теророт со колачиња“ на интернет, пишува BBC.

„Не е ваше гајле“ (None of your business), предводенa од познатиот австриски застапник за приватност, Макс Шремс, е насочена кон компании за кои, според него, намерно го отежнуваат изборот за следење „колачиња“.

„Според законот, на корисниците мора да им се даде јасна опција да / не“, велат од групата.

Маркетинг групите ги обвинија строгите правила на ЕУ за приватност за создавање на проблемот.

„Колачињата“ се користат за сите видови намени, но една од нивните главни употреби е за следење за реклами од трети лица. Па така, рекламите за производ што можеби го баравте ве „следат“ од веб-страница на веб-страница.

Откако беше спроведена Општата регулатива на ЕУ за заштита на податоците (GDPR) во 2018 година, веб-страниците започнаа да прикажуваат поп-ап форми, а некои американски страници ја повлекоа услугата за корисниците на ЕУ.

Но, многу веб-страници ги принудуваат корисниците да ја регулираат согласноста за десетици маркетинг партнери поединечно – процес што може да трае неколку минути. Другите даваат опција прифати ги сите во зелена боја или го прават тоа поистакнато.

Групата активисти вели дека тој вид форма е дизајниран да за го направи крајно комплициран процесот со кликнување на ништо друго освен на копчето прифати.

Како борба против ова, групата создаде автоматизиран систем, за кој вели дека може да најде прекршувања и автоматски да генерира жалба според GDPR.

Во него се тврди дека повеќето транспаренти не се во согласност со барањата на GDPR. Казните можат да бидат до 20 милиони евра или 4% од глобалните приходи на компанијата.

Од 500 страници на кои се пожалиле од групата, 81% немале опција за „одбивање“ уште при првата страница, туку преку скриена под-страница. Други 73% користеле „измамнички бои и контрасти“ за да ги наведат корисниците да кликнат на прифати, а 90% не дале лесен начин за повлекување на согласност.

Од „Не е ваше гајле“ велат дека прво издале нацрт-жалби до 10.000 најпосетувани веб-страници низ Европа, заедно со упатства за промена на поставките.

Но, оттаму посочуваат дека ако фирмите не се придржуваат до нив во рок од еден месец, ќе поднесат целосни формални жалби до органите за спроведување.

„Доколку е успешно, корисниците треба да видат едноставни и јасни опции да или не на се повеќе веб-страници во наредните месеци“, велат од групата.

Шремс, водач на групата, вели дека оваа најнова кампања е дизајнирана да се бори против „целата индустрија на консултанти и дизајнери што прават лавиринти со луди кликови“.

Правната основа за согласност за „колачиња“ е сложена и вклучува постара група правила наречена Директива за е-приватност, како и поновиот GDPR и низа национални органи за заштита на податоците кои ги спроведуваат правилата.

„Колачињата“ се најдоа на удар во последните неколку години бидејќи многумина повикаа да бидат заменети со друг систем. Гугл, на пример, започна процес на постепено отстранување на поддршката за „колачиња“ од трети страни во својот популарен веб прелистувач Хром, повикувајќи се на загриженост за приватноста.

Извор: https://www.bbc.com/

ОкоБоли главаВицФото