1020 hPa
93 %
7 °C
Скопје - Пон, 14.10.2024 06:59
Во 1945 година Лакан својата ревизија на Фројдовата теорија ја објасни со помош на еден софизам. Директор на затвор наредил пред него да доведат тројца затвореници на кои тој, во замена за слобода, им предложил проба: „Еве три диска“, им рекол“, „три се бели, а два црни. Секому од вас ќе прицврстам по еден диск на грбот, но никому нема да кажам во која боја е тој. Вие морате да молчите, но можете да се гледате меѓусебно, само што нема да можете да се служите со огледало. Првиот што ќе успее да погоди која боја е дискот на неговиот грб ќе излезе од затвор, под услов логички да успее да објасни како дошол до заклучокот.“
Затворениците прифатиле и директорот секому прицврстил по еден бел диск на грбот. Откако тројцата многу кратко меѓусебно се посматрале, заедно излегле од затворскиот двор. Секој самиот сфатил дека на грбот има бел диск, и сите до тоа дошле со исто резонирање.
Лакан софизмот го открил една фебруарска вечер кај Силван Блондин. Тогаш го запознал Андре Вајс кој му ја раскажал ситуацијата без да му даде решение. Не успевајќи да ја реши загатката за истовременото излегување на сите тројца затвореници, Лакан не можел да заспие. Во три наутро му ѕвонел на Вајс и овој му го дал посакуваниот одговор, иако бил лут што Лакан го разбудил среде ноќ.
Можни биле три решенија: 1. Ако затвореникот А види два црни диска (кај затворениците Б и Ц), заклучува дека кај него е бел и веднаш излегува. 2. Ако А види еден црн и еден бел диск размислува вака: „Да сум јас Ц (кој носи бел диск) и да видам двајца црни (А и Б), би излегол. Бидејќи Ц не излегува, заклучувам дека мојот диск е бел и излегувам.“ 3. Ако А види два бели диска, размислува вака: „Ако е мојот диск бел, тогаш Б и Ц гледаат, обајцата, еден бел и еден црн диск и секој си вели себеси: ’Да е мојот диск црн, оној другиот чијшто диск е бел (Б или Ц) би видел два црни’. Од тоа би заклучиле дека носат бел диск и би излегле. Но бидејќи не прават ништо, тогаш јас, А, заклучувам дека е мојот диск бел.“ Третото резонирање е она со кое истовремено се послужиле тројцата затвореници и затоа, секој за себе, на ист начин објасниле како успеале да излезат од затворот.
Лакан во неколку наврати експериментирал со дисковите, со пријатели од Колежот за социологија. Кога дошло Ослободувањето, Кристиан Зервос кој во 1926-та го покренал списанието Les Cahiers d'art, одлучил да објави специјален број кој ретроактивно би го опфатил периодот на црните воени години. Сакал да ја прослави победата на слободата над угнетувањето. Лакан го познавал преку Андре Масон и го замолил за текст. Така излегол текстот „Логичкото време и потврдувањето на антиципираната извесност“ („Le temps logique et l'assertion de certitude anticipée“). Во тој текст Лакан најавил дека штотуку пишува есеј за колективната логика - кој никогаш не го објавил - и од самиот почеток тргнал во напад спрема Сартровото разбирање на слободата изразено во драмата Зад затворени врати (Huis clos), првпат прикажана на 27 мај 1944 во Théâtre du Vieux Colombier: „Ние не им припаѓаме на новиве филозофи“, пишувал Лакан, „за кои затвореноста во четири ѕида е само уште едно прикладно средство за постигнување на конечната човечка слобода.“
Ситуацијата опишана во софизмот, меѓутоа, била слична на ситуацијата во драмата на Сартр, која во почетокот се викала Les Autres (Другите). Од една страна изложена е приказна за тројца луѓе кои успеале заедно да се ослободат благодарение на исправното резонирање; од друга страна, на сцена се изведени три личности, три „мртви свести“, засекогаш затворени меѓу четири ѕида оти самите себе се осудиле никогаш да не ги раскинат своите ланци. Во Затворените врати Сартр ја илустрирал теоријата на слобдата која онака добро ја искажал во Битие и ништожност и во Патеките на слободата: слободата е влог за кој во дијалектичка борба се судираат две антагонистички сили - на отуѓувањето и на егзистенцијалната интенционалност. Затоа слободата ја нема едноставната извесност на нешто што некој субјект би можел да го избере со полна одговорност. Таа е, значи, најубавиот украс на филозофијата на свеста, под услов, меѓутоа, да знаеме дека низ таа свест минуваат два ментални процеса кои се скриени од поединецот зад измамнички заклон: la mauvaise foi (лоша вера). Изразов го сковал Сартр за да го замени поимот фројдовско несвесно за кој сметал дека е премного биологистички и премногу механицистички.
La mauvaise foi се интегрира во свеста и ја одредува патологијата на амбиваленцијата во која субјектот е осуден на тоа во еден единствен чин да обедини некоја идеја и негацијата на таа идеја, трансценденција и извештаченост. Во тој контекст Сартр ја одбивал психоанализата наречена „емпириска“ (Фројдовата) и предност ѝ дал на егзистенцијалната психоанализа. Првата ја обвинил дека ја порекнува дијалектиката и дека суштината на слободата ја занемарува во име на првобитната афективност на поединецот - „неиспишаниот лист пред приказната“ - додека на другата ѝ ја признавал способност да го укине несвесното и да потврди дека пред првобитното избивање на слободата не постои ништо.
Овде гледаме дека Лакан се спротиставил на Сартровата теза. Човекот не само што не е слободен да ги избере сопствените ланци - оти не постои ненадејна појава на слободата - туку е, за да постане слободен, осуден на тоа со помош на логичко резонирање да се интегрира во човечката заедница. Со други зборови, само припадноста, според хоризонталната оска опишана од Фројд, го втемелува односот на еден субјект со друг, и само моќта на логиката го води човекот кон вистината, то ест кон прифаќањето на другиот според дијалектиката на препознавање и непрепознавање. После Хусерл, значи, а спротивно на Сартр, Лакан се ставил на страната на несубјективната филозофија на субјектот или, како што зборувал, „егзистенцијалната индетерминација ’Јас’ (фр. je)“. Така целокупната човечка слобода ја направил зависна од темпоралноста: секој субјект мора да умее да ѝ се потчини на логичната одлука во зависност од некое време за разбирање (temps pour comprendre).
Ако му се вратиме на софизмот и на трите опции кои на затворениците им овозможувале да се ослободат гледаме дека, во првиот случај, резонирањето функционира во смисла на логичко исклучување. Времето за разбирање се сведува на очигледноста на констатацијата: Б и Ц се црни. Во вториот случај, пред моментот за заклучување (moment de conclure) неопходно е времето за разбирање: А мора најпрвин да се стави на местото на Ц па потоа да го изведе заклучокот. Третиот случај е најзгоден, зашто А мора да го изведе заклучокот во два чекори (а Б и Ц ќе го изведат истиот заклучок). Во првиот чекор, тој претпоставува дека е црн и се става на местото на А, припишувајќи му на Ц дека го извел заклучокот, а Ц го прави истото. Потоа, во вториот чекор, по пат на негација заклучува дека е бел. Бидејќи тројцата резонираат на ист начин, секој го забрзува како донесувањето суд, така и излегувањето од затвор. Времето за разбирање тогаш се сведува на моментот на заклучување кој се меша со мигот на погледот (instant du regard). Всушност, секој препознава дека е бел гледајќи дека другите двајца не излегуваат, туку дека се двоумат да излезат. Со изразот потврдување на антиципираната извесност Лакан го нарекува процесот на брзање со кој се одликува феноменот на донесување „точна одлука“, и од тој феномен прави услов за човечката слобода.
Определувајќи се не за сартровскиот егзистенцијализам туку за политиката на човечката слобода заснована врз принципот на логиката на вистината која ја исклучува субјективната свест, Лакан кој не бил во Движењето на отпорот и кој никогаш чиновите од својот приватен живот не ги ускладувла со својот систем на мислење, му оддал почест, и без да знае, на хероизмот на Жан Кавај (Jean Cavailles): „Неговата математичка филозофија“, ќе напише Жорж Кангулем, „не беше градена со упатување кон некаков Субјект кој би можел истиот миг и привремено да биде поистоветен со Жан Кавај. Таа филозофија, од која Жан Кавај е сосема отсутен, создаде облик на акција кој преку тесните патеки на логиката го одведе Кавај до границата од која нема враќање. Жан Кавај - тоа е логиката на Движењето на отпорот живеена до смрт. Нека филозофите на егзистенцијата и личноста го постигнат истото следниот пат, ако можат.“
Слики: M C Escher
Извор: Jacques Lacan, Приказ једног живота и историја једног система мишљења - Elisabeth Roudinesco; Karpos, 2020
Избор и превод: П. В.