1025 hPa
81 %
6 °C
Скопје - Чет, 12.12.2024 05:59
Дали знаете колку поуспешно од Западот реагираше регионот на Источна Азија и Пацификот на пандемијата? Речиси 200 пати.
Ако тамошниот процент на смртност беше ист како на Западот, знаете колку луѓе ќе умреа? Ќе умреа 3,265 милиони луѓе.
Благодарение на квалитетните системи на организација, пред сè програмата „Test-Trace-Isolate“ (Тестирај-Следи-Изолирај), Азиско-пацифичкиот регион спаси повеќе од 3 милиони животи.
Притоа, судејќи по сè, Русија, Турција и Бразил поминаа уште полошо отколку ЕУ, САД и Велика Британија. Тука некаде е и Балканот: само во Република Србија досега умреа повеќе од 25.000 луѓе повеќе отколку што е просекот за истиот период последниве десет години. Нека биде напишано и со букви: дваесет и пет илјади луѓе.
За тоа сè уште не се зборува тука, зашто Тихиот океан е далеку и луѓето некако мислат дека целиот свет е во исто срање. Но не е, ни одблизу: една четвртина од човештвото не помина низ пеколот кој го поминавме ние останатите. Една четвртина од човештвото организираше анти-ковид акции кои беа поголеми и неколку магнитуди посупериорни од сè што видовме во Европа, Америка, Русија и Турција. И судејќи по сè, оваа четвртина е опремена со знаење и искуство да се соочи со климатските промени и со останатите предизвици на 21 век. Ние не сме.
Зашто, бадијала се сите зелени политики и еколошката свест, ако не се разбере основниот факт за животот во заедница: колективното здравје (а колективното не е исто што и јавното здравје) е поважно од либералната економија и граѓанските слободи.
Ќе дојде време да се соочиме со минатото, блисково минато од пред година и кусур или од пред половина година, кога со својата пасивност, својата метастазирана консумерска себичност, одведовме во гроб милиони луѓе.
Пандемијата, пак, не е готова. Да се вакцинираме, да ги заштитиме постарите, да ги освестиме бројкиве. Да ги поддржиме мерките кои поттикнуваат универзална вакцинација. Да ги поддржиме барањата за отворени и слободно лиценцирани вакцини. Доцна е за вистински Нула Ковид мерки, но не е доцна барем да бидеме свесни колку епски фејлувавме.
Има добри примери, само мора да се вложи ментален напор и љубопитност за да се препознаат, зашто шумот е премногу силен, толку силен што со месеци ја гушеше етичката реакција на фактот дека само во Србија секој ден умираат околу 100 луѓе.
Кога станува збор за следните години, има причини и за оптимизам: никогаш порано не се вложувале повеќе средства во медицински истражувања, и колку и да се морничави големите фармацевтски компании и капиталистичкото здравство, резултатите од овие истражувања во извесна мера ќе се прелеваат низ целиот свет. Исто така, истражувањата ќе бидат глобално подецентрализирани од претходно, зашто светот е помултиполарен, а тоа ќе ја зголеми шансата лековите да бидат поотворени и подостапни за поголем број луѓе.
Една од најважните задачи за секој од нас, пак, ќе биде да го зачуваме менталното здравје и когнитивната флексибилност во рамки на сè позаострените информациски војни. Да не паѓаме во лоши, еколошки или други расположенија, туку да го правиме она што можеме и да бидеме присутни за луѓето околу нас.
Медиумско-пропагандниот шум веќе е толку заглушувачки што практично е невозможно да се очекува од повеќето луѓе да развијат критичко мислење. За среќа, светот не се темели на повеќето луѓе туку, според стариот мит, на 36-те праведници.
Превод: Алек Кузмановски