„Проколнатата“ Олимпијада проследена со скандали

24.07.2021 01:53
„Проколнатата“ Олимпијада проследена со скандали

Извор: Дојче Веле

Олимписките игри во Токио во четвртокот западнаа во нов скандал, на помалку од еден ден пред свеченото отворање на новиот Национален стадион, откако еден од организаторите беше отпуштен поради шеги што ги правел во минатото за Холокаустот.

Кентаро Кобајаши, комичар и еден од креативните директори на церемонијата на отворањето, доби отказ откако се дозна дека правел антисемитски шеги на настап во 1998 година, користејќи ја фразата „Ајде да си играме Холокауст“.

Кобајаши призна дека погрешил и се извини за скандалот.

Организаторите се обидоа брзо да го затворат инцидентот, но тој е само последен во серијата проблеми кои ги обременуваат Игрите во Токио.

За разлика од пандемијата на коронавирусот која веројатно беше невозможно да се предвиди и уште потешко да се сопре, многу други проблеми кои го разнишаа угледот на најголемиот спортски настан во историјата на Јапонија се резултат на лоши проценки на поединци.

„Проколнатите“ Игри

Севкупно, кризите кои ги опкружуваат Игрите им даваат кредибилитет на минатогодишните поплави на јапонскиот вицепремиер Таро Асо, кој ја прогласи Олимпијадата за „проколната“.

„Неверојатно е што организаторите дури сега, на еден пред отвораењето, дознаа што кажал овој човек за Холокаустот“, вели Роберт Дујариќѕ, ко-директор на Институтот за модерни азиски студии на Универзитетот Темпл во Токио.

„Едноставно пребарување на Јутуб ќе го откриеше тоа, па зошто тогаш не бил проверен?“, вели тој за ДВ. „Од аспект на односите со јавноста, ова е целосен кошмар, но стана далеку полош затоа што имаше и други слични проблеми со луѓе вмешани во Игрите“.

Во понеделникот, креативниот директор за музика на церемонијата на отворањето како за Олимпијадата, така и за Параолимписките игри, поднесе оставка откако неговото извинување не ги намали јавните критики поради тоа што ги навредувал децата со пречки во развојот кога бил млад.

Уште еден комичар кој требаше да учествува на отворањето исто така беше истеран откако сугерирал дека некоја полничка манекенка треба да биде маскирана како свиња.

Во март, Јоширо Мори, поранешниот премиер кој беше на чело на локалниот организациски комитет, си даде оставка откако изјави дека состаноците на кои има жени секогаш траат предолго.

Ковид меѓу спортистите

Во четвртокот, беше соопштено дека уште двајца спортисти, од Холандија и Чешка, како и уште 10 членови на придружниот персонал, се позитивни на Ковид-19. Со тоа, вкупниот број на заразени од вирусот на Игрите се искачи на 87, а најмалку три од случаите се откриени во Олимпиското село.

Вирусот се шири и меѓу јапонските граѓани, а новата- Делта варијанта предизвикува најголем дел од случаите. Во средата беа пријавени 1.832 нови случаи во Токио- најголем број од јануари годинава.

Експертите предупредуваат дека состојбата ќе се влоши на кус рок, а панелот кој ја советува владата во Токио предвидува дека ситуацијата ќе биде „покритична одошто за време на третиот бран“ до крајот на следната недела. Растот на бројот на новозаразените би можел многу да го оптовари здравствениот систем во екот на Игрите.

Потопло од вообичаено

И доколку продлабочената здравствена криза и засрамувачкиот ПР не беа доволни, и времето се сврте против организаторите. Температурите и стапката на влажност се далеку повисоки од вообичаените за ова доба од годината во Јапонија, и можат да бидат потенцијално опасни за спортистите, организаторите и волонтерите на Игрите.

Веќе беше одложен тренингот за одбојка на плажа неделава затоа што песокот бил премногу жежок, откако температурите во главниот град достигнаа 34 степени Целзиусови. Во четвртокот температурата достигна 33 степени, но, во комбинација со влажност од 60%, чувството е дека таа е речиси 40 степени.

Пред две години беше одлучено маратонот и трките во брзо одење да се префрлат во Сапоро, околу 800 километри северно од Токио, за да се искорист постудените летни температури, но и тој град се мачи со најголемите жештини во последните 20 години.

„Живеев во Сапоро долги години, и не можам да се сетам на температури над 30 степени толку рано во летото“, вели за ДВ Јоко Цукамото, професорка за инфективни болести на Универзитетот во Хокаидо.

„Градските власти секој ден издаваат предупредувања за жештината, но за маратонците ќе биде многу тешко да се натпреваруваат на вакво време“.

„Не очекувам на оваа Олимпијада да биде урнати многу рекорди“, заклучува таа.

ОкоБоли главаВицФото