58 години од кобните 20 секунди на 26 јули 1963-та

26.07.2021 13:28
58 години од кобните 20 секунди на 26 јули 1963-та

И по 58 години од катастрофалниот скопски земјотрес сѐ уште се свежи сеќавањата на старите скопјани. Велат болката по загубените семејства е голема. Иако поминал повеќе од половина век, раскажуваат за разурнатите домови и објекти кои како кули од карти згаснувале пред нивните очи.

„Беше мугра. Одеднаш се слушна силно мјаукање на мачки, лаеж на кучиња, а страотни крикови на животни се слушаа дури и од Зоолошката градина. Јата птици во хаотичен лет одлетаа од покривите...На улицата се појави наезда на стаорци кои бегаа од подрумите на сите страни. Веднаш потоа завладеа страшна, злокобна тишина. А по неа, силен татнеж. Облак од густ прав ја покри улицата. Кога правот се сталожи, видов дека се е претворено во пепел."

Ова е само едно од многуте сведоштва за утрото на 26-ти јули 1963-та година, кога земјотрес со јачина од 9 степени според меркалиевата скала во 5 часот и 17 минути го разбуди и го разруши Скопје. Скопскиот земјотрес се почувствувал на простор од околу 150.000 квадратни километри, најсилно низ долината на реката Вардар (5-6 степени), но и низ цела Македонија (4-5 степени), па и во соседните држави. Од потресот биле урнати 15.800 станови, а оштетени 28.000. Над 200.000 луѓе останале без покрив над глава. Под урнатините животот го загубиле 1070 негови граѓани, а биле повредени над 4000 граѓани. Штетата од земјотресот е проценета на 15% од БДП-то на цела Југославија за таа година или во денешна вредност помеѓу 3 и 5 милијарди долари, односно повеќе од целиот годишен буџет на државата. Апаратите до крајот на денот регистрирале 122 потреси, а уште 411 до крајот на годината. Земјотресот траел 20 секунди.

Покрај огромните штети, земјотресот сепак бил од локален карактер, а се смета дека неговиот епицентар бил кај населбата Злокуќани. Иако според магнитудата од 6,1 степени спаѓа во групата на земјотреси со средна јачина, жариштето (хипоцентарот) било плитко, што придонело за катастрофалниот ефект, големите штети и бројните жртви. Интензитетот на земјотресот се движел помеѓу 5 и 6 степени според MCS во најмалку погодените делови од градот, па сe до 10 степени каде што имало тотални уривања (околу плоштадот Слобода и во Kарпош). Друга причина за големите разурнувања е и тоа што тогаш ниту една од зградите не била сеизмички проектирана.

Во Скопје, за првпат во времето на Студената војна меѓу капиталистичкиот запад и комунистичкиот исток, се сретнале американски и советски воени сили кои заеднички им помагале на скопјаните.

По земјотресот градот почна да се гради по урнек по проектите на Кензо Танге, Циборовски, Доксијадис и домашните експерти. Но и после половина век не се  реализираше до крај идејата за градот на иднината и модерното Скопје. Денес веќе се губат локациите кои со децении ја чекаа својата реализација.

Историја на катастрофални земјотреси

Во својата долга историја, градот Скопје повеќе пати пропаѓал и одново се раѓал. На просторот помеѓу селата Злокуќани и Бардовци постоел град Скупи, метропола на провинцијата Дарданија. Овој римски град во 518-та година бил наполно разурнат од земјотрес. Тогаш во провинцијата Дарданија биле урнати 24 градски тврдини. Јачината на овој земјотрес изнесувала 10 - 11 степени. Катастрофалниот земјотрес наполно го уништил Скупи. За време на потресот биле создадени многу пукнатини во земјиштето. Од околните ридови се урнале големи маси карпи. Скопје потоа бил изграден на денешното место. Македонија, поточно регионот околу реката Вардар, е зона со висока сеизмичка активност. Во историјата Скопје два пати бил целосно разрушен од земјотреси: во 518-та година кога бил уништен Скупи, но и во 1555-та година.

Скопје 58 години потоа-во сеќавање на земјотресот

Со низа активности македонската метропола денеска одбележува 58 години од катастрофалниот земјотрес во 1963 година, во кој животот го загубија 1.070 лица, а 3.000 беа повредени под урнатините во кои се разбуди градот.

Втора година по ред поради корона пандемијата одбележувањето ќе биде според строгите мерки и протоколи.

Во 10 часот, пред Споменикот на жртвите од катастрофалниот земјотрес на Градските гробишта во Бутел, официјални делегации и претставници на институции положија цвеќе, меѓу кои скопскиот градоначалник Петре Шилегов и делегација на Советот на Град Скопје.

Општинската организација на Црвениот крст од Кисела Вода во соработка со Институтот за трансфузиологија ја организира традиционалната крводарителска акција која почнува во 9 часот и ќе трае до 17 часот во дневниот центар за дарување крв во Домот на хуманитарни организации „Даре Џамбаз”.

Во Музејот на Град Скопје во 19 часот ќе се одржи поетско читање на Организацијата на жени на Град Скопје, а во 20 часот ќе се отвори изложбата „Колаж на еден разурнат град”.

Во 19 часот ќе се одржи и свеченото пуштање во употреба на новиот кеј „13 Ноември”, на кое ќе присуствува градоначалникот Шилегов. Ќе има и настап на Градски дувачки оркестар и изложба на отворено насловена како „Сигналитика на централното подрачје на Скопје”.

Во Национална опера и балет во 20:30 часот, како дел од 42-то издание на „Скопско лето”, ќе се одржи балетската претстава „Сви марш на плес” (Balkan Dance Project). Ќе учествуваат танчери од земјава, од Хрватска, Словенија, Босна и Херцеговина и Србија.

Кореограф е Игор Киров, драматург е Горан Головко, музиката е на „Бјело Дугме”, а светло мајстор е Амир Ахиќ. Балетскиот ансамбл го сочинуваат: Бранко Митровиќ, Јакша Филиповац, Лука Живковиќ, Енди Шротер, Емир Фејзлиќ, Мојца Мајцен, Теодора Радивојевиќ, Зулејха Кецо и Ана Кузмановиќ.

Програмата за одбележување на 26 јули ќе биде заокружена со централниот настан во 21 часот во Градскиот парк, каде што ќе се одржи концерт на Филхармонија и „Архангел”, насловен „Филхармонија и Архангел за Скопје”.

Слични содржини

Јавни Простори / Теорија / Историја
Јавни Простори / Култура / Историја

ОкоБоли главаВицФото