Роман на годината 2020: „Случајот Чернобог“ (21)

29.07.2021 10:27
Роман на годината 2020: „Случајот Чернобог“ (21)

„Окно“ објавува извадоци од пристигнатите романи на конкурсот „Роман на годината“ 2020.

 „Случајот Чернобог“, Катерина Шошко, „Антолог“

Ja заврте фотографијата да прочита што пишуваше.

За Софија,

Елеонора Чернобог, за спомен и сеќавање
август, 1960 година.

На фотографијата Нора носеше темно фустанче со точки и морнарска јака, а косата, и тогаш долга, ѝ паѓаше до лактите. Се смешкаше срамежливо и гледаше некаде настрана.

„Јас ја засмевав зашто фотографот никако не успеваше да ја натера да се насмевне. Колку сериозно дете, велеше, ајде насмеј се, сликава ќе ти е за цел живот. Силвија стоеше на влезната врата и викаше дека нема да му плати ако ѝ направи слики како да е мртва. Колку ме нервираше кога така зборуваше за детето.“

Јан ја зеде сликата и воопшто и не ја заврте одзади за да прочита што пишува. Гледаше во девојчето. „Лицето ѝ е исто“. Си рече повеќе за себе и се насмевна.

„Еве ја и другата.“ Софија извади уште една слика и му ја подаде сликата на Јан, иако Татјана веќе ја имаше подготвено својата рака за прва да ја зграпчи сликата.

Младата Софија седеше и во рацете држеше бебе со бела капа подврзана под месестото лиценце.До неа стоеше Нора, видно поголема, облечена во училишна униформа.Косата ѝ беше уредно заплетена во две плетенки. Ја држеше Софија за рамото и се смешкаше, а со другата рака го држеше малото раче на сестра си. Гледаше директно во објективот.

„Колкава разлика за една година“, рече Јан.

„Две.1962, си пишува одзади. Тогаш Наталија веќе беше родена, имаше шест месеци.“

„Изгледа како вие да сте им мајка“, рече Татјана, фрлајќи поглед на фотографијата.

„Јас ги исчував. Кога им доаѓаше фотограф, барав да се сликам со децата. Силвија никогаш не ме одби.“

Татјана почна да тупка со прстите врз својот бележник и Јан знаеше дека ништо од овие сентименталности не ја интересираше. Во тие слики немаше одговори, немаше приказна, немаше ништо освен спомен вреден само за Софија.

„Ајде да се вратиме назад“, ја истргна фотографијата од прстите на Јан и ја пикна во кутијата што стоеше пред Софија. „Рековте имало егзорцизам.“

Софија не одговори веднаш на прашањето, туку продолжи да претура низ фотографиите. Си мрмореше нешто под носот, целосно внесена во потрагата.

Кога Татјана сакаше повторно да го постави прашањето, уште не успеа ни да го каже првиот збор, Јан ја фати за рака и ја прекина.Бавно ги подзатвори очите, немо кажувајќи ѝ да биде трпелива и да ја остави жената да почне да зборува кога самата ќе посака.

„Еве“, им подаде еден исечок од весник од 1960 година. Хартијата беше пожолтена и на две места залепена со селотејп. Насловот се однесуваше на промена на крстилницата во катедралата „Свети Архангел Михаил“. „Тоа ви го зборував до пред малку. Навистина ја сменија. Ова е од црковниот весник. Никому не му беше од особена важност оваа статија, затоа е и толку кратка. Пишува дека се оштетила од старост и дека ќе стават нова. Не беше точно.“

Наградата „Роман на годината“ ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“, под генерално покровителство на „Комерцијална банка“ АД.

Кон претходните делови