Лакан и Долто

24.07.2021 00:58
Лакан и Долто

Психоаналитичарката специјализирана за работа со деца Франсоаз Долто (Françoise Dolto) во 1949 година пред Париското психоаналитичарско друштво (SPP) изложила два случаи. Станувало збор за излегување од психотични состојби во кои биле две девојчиња, Бернадет и Никол, при што Бернадет на цел глас викала но не можела да се слушне себеси, додека Никол цело време молчела иако не била глувонема. Бернадет, настојувајќи да се уништи себеси, спрема живите суштества се однесувала како да се мртви работи, а спрема билниот свет се однесувала како да се тоа луѓе, додека Никол била скаменета од молчење.

Долто дошла на идеја да ја замоли мајката на Бернадет таа, мајката, да направи некој предмет кој за девојчето ќе ја има улогата на жртвен јарец врз кој Бернадет ќе може да го насочи својот самоубиствен бес. Така настанала „куклата-цветче“ чијшто труп биле рацете и нозете направени од зелено платно исполнето со ткаенина а таму каде што требало да биде главата се наоѓала вештачка бела рада од памук со голем жолт толчник. Бернадет своите самоубиствени нагони ги насочувала кон таа „кукла-цветче“ и започнала да зборува. Благодарение на куклата проговорила и Никол.

Овој експеримент покажал дека некој симбол може да послужи како посредник во процесот на повторното воспоставување на функцијата говор, но исто така покажал дека во тоа време Франсоаз Долто го усвоила клајнианскиот поим „лош објект“ а во својата терапија ја вредила и терапијата со игра.

Додека го слушал ова излагање Лакан бил целиот восхитен и рекол дека „куклата-цветче“ сосема се вклопува во неговите сопствени истражувања кои се однесуваат на стадиумот огледало и на фрагментираното / расцепканото тело. Ветил дека еден ден прецизно теориски ќе ги разработи клиничките откритија на Долто.

(...) На конгресот во Рим Долто зборувала по Лакан и ги споредила Лагаш (Lagache) и Лакан со два змеја а себеси со мала змеица. Потоа, откако изразила согласување со Лакановите теории за јазикот, се впуштила во долга и остра критика чијашто мета бил Лакановиот поим „инстинктивно созревање“ (maturation instinctuelle). (...) Лакан бил толку восхитен со она што таа го изговорила што дотрчал до неа и ја прегрнал велејќи дека низ неа штотуку се слушнал небескиот глас. „Што реков?“, го прашала таа. „Бев толку возбудена што воопшто зборувам та не ни мислев на она што го зборувам!“ „Добога, Франсоаз, мала змеице! Ти не ни мораше да мислиш за да ни зборуваш, а уште и притоа, совршено да ни зборуваш!“, ѝ одговорил Лакан.

Што всушност рекла Франсоаз? Таа нашироко го разгледала телесниот однос на детето спрема мајката и нагласила дека главната улога на психоаналитичарот кој работи со возрасен невротичар се состои во тоа да го разбере невротичарот „отаде неговиот јазик којшто тој го презел од светот на возрасните и да му го поврати јазикот кој припаѓа на неговата стварна возраст“. Тоа е делот на говорот од кој Лакан бил особено трогнат.

Франсоаз Долто еднаш ми рече дека често се прашувала како изгледало раното детство на Лакан. Се чудела зошто тој никогаш не зборувал за своите родители или за своето семејно потекло, зошто бил едновремено и толку неспретен во секојдневниот живот и толку тескобно загрижен за сликата што за него ја градат другите и толку опседнат со надворешниот изглед. Зошто чувствувал толкава потреба за камуфлирање, за посетување балови под маски или за носење чудникава облека? Долто осетила дека со тоа предизвикувачки-разиграно однесување тој всушност прикривал своевидна празнина и помислила дека е Лакан како некое нарцисоидно и палаво дете кому во раното детство му недостасувало нешто суштински важно. Затоа таа нему му се обраќала онака како што им се обраќала на децата во својата ординација. Разговарала со него како со некое дете не затоа за да му обзнани дека е детинест туку да му го поврати - како на изразито инфантилна возрасна особа во каква што пораснал - вистинското детство од коешто бил лишен.

Овој невообичаен вид комуникација јасно е видлив од писмата што меѓусебно си ги праќале помеѓу 1956 и 1978 година. Тој ја наговара да присуствува на важни состаноци на Француското психоаналитичко друштво (SFP), „скришно“ ја моли да му каже што таа мисли за неговото учење или ја моли за информации што таа ќе ги користи на своите семинари. Од 1960-та па натаму таа имала обичај Новата година да му ја честита подарувајќи му колачиња, играчка или некоја направичка.

Слики: Ана Живи Сликовници - Што јаде нилскиот коњ

Извор: Jacques Lacan, Приказ једног живота и историја једног система мишљења - Elisabeth Roudinesco; Karpos, 2020

Избор и превод: П. В.

Слични содржини

Психологија / Теорија / Историја
Психологија / Теорија / Историја
Психологија / Теорија / Историја
Психологија / Теорија
Психологија / Теорија / Историја
Психологија / Теорија

ОкоБоли главаВицФото