Музичарите имаат нова надеж: Твич

28.07.2021 00:18
Музичарите имаат нова надеж: Твич

Метју Хифи од бендот Тривиум

Секој работен ден во 8 и 30 часот, Метју Хифи се повлекува во соба во својата куќа во Орландо, на Флорида, и вклучува три компјутери, три камери и мноштво гитарска опрема, подготвувајќи се за својот утрински лајвстрим.

Хифи, гитарист и пејач на метал бендот Тривиум, е еден од најпосветените музичари на Твич (Twitch), лајвстрим платформа која стартуваше неодамна како засолниште за гејмери. Во сопственост на Амазон, Твич привлекува околу 30 милиони посетители дневно, а неговите корисници, според податоците на компанијата минатата година изгледале повеќе од билион минути содржини.

Она што го разликува Твич, особено во однос на музиката, е начинот на кој помага во создавањето врски помеѓу изведувачите и нивната публика, и со тоа овозможува таквите врски да се монетизираат. Интеракциите со фановите - кои се гледаат на екранот, во форма на барање песна, нарачка и „емоти“ (емотикони посебно направени за Твич) - се дел од настапот како и уметникот на екранот. Сето тоа создава впечаток на топла заедница во која сите се поддржуваат меѓусебно.

Од 2018 година, Хифи (35) не се откажува од строгиот Твич режим, па стримува речиси секој ден во девет наутро и во три и триесет попладне. Вежба рифови на гитара по три часа дневно - објаснувајќи им ја техниката на оние кои сега почнуваат да учат да свират - џемува со својот бенд и игра пукачки игри во прво лице. Хифи на Твич има околу 220 000 следбеници, а околу 10 000 луѓе го гледаат речиси во секој момент.

Причина за толкавата популарност на Твич кај музичарите е неговиот економски модел, кој внесе вистинска револуција во бизнисот, нудејќи алтернатива на системот „победникот зема сè“, каков што е владејачкиот на сервисите како Спотифај, Епл Мјузик и Јутјуб. Овие платформи им овозможија на слушателите да ја најдат речиси секоја песна која е снимена некогаш, и да ја слушаат колку сакаат за симболична месечна претплата.

Али и Тревис од бендот Aeseaes

Но тие се на удар на критичарите, кои ги обвинуваат за намалување на вредноста на музиката, до точка во која само суперѕзвездите можат да заработат пари. Според податоците на Спотифај, минатата година 97 проценти од уметниците на оваа мрежа заработиле помалку од 1 000 долари.

Спротивно на тоа, Твич претставува алтернативен универзум во кој дури и уметниците од различни области можат да добијат десетици илјади долари месечно така што ќе бидат добри со фановите. За возврат, тие ќе им бидат еден вид мецени. Со интерактивниот чет и интерната економија базирана на претплати на канали и донации кои се нарекуваат „битс“, Твич би можел да биде сервис кој ќе ги исполни ветувањата за креативен пазар на интернет.

Но тука е и отвореното прашање за сопствеништвото над правата. Минатата година, кога многу музичари се префрлија на Твич заради пандемијата, сајтот доби илјадници известувања за кршење на авторските права. Твич поседува лиценци кои на корисниците им овозможуваат да свират песни во живо, но генерално нема дозвола за музика која се појавува со сочувани видео клипови. Твич ги отстрани сите клипови што содржеа нерегистрирана музика.

За оние кои се обидоа да живеат од платформата, сето тоа претставуваше големо откритие. Вил Пејџ, поранешен главен економист во Спотифај, неодамна ја спореди заработката и на „богатите“ музичари на Твич со оние од сервисите како Спотифај и Епл Мјузик. Според неговиот извештај, Лора Шигихара, композиторка на музика за видео игри, минатата година заработувала околу 700 долари месечно на аудио платформи, а околу 8 000 долари месечно на Твич.

Бендот Aeseaes, кој е составен од една брачна двојка од Остин во Тексас, и кој главно изведува акустични обработки, од Твич заработил 70 проценти од своите приходи до 2019 и 2020 година; вкупно 6 проценти од аудио сервисот и од онлајн продавницата за инди музика, Бендкамп.

Даниела Алар

„Има нешто убаво во тоа директно да го поддржите уметникот во чии дела уживате, да видите како тој ја прифаќа таквата поддршка и веднаш да ви се заблагодари“, вели Тревис од бендот Aeseaes. Тој свири бас, а неговата сопруга Али пее и свири гитара. (Двајцата се во триесеттите години.)

Трејси Патрик Чан, раководител на одделението за музика на Твич, вели дека просечниот број гледачи на музичарите кои можат да заработат и до 50 000 долари годишно, вкупно изнесува 183. За да добиете сличен износ од водечките платформи за стриминг, ќе ви бидат потребни помеѓу 5 и 10 милиони стримови.

Како што шири, Твич успева да ја издржува сè пошироката средна класа музичари. Тоа се постигнува со „гејмификација“ на односот помеѓу уметниците и фановите и канализирање на плаќањето и донациите директно кон музичарите. (Твич зема 50 проценти или помалку од претплатите, а со стримерите ја споделува заработката од „битовите“). Ова е спротивно од таканаречениот „про рата“ метод за дистрибуција на тантиемите која ја користат повеќето сервиси, каде парите што ги собрала платформата се делат на вкупниот број кликови. Тој систем ги изедначува процентите, но тоа значи и дека корисниците субвенционираат многу музичари кои никогаш не ги слушнале, а оние кои се на врвот на „кривата“ - најпопуларните музичари, како што се Дрејк и Дуа Липа - имаат најмногу корист.

„Ова е пренасочување од традиционалниот блокбастер модел во кој големите хитови заработуваат многу, а повеќето песни и автори остануваат без никаков надомест“, вели Вил Пејџ.

Но ширината на публиката која ја има Твич значи и дека стримерите мораат да ја приграбат секоја шанса што ја имаат. Неодамна, Даниела Алар, 31 годишна музичарка од Отава, канадската држава Онтарио, дозна дека нејзиниот сет, закажан за во шест часот наутро, ќе биде прикажан и на насловната страна на Твич. Нејзиниот стрим, кој вообичаено има стотина гледачи, доби 408 нови претплатници и 1 659 следбеници.

Превод: Алек Кузмановски

Извор: New York Times/International Report

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото