1026 hPa
80 %
![облачно, магловито облачно, магловито](/sites/all/modules/weather/images/day-overcast-fog.png)
1 °C
Скопје - Пон, 20.01.2025 15:59
Развојот на современата медицина во изминатиот век го продолжи животниот век за повеќе од 20 години, па денешниот просек во светот се движи околу 67 години. Многу болести се искоренети, значајно е намалена смртноста кај децата, а зголемен е квалитетот на животот на постарите луѓе. Напредокот на науката дава надеж дека и други болести можат да се лечат успешно, а животот уште повеќе да се продолжи.
1. Остварени големи чекори во борбата против сидата
Речиси по три децении од почетокот на епидемијата на сида, од која се погодени околу 33 милиони луѓе во светот, откриени се две успешни методи за превенција на инфекцијата – вагинален гел и пилула, и една радикална метода на лечење – за првпат со замена на имунолошкиот систем целосно е излечен еден пациент.
Микробицидниот вагинален гел е тестиран во Јужноафриканската Република претставува голема надеж за жените бидејќи им овозможува заштита од ХИВ дури и кога нивните партнери не сакаат да користат кондоми. Гелот содржи лек против сида, наречен Tenofovir, а го намалува бројот на инфекции за речиси 40%.
Пилулата Truvada, која е комбинација од два антиретровирусни лекови против сида, покажа дека ја намалува опасноста за пренос на вирусот од маж на маж за околу 44%, а ако се зема секојдневно, делотворноста е уште поголема – околу 73%.
Неодамна германските научници објавија дека за првпат целосно излечиле човек заразен од ХИВ вирусот. Тимот од Медицинскиот универзитет во Берлин успеа да го излечи Тимоти Реј Браун (42), Германец со потекло од САД, кој освен од сида боледуваше и од акутна миелоидна леукемија. Стручњаците со зрачење го уништија неговиот одбранбен систем, а потоа му пресадија матични клетки кои се претвориле во крвни зрнца. Процесот е повторен, а Браун денес не покажува знаци од ниедна од двете болести, иако веќе три и пол години не користи лекови против ХИВ.
2. Создаден е првиот синтетски геном
Американскиот пионер во генетиката Крег Вентер за првпат во историјата успеа да создаде живот со вештачки геном. На експериментот повеќе од 10 години работеа 20 научници. Вентер и неговиот тим создадоа синтетски геном по примерот на „генетскиот софтвер“ на една бактерија. Го вметнаа во клетката на домаќинот, а микробата поприми изглед и однесување кои потврдија дека со нив управува синтетската ДНК.
3. Обратен процес на стареење
Истражувачите од Медицинската школа на Харвард за првпат успеаја да го свртат обратно процесот на стареење кај глувци. Тие одгледаа генетски модифицирани глувци на кои им недостасува ензимот теломераз кој го спречува скратувањето на т.н. теломер – своевидна заштитна капа на хромозомите. Без овој ензим глувците прерано остареа и почнаа да покажуваат слабеење на чувството на мирис, намалување на мозокот, неплодност и оштетување на дигестивниот систем. Но кога на глувците им дадоа инјекции кои повторно го активираа создавањето на ензимите, оштетеното ткиво оздраве и се подмлади.
4. Матични клетки претворени во разни ткива
Истражувањето на матичните клетки – клетки кои содржат способност да се претворат во секој вид ткиво – е една од најперспективните области во медицината. Иако е ограничено со бројни етички парадигми и закони (бидејќи најквалитетните се оние кои се добиени од ембрионите), последниве години брзо се развива.
5. Вештачки органи
Голем напредок е остварен и во производството на вештачки органи кои еден ден би можеле во целост да ги заменат заболените природни органи.
Матка
Научниците во февруари годинава од клетки извадени од женско тело успеаја да ја создадат првата вештачка матка на која успешно се прицврсти ембрион и почна да се развива.
Панкреас
Научниците од Универзитетот во Кембриџ извршија први тестирања на „вештачки панкреас“ – направа која на заболените од дијабетес ќе им овозможи да ја надоместат функцијата на вистинскиот орган. Вештачкиот панкреас би можел да им го продолжи животот на луѓето со дијабетес од типот 1 кој е за околу 15 години пократок од просекот.
Срце
Американецот Чарлс Океке (43) е првиот човек во светот кој ја напушти болницата со целосно вештачко срце. Оваа направа го заменува неговото вистинско додека тој чека дарител на орган. Инаку, досега болните мораа да останат во болница, а чекањето знаеше да потрае и до две и пол години.
Годинава за првпат беше лансирано и трајно вештачко срце. Кардиохируршката екипа на болницата Bambino Ges од Рим му вгради едно на 15-годишно момче. Ова не е привремено решение, кое им се вградува на кандидатите за трансплантација, туку трајно.
6. Прва целосна трансплантација на лице
Тим од триесетина шпански хирурзи за првпат во март 2010 целосно му го реконструираше лицето на едно момче кое во 2005 случајно се застрелало со сачмарка. Момчето досега не можеше да голта, да зборува и правилно да дише. Но лекарите од болницата Vall d'Hebron од Барселона му вградија нови јагодични коски, мускули на лицето, заби, непца, кожа, нос, усни и вилица, и на тој начин извршија целосна трансплантација на лице.
7. Конечно е откриена причината за мигрена
Меѓународното истражување под водство на стручњаци од Universite de Montreal и University of Oxford откри дека клучната причина за најчестиот облик на мигрена е мутацијата на еден ген, што ја отвора можноста за производство на соодветни лекови. Новиот виновник за неиздржливите болки од кои страда секој петти човек е генот KCNK18.
8. Протези кои овозможуваат одење на парализирани лица
Израелецот Амит Гофер, кој останал парализиран по сообраќајна несреќа во 1997 г., откако му здодеало да зависи од инвалидската количка, решил да си помогне себе си и на другите слични на него. Ја основал компанијата Argo Medical Technologies Ltd. која годинава ги создаде роботските панталони „ReWalk“ кои им овозможуваат одење на парализираните лица, па дури и качување по скалила.
9. Направа која на слепите им овозможува да гледаат
Британскиот војник Крег Лундберг, кој ослепел по експлозија на граната кај Басра во Ирак, е првиот човек во светот кој повотрно „прогледа“ благодарение на новата направа „BrainPort“. Оваа направа се состои од темни очила со камера, контролна единица со големина на мобилен телефон и своевидно „лижавче“ со кабел кое се држи на јазикот. Во „лижавчето“ се вградени 600 електроди кои му праќаат импулси на јазикот во склад со количината ан светлина која ќе се најде во видното поле на камерата. Силните дразби ги претставуваат светлите делови, а отсуството на импулс – темните.
10. Луѓето во кома можат да комуницираат
Тим стручњаци од Универзитетите Кембриц и Лиж открија дека некои пациенти во вегетативна состојба, кои не покажуваат надворешни знаци на свест, разбираат што им зборуваат луѓето и одговараат на едноставни прашања. Од здравите лица и пациентот, кому мозокот му е тешко оштетен во сообраќајна несреќа, научниците барале да замислат како играат тенис и да одговорат на едноставни прашања. Активностите на нивните мозоци се следеле преку скенери. Резултатите покажаа дека пациентот слуша што му се зборува и дека може да одговара на прашањата со менување на мислите. Имено, повредениот пациент точно одговорил на неколку едноставни прашања, како оние за имињата на родителите. Научниците скенираа 23 пациенти, меѓутоа, само четворица од нив јасно покажаа дека се свесни за надворешниот свет.
Извор: tportal.hr