Демнењето - ново кривично дело со казна затвор до три години

28.07.2021 09:48
Демнењето прогласено за кривично дело со казна затвор до три години

 


  Министерот за правда Бојан Маричиќ на вчерашната прес-конференција објави дека во Владата поминале измените на Кривичниот законик со кои заштитата на жените се издигнува на повисоко ниво.

Преку имплементација на Истанбулската конвенција, законски се допрецизира заштитата на жените и се внесува новото кривично дело „Демнење“ кое досега кај нас не постоеше.

„Со новото дело ‘Демнење’ предвидуваме строги санкции и за вознемирување преку интернет, нешто што за жал се случува сè почесто.“, потенцираше Маричиќ.

Демнење претставува дејство на следење, прогонување или на друг начин мешање во личниот живот на друг, или  настојување да се воспостави со него несакан контакт со движење во просторот каде се наоѓа тоа лице. Демнењето вклучува и злоупотреба на личните податоци, со користење средства за јавно информирање или други средства за комуникација, или на друг начин психичко злоставување, вознемирување или застрашување и со тоа предизвување чувство на несигурност, вознемиреност или страв за неговата безбедност или безбедноста на нему блиско лице.

За ова кривично дело е предвидена парична казна или казна затвор до три години.

Ваквите измени се воведуваат за да спречат идни случаи како „Јавна соба“, кои предизвикаа бројни протести и активистички акции годинава.

Дополнително, министерот најави и дека ќе се зајакнува и заштитата на медиумските работници од напади и закани. Со измени во Кривичниот законик во иднина нападот врз медиумските работници ќе се третира исто како напад врз службено лице:

„Воведуваме строги казни за закана за напад врз новинари. Дополнително, во иднина Обвинителството ќе постапува по службена должност при вакви случаи. “, вели министерот Маричиќ.

На прес-конференцијата министерот објави и измени на повеќе закони, меѓу кои и на Законот за граѓанска одговорност, со кој значително се намалува висината на казните кои медиумите и новинарите би ја платиле како отштета за клевета и навреда. Од максимални 2.000 евра, со измените оваа сума се спушта до максимални 400 евра.

ОкоБоли главаВицФото