2010

29.12.2010 11:49
2010

Како и секоја нова година, така и 2010 започна еуфорично и бомбастично: еуфоричноста за жал беше благодарение на алкохолот, а не на економијата, а бомбастичноста поткрпена само од петардите, воздушните пиштоли, калашњиковите и другите огненoстрелни играчки за возрасните. Важно е да се пука: ние пукаме од радост, а душманите нека пукнат од мака! Уште кога би ги закачил некој заталкан куршум, каде би ни бил крајот? Токсикологија подготвено ги дочека сите добронамерници и ентузијасти на кои последната чашка што ја испиле ја прелеало чашката и им посака среќа во 2010-та. Со вакво трошење енергија и секакви ресурси уште во старт, јасно беше дека малку ни останува и од едното и од дргугото за нешто попаметно.

Откако се смирија новогодишните празнични страсти, а кумановци ја испратија Северина, нашите сограѓани квалитетно го попушија со новиот закон за пушењето. „Нашите граѓани пушат 5,5 килограми тутун по глава на жител годишно, но и живеат 15 година помалку“, известија медиумите, па додадоа: „Доколку строгите правила дадат резултати, Македонија не само што ќе има поздрава нација, туку полесно ќе се сплоти во големото европско семејство“. О да, многу се сплотивме. Се сплотија нашите пушачи на зимото и на дождот, но Европа не ни стана поблиска, за дивно едно чудо. Но, затоа, државата се охрабри се повеќе да интервенира во нашата приватна сфера, па подоцна ни го зашиба и законот за електронски комуникации. За среќа законот удри во статива кај Уставниот суд. Среќата е за сега само во тоа што процесот е забавен (во смисла на бавно, а не забавно, заб. ав.), но се покажа дека македонскиот граѓанин растгрнат од политичката распаљотка полека но сигурно губи од свесноста што е негова слобода, право, приватност и што е добро за него. Ете, затоа системот охрабрен од падот на граѓанинот веднаш реагира и мора да го мачи и тормози со неспроведливи закони кои се, нели, за негово добро. Кога државата ќе стане некаков „строг родител“, сфаќате дека работата забегала во погрешен правец. Во демократска земја граѓанинот мора да го има последниот збор за тоа што е добро за него.

Нејсе, по ова помина законот за дискриминација. И по сите дебати и контроверзи, за или против, ваков или онаков, остана истиот впечаток: каков и закон да усвоиме, тој нема речиси никаков капацитет да влијае врз реалноста. Тоа некако му доаѓа како да наџиџате дома разна уау супер хај тек технологија, а немате струја! Џабаана! Недостасуваат елементарните поставки за да функционира цел тој систем, правда, рамноправност, прецизна и јасна процедура, праведна за секого.

Низ земјава, а во Скопје особено, долж 2010 продолжи гран при серијата грабежи, кражби, пљачкосувања и сличито. Нешто ситно се расчисти, повеќето јок, а добрите и чесни луѓе, за голема жал, остануваат најизложените на криминалот. Таму каде граѓаните, а не крадците, се плашат од законот, нешто сериозно не е во ред. Прст на чело, прст на чело, ами како.

Во 2010 беа поставени некои 80-тина големи јарболи низ Македонија. Оверкомпензејшн, очигледно. Би менувале едно јарболче во Брисел за овие сите, но нема кој да го збрцне кај што треба. За жал на сите нас.

Во 2010 беше воведена етиката како задолжителен предмет за учениците.
Додека не профункцинира истата во пракса, особено кај оние кои ја диктираат општествената реалност и ги носат најважните одлуки, ќе мора да се задоволиме со некои сурогати на етиката...како на пример „етик-е-тирањето“, односно „суптилното“ поучување на различниот како треба правилно да размислува (читај, да размислува како тебе). Ја гледавме Шехерезад, ја пулевме, бендисавме и кандисавме, ама лесно ја заборавивме за една Џеврие. Ете толку меморија има народов, колку за две епизоди од сапуница.

Иако визниот режим падна две недели пред први јануари, во 2010 имавме цела година да се рашетаваме долж и попреку Европа. Се покажа дека Европа најмногу сака туристи, односно нашите пари, а ние па кутрите мислевме обратно било, дека ние ќе се опариме нешто. А се опарија и преварантските туристички агенции кои никнаа како печурки по дожд. Сите, само не и народецов. Тој остана попарен.

Во 2010 се испланира изградба на ветерници, колку да им се најдат на нашите Донкихотовци, а изгледа ќе има и сплавови. Таман, човек во земјава со толку турбо-фолк а без сплавови, некако се „осеќа“ стегнат во градите. Следен пат кога ќе ни дојдат Цеца и Карлеуша, да им направиме да се чувствуваат како дома. А ние финките, познати по гостопримство. Така и треба, сплавови брат.

Се поставија и погазија многу рокови за името. Покажавме дека со пробивање рокови, генерално, немаме проблем. Она што секако беше јасно, сега стана нападно очигледно, дека од овие преговори не може да се очекува ништо опипливо, ако се изземат ракувањата на премиерите и опипкувањата од тој вид. Покрај сите критики за нашата страна и нејзината улога во целиот процес, треба да се каже дека меѓународната заедница со својот сеирџизам кон спорот, особено по периодот на давање препорака за преговори и неиспорачаниот дел од нашите „политички итарпејовци“, остави работава да атрофира до степен на неповратност. Спогодбено решение тука нема, точката на компромисот е одамна помината и таа не се враќа. Преговорите се повеќе се сообразуваат со оние на Косово и Србија за Косово, и јасно е дека таквата преговарачка апорија е нанадминлива без екстерен форсаж. Ставени како куче и маче во кафез, џоа да се договорат, сами се осудивме на понизна инфериорност во преговорите. Сега и лелекањата за „поактивна улога на ЕУ“ не палат, доцна е, вели ЕУ. Oд ЕУфорија до ЕУтаназија, за само неколку месеци, бреј. Се случија опсада и пајажина. Кој сфатил, сфатил, кој не сфатил ќе му објаснат про-позициските медими. За инертен и пасивен човек, како што е нашиот просечен граѓанин, тие се најголемата добрина: сè ти е таму убаво објаснето и прераскажано, од тоа што било, но и од тоа како судот ќе се произнесе, безбели. Убавина.

Во есента 2010 имавме жетва на тајни досиеја, и тоа плодна жетва. Од толку досиеја само еден испадна кодош, службено, а и тој се пожали дека е накодошен оти е кодош. Дивота.

Во декември НАТО си замина од Македонија, а ние онака, немушто, ни акција, ни реакција, ништо. Ни стана јасно дека ни помина калимерата со НАТО, се оладивме ептенски.

Еј, што, нема повеќе место? А уште мал милион нешта се испослучија оваа година во нашата земја хубава, ама здравје и за тоа потоа. Какви што сме и 2011 ќе биде се, само не досадна.

ОкоБоли главаВицФото