Долгото патување на Круела де Вил

22.07.2021 10:22
Долгото патување на Круела де Вил

  
  „Работата е во тоа што јас сум родена брилијантна“, вели Круела де Вил во новиот игран филм на Дизни, што ја раскажува приказната што му претходи на „101 Далматинец“. „Исто така, родена сум лоша. И по малку луда.“

Во својата прва инкарнација, Круела де Вил била мажена жена со мачка. Потекнала од перото на британската писателка на романи за деца и драматург Доди Смит. Ликот за прв пат се појавил во 1956 во делото „101 Далматинец“. Тука веќе постоеле фризурите налик на твор и себичната природа, но оригиналната Круела била повеќе разгалена градска дама отколку злобница – макар однадвор гледано – и емитирала некоја натприродна смиреност.

Таа сипувала многу бибер во своите оброци, била исфрлена од училиште поради алкохол, тврдела дека ја поседува најгласната автомобилска свирка во Лондон, а нејзиниот сопруг бил богат трговец со крзно – и посакувала да ѝ се достапни сите крзна на светов.

Низ годините ликот на Круела се појавилa во бројни адаптации, вклучително и во два анимирани филмови, една цртана телевизиска серија, две играни верзии на „101 Далматинец“ (каде ја игра Глен Клоуз), радио-драма на BBC, мјузикл на сцена, а сега, еве ја и во приказната за тоа како станала она што станала, во филмот „Круела“, со Ема Стоун како главен лик.


Глен Клоуз во улогата на Круела во 1996

Иако богатата наследничка во романот на Доди Смит не ја поседувала харизмата на Глен Клоуз како модна дизајнерка ниту, пак, сенката на сочувство во толкувањето на Стоун – девојче кое на трагичен начин останува сираче, а потоа се претвора во лоша личност – Волт Дизни видел нешто доволно интригантно во нејзиниот лик за во 1961 година да купи права за анимираниот филм. Тука ја добила и прочуената песна, по која и денес ја препознаваат.

Марк Дејвис, кој ја надгледувал анимацијата Круела во „101 Далматнец“, заслужува пофалба што создал стандард по кој се мери и секоја наредна Круела, од нејзината разлетана фризура и лудачкиот темперамент, до одлепените возења и долгите муштикли. Бил Пит, сценаристот, ги исфрлил од приказната и нејзината мачка и сопругот.

Ако го занемариме киднапирањето на кученцата и желбата да ги одере (што е доста тешко да се занемари), Дизниевата верзија на Круела отсекогаш била макар делумно феминистичка фантазија. Таа е немажена, нема деца бидејќи не сака, богата е и независна, и не сака ништо да ѝ се испречи на патот, што на многу начини се разликува од типичната домаќинка во тој период во Европа.

Глен Клоуз го зацементирала статусот на Круела како моден гениј во адаптацијата од 1996. Таму имала црно-бела коса, шешир и вел, светол кармин и прерамки налик на крила. Била едновремено и немилосрдна шефица и по малку секси. А била и смешна.

Глумицата во 2019 раскажала дека ѝ било дозволено да го импровизира дијалогот. Вклучила реченици како „Хлороформирајте ги!“ или „Исподавете ги!“. Бидејќи, колку била погрозна толку била поефектна. А во некои случаи и подуховита.

Ричард Кин, професор по психологија на колеџот Конверс во Јужна Каролина, чија потесна специјалност е привлечноста на негативните ликови во популарната култура, вели дека Круела нѐ привлекува бидејќи е лик кој би требало да го мразиме. И тој се сложува дека харизматичната глума на Глен Клоуз помогнала да се измени репутацијата на Круела, да не биде веќе само злобна градска жена, туку и поп-културна икона.



Круела во анимираниот филм на Дизни од 1961

Извор: New York Times

ОкоБоли главаВицФото