Лузни од 90-тите - голема изложба во Риека на која учествуваат Игор Тошевски и Ивана Васева

27.07.2021 12:19
Лузни од 90-тите - голема изложба во Риека на која учествуваат Игор Тошевски и Ивана Васева

Од 27 јули до 27 септември во Музејост на модерна и современа уметност во Риека (ММСУ) ќе биде отворена изложбата насловена „90-ти: Лузни“. Изложбата произлегла од потребата за навраќање кон уметноста од времето на транзицијата на европските држави со социјалистичко наследство.

„Во периодот од паѓањето на Берлинскиот ѕид до интеграцијата на првите постсоцијалистички држави во Европската унија, интензивните глобални геополитички, социјални, економски, културни, технолошки и информациски промени влијаеа врз рамнотежата и создадоа нови односи меѓу постојните и новонастанатите држави. Симултаната поврзаност и кохезијата меѓу агенсите на разградувањето на старите и градењето на нови позиции на моќ оставија лузни врз генерациите кои се најдоа на патот на овие бурни процеси.

Динамиката на промените беше различна во одредени средини и нивниот интензитет варираше од кадифена до воена турбуленција, од оптимизам до катастрофи. Темите што уметниците ги препознаа како симболи на тоа време беа меѓусебно слични и иако уметничките сцени во одредени средини растеа во различни околности и различни културни системи, со текот на времето новите можности за размена на информации развија нов, испреплетен дијалог.

Уметничките дела претставени во „Лузните“ зборуваат за иконите на транзицијата, силата на новите центри на моќ, корупцијата и криминалот, војните и стравовите, положбата и улогата на жените во општеството, новите брзорастечки национализми, присилната миграција и новосоздадената мобилност, приватизацијата на јавниот простор и социјалниот капитал, новите културни системи и промените во положбата на уметниците, сиромаштијата, исчезнувањето на социјалното осигурување и сè друго што ги обележа 90-ите години на минатиот век и остави лузни врз социјалното и личното ткиво на поединецот.

Без разлика дали зборуваат критички, цинично или хумористично, дали користат конвенционални или нови медиуми и дали настапуваат директно или индиректно, дискретно или гласно, презентираните дела зборуваат за времето и за тоа како ние како општество го доживеавме и го преживеавме, зборуваат за неизбришливите траги кои ги остави тој период“, се вели во воведниот текст за изложбата.

Куратор на изложбата е Јанка Вукмир, а меѓу кокураторите е и Ивана Васева од Скопје. На изложбата се застапени уметници како Олег Кулик, ШКАРТ, Дан Пержовски, Албан Харадинај, Кирил Прашков, Небојша Шериќ Шоба, Алберт Хета, Лучезар Бојаџиев, Маја Бајевиќ и други, а учесник на оваа изложба е и македонскиот уметник Игор Тошевски.

Фотографија: Alexandr Roitburd, Psychedelic Invasion, 1998

ОкоБоли главаВицФото