1016 hPa
50 %

23 °C
Скопје - Вто, 20.05.2025 19:29
На периферијата на градот е изградена нова зграда. Една по една, како да никнуваат од земја. Градовите се шират брзо и заземаат сè повеќе простор. Во градовите има сè повеќе луѓе, а луѓето секогаш ќе мораат да јадат.
Она што го нема се обработливи површини. Како човештвото ќе одгледува храна во следните 10, 20, 30, 50 години?
Во модерната доба земјоделството е проблем кој се решава на глобално ниво. Голем плус за слободниот пазар, кога станува збор за земјоделството, е тоа што до одредено ниво го намалува проблемот со индивидуалните потреби на државите за огромни обработливи површини. Големите компании сега се натпреваруваат во количината обработлива површина на која се одгледува храна и се извезува во речиси сите држави во светот.
Ова никако не значи дека има доволно храна. Напротив, гладта е еден од горливите проблеми на нашата планета, иако проблемот со земјиштето како неподвижен ресурс на слободниот пазар е избегнат на национално ниво. Тогаш, каде е проблемот?
Проблемот е во количината на овој ресурс, кој го црпиме немилосрдно.
Таканаречената зелена револуција, која беше во полн замав помеѓу 1950 и 1970 година, пропагираше што поголемо искористување на обработливата земја, употреба на ѓубрива, пестициди, наводнување и семиња кои даваат големи количини храна. Фосилните горива привидно го надоместија проблемот со недостатокот на земјиште и производството растеше.
На почетокот од 21 век, ограничувањата на револуцијата станаа очигледни. Индустриското земјоделство, заради интензивна и несоодветна обработка, остави големи површини земја како неупотреблива. Потрошени се огромни залихи горива, делумно преку фабриките за производство на ѓубрива и пестициди, делумно преку машинеријата, што секако немаше позитивно влијание на глобалното затоплување. Токму од овие причини, но и заради исцрпувањето на фосилните горива, решение се бара во биогоривата, што само ги зголемува земјоделските барања на човештвото.
Од друга страна, на планетава никогаш немало повеќе луѓе, па потребите за храна исто така никогаш не биле поголеми. Зголемувањето на потребите за простор влијае на екосистемот, а интензивната обработка го остава оштетено земјиштето. Според истражувањата на организацијата World Wildlife Foundation, годишно се сечат повеќе од 12 милиони хектари шума. Со тоа не се намалува само количеството кислород што го произведуваат шумите, туку и разновидноста на растителниот и животинскиот свет.
Еве неколку бројки. Според податоците на Организацијата за храна и земјоделство при Обединетите нации, нашата планета во моментов има околу 33 проценти земјиште предвидено за земјоделство, од што една третина е плодно земјиште, односно ораница. Градовите заземаат околу 1 до 2 проценти од земјишната површина, со тенденција на зголемување, па според пресметките, до 2050 година оваа бројка може да се искачи и до 4 проценти.
Градовите се шират и обработливите површини се трошат на простор за живот. Во периодот помеѓу 1960 година, кога зелената револуција беше во полн ек, и 2007 година, количината обработлива земја се зголеми за 11 проценти, односно за 150 милиони хектари. Доколку продолжи ваквиот раст, односно ваквото зголемување на потребите на човештвото, до 2050 година би можело да ни требаат уште 800 милиони хектари. Тоа е површина малку поголема од површината на Австралија.
Земјата има околу 1,4 милијарди хектари ораница. Тоа значи дека секоја личност на планетата има на располагање вкупно 2 000 квадратни метри обработлива површина. Тоа е една третина од фудбалско игралиште.
Според проценките на развојната програма на Обединетите нации, доколку луѓето продолжат да го експлоатираат земјиштето и да сечат шуми со ова темпо, планетата наскоро ќе стигне до границата на еколошката самоодржливост.
Превод: Алек Кузмановски
Слики: Aleksei Bordusov
Извор: http://elementarium.cpn.rs/