Преведувачкиот процес преку квир поетиката на Алисон Периш

19.07.21 13:25

   Најновата епизода од емисијата за книжевност Inside/Out#3 е посветена на книжевниот превод, од малку поинаков агол. Преведувачките Мартина Јанеска (Македонија) и Милена Остојиќ (Хрватска) разговараа за поезијата на транс поетесата Алисон Периш. Разговорот го модерираше Викторија Блажеска, лингвистка и книжевна преведувачка.

Клучен предизвик за преведување и централна тема на дискусија беше преведувањето на квир јазикот и создавањето квир речник преку преведување. Јанеска и Остојиќ претставија можни преводни решенија на неколку извадоци од текстот. Преку паралелен приказ на текстовите на англиски, македонски и хрватски јазик, преведувачките можеа директно да ги споредат своите предлози и да објаснат како стигнале до нив.


На видеото може да изберете опција за превод на македонски

Необичниот проект Everyword (Секојзбор или Сезборје) на Алисон Периш се состои од Твитер-бот што помеѓу 2007 и 2014 година во посебни твитови го објавувал секој збор од речникот на англискиот јазик. Делата на Периш се процедурални, таа во своето творештво се фокусира на процесот на деконтекстуализација на јазикот и создавање нови, поместени значења.

И двете гостинки истакнаа дека јазикот што се користи при преведување квир текстови мора да доаѓа од самата заедница. Самата квир терминологија е своевидно преведување на сопственото животно искуство за другите да можат да го разберат, рече на оваа тема Остојиќ.

Стана збор и за пренесување на силата и емоциите што ги евоцираат одредени изрази во оригиналниот текст, како на пример „gender-troubled soul”, избор на зборови што реферира на Џудит Батлер, забележа Јанеска. Предуслов за успешна преведувачка работа е да се разбере и промисли значењето и употребата на секој збор и израз во дадено општество во дадено време, бидејќи квир јазикот постојано се менува, исто како и јазикот воопшто. Интересни за дискусија беа и поимите „аутирање“ и „транзиција“. Имено, Јанеска нагласи дека во македонската култура поимот „транзиција“ пред сѐ асоцира на економска транзиција, додека Остојиќ изложи причини зошто овој поим е проблематичен и ги исклучува искуствата со родот на многу луѓе.


Покрај конкретно на квир терминологијата, гостинките се осврнаа и на општествената одговорност на преведувач(к)ите. Преку своите искуства и примери од праксата, тие ја доловија положбата на преведувач(к)ите во општеството како мост помеѓу живата употреба на јазикот од една страна и институциите и традицијата од друга страна.

Бидејќи современата технологија игра незаменлива улога во творештвото на Периш, тема на разговор беа и различните начини на кои таа влијае врз создавањето поезија и преведувањето. Јанеска наведе неколку македонски поети што својата поезија ја споделуваат на социјалните мрежи и ја нагласи важноста на Тикток и Твитер како платформи што ја зголемуваат видливоста на квир заедницата.

На крајот, преведувачките повлекоа паралела меѓу преведувањето и процедуралното создавање поезија, нагласувајќи ја важноста на процесот и желбата преведениот текст да „пропее“ на целниот јазик. „Бидејќи на крајот на краиштата, работиш во јазикот, работиш на јазикот, јазикот е размена. Тоа е всушност секогаш некаков простор на произведување. Произведуваме нешто додека разговараме за него,“ рече Остојиќ.

Во емисијата учествуваше и младата критичарка Ивана Митровиќ (Србија), која се вклучи во дискусијата со свои видувања за преведувањето дела како поезијата на Периш. Разговорот заврши со согледувањата на Јанеска и Остојиќ за личната и политичката мотивација при создавањето книжевност и при нејзиното преведување.

Претходната епизода од емисијата, каде се разговараше за книжевната критика, современата македонска книжевност и темата на попреченоста, погледнете ја овде:
„Критичарски кружок за романот 'Резервен живот' од Лидија Димковска“


Во фокус на третата сезона на емисијата Inside/Out се современите македонски феминистички и квир книжевност, култура и практики. Сезоната ја реализираат Коалиција МАРГИНИ, порталот за култура ОКНО и регионалната мрежа на книжевни критичарки Побунети читателки од Србија.

Редакцијата на третата сезона на Inside/Out ја сочинуваат: Мања Величковска, Борисав Матиќ, Фросина Крушкаровска и Наѓа Бобичиќ.
 

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото