Пожарите лани проголтале најмалку шумска површина во последнава деценија

29.07.2021 12:36
Пожарите лани проголтале најмалку шумска површина во последнава деценија

Шумските пожари лани проголтале најмалку хектари површина засадена со дрвја во земјава во последнава деценија. Од палењето на вегетацијата во шумите во 2020 година настрадале вкупно 438 хектари, што е многу помалку во споредба со претходните години, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Во изминатава деценија, статистичките податоци покажуваат дека најлоша година за шумите била 2012 година, кога пожарите зафатиле дури 19.312 хектари површина. Огромни штети во шумскиот фонд имало и во 2019 година, кога пожарите опустошиле дрвја и останата вегетација на површина од 10.661 хектари.

 

 

Шумските пожари во земјава доста често се резултат на намерно палење на дрвјата, но и поради движењето во шумите за време на топло и сушно време, кога палењето оган за подготовка на скара од граѓаните или палењето стрништа во нивна близина многу едноставно може да заврши со голем пожар, којшто ја доведува во опасност не само вегетацијата, туку неретко предизвикува и други материјални штети.

 

Инаку, секторот Шумарство е еден од најподложните сектори врз кои влијаат климатските промени. Покачувањето на просечните температури на воздухот штетно влијае врз развојот на самите дрвја, додека сушните периоди се едни од главните причинители на шумските пожари, кои се особено актуелни во летниот период.

Од друга страна, доколку ги штитиме шумите од пожари и од нивно уништување, тогаш токму засадените дрвја можат да придонесат за намалување на негативното влијание на климатските промени врз нашите животи.

Податоците од Третиот двогодишен извештај за климатски промени на Министерството за животна средина и просторно планирање изработен во 2020 година покажуваат дека токму секторот Шумарство има најголеми отстапувања низ годините кај емисиите на стакленички гасови.

Во годините кога нема шумски пожари, според податоците, шумите имаат зголемена ефикасност во апсорбирање на штетниот јаглерод диоксид од атмосферата. Ова било случај во 2014 година, кога дрвјата апсорбирале 3.597,4 гигаграми на јаглерод диоксид еквиваленти (Gg. CO2-eq) во атмосферата.

Но, во случаите како 2000 година, кога имало огромни пожари, секторот Шумарство постанува главен причинител на испуштањето штетните емисии во атмосферата. Па така, токму оваа година овој сектор продуцирал 10.441,4 гигаграми на јаглерод диоксид еквиваленти (Gg. CO2-eq), односно имал најголем удел во емисиите на стакленички гасови во земјава.

„Шумарството најмногу придонесува за понирање на стакленички гасови, со исклучок на неколку години кога имаше натпросечен број пожари и опожарени површини. Површината со шумско земјиште, видовите дрвја (зимзелени, широколисни, мешани) и годишното пошумување и сечење на шумите е релативно стабилно. Се проценува дека во 2015 година, во овој сектор понирале 1.608,3 а во 2016 година 2.120,6 Gg CO2 eq.“, се наведува во Третиот двогодишен извештај за климатски промени.

Во тековниов летен период, земјава веќе беше зафатена од продолжен топлотен бран со високи температури, пропратен без врнежи. Втор ваков бран со многу топло време без врнежи деновиве повторно ја зафати земјава, па токму затоа се апелираше до граѓаните да бидат многу внимателни при движењето во шумите, да не палат огнови и да ги почитуваат мерките на властите во оние случаи кога ќе забранат движење низ шумите.

Извор: Мета. мк

 

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото