Колкаво глобално затоплување може да преживее Земјата?

23.07.2021 00:58
 Колкаво глобално затоплување може да преживее Земјата?

Извор: Дојче Веле

Кога температурата на човековото тело ќе се зголеми од здрави 36.6 на 38.6 степени Целзиусови, тоа има последици. И најмалиот раст на температурата му дава на организмот чувство на нелагода и неможност да функционира нормално.

Слична е и со Планетата. Од крајот на 19 век, кога се рашири користењето на фосилни горива, Земјата се загреа, во просек, за повеќе од еден степен Целзиус. Некои места, пак, се загреаја и над тоа ниво.

Едно од нив е Арктикот. Според Програмата за набљудување и проценка на Арктикот, просечната годишна температура во регионот пораснала за 3 степени Целзиусови меѓу 1971 и 2019. И тоа значи голем проблем за екосистемот на регионот.

Мал раст на температурата = голема загуба на видови

Во студија објавена во 2021 година, британските научници посочија биле загубени 28 билиони тони мраз меѓу 1994 и 2017 година. Тие тврдат дека загубеното количество ќе биде доволно за да се прекрие целото Обединето Кралство со мраз со дебелина од 100 метри. Проучувајќи сателитски податоци, научници од повеќе британски универзитети, заклучиле дека од 1990-те наваму, годишно се топеле по 800 милијарди метрички тони мраз. До 2017 година таа бројка пораснала на 1,2 билиони тони годишно.

Стивен Амструп, главен научник на невладината организација Поларни мечки, го истражува живиот свет во Арктикот од 1980-те години и од прва рака сведочи на промените.

„Во тоа време, мразот беше веднаш до брегот на северна Алјаска среде лето. Сега, во истиот период, мразот е стотици милји од брегот“, вели тој за ДВ. Во текст објавен минатата година, тој и неговите колеги предвидуваат дека ако продолжи растот на температурата, поларните мечки ќе исчезнат до крајот на векот.

Но, поларните мечки не се единствените жртви на зголемените температури. Околу 19% од видовите кои се на црвената листа на Меѓународната унија за заштита на природата се соочуваат со исчезнување.

Еден животински вид веќе ја доживеа таа судбина. Во 2019, малите глодари од видот Брамбл Кеј кои живееја на мал песочен остров на Големиот корален гребен во Австралија, станаа првите цицачи кои изумреа поради климатските промени. Зголеменото ниво на морињата ги уништија нивната храна и живеалишта.

Слична ќе биде судбината и на морските корали доколку планетата се загрее над 2 степени Целзиусови.

Светот над 1,5 степен Целзиус

Растот на температурата ќе им го смени животот и на луѓето. Човекот ќе биде соочен со поекстремно време- топлотни бранови, суши, поплави и тропски циклони. Нивната зачестеност и тежина ќе зависат од тоа колку ќе порасне температурата.

Доколку планетата се загрее за 2 степени Целзиусови до 2100, научниците предвидуваат дека глобалното население ќе биде соочено со тешки топлотни бранови барем еднаш на секои пет години. Половината од тој број ќе биде погоден доколку температурата се зголеми за 1,5 степени.

Според студија од 2018 година на службата за наука на Европската комисија, со загревањето на светот, две-третини од населението ќе доживее прогресивно зголемување на условите за суша. Агенцијата за бегалци на ОН вели дека екстремните временски услови и растот на нивото на морето веќе предизвикува преселба на 20 милиони луѓе секоја година.

Тоа е голем проблем се мали островски нации во Пацификот, Индискиот океан и Карибите.

Островот Фиџи веќе се соочува со новата реалност. Откако беше погоден од 12 циклони и други екстремни временски услови од 2016 година, владата започна програма за преселба. Повеќе од 40 приморски заедници треба да се преселат во внатрешноста, а шест од нив веќе се преместени.

Поради тешките последици и од најмалиот раст на температурите, Парискиот климатски договор го ограничи растот на 1.5 степени Целзиусови во овој век. Но моделите укажуваат дека според актуелните случувања, светот ќе ја достигне таа граница во следните 15 години.

И без радикална акција, растот на температурата нема да запре тука. Според проценките на Следачот на климатска акција, независна група на организации кои ги анализираат владините климатски чекори, дури и да се реализираат сите ветувања и планови на време, температурата сепак ќе се зголеми за меѓу 2 и 2.2 степени Целзиусови до крајот на векот.

А тоа, според експертите, е оптимистичко сценарио.