Што е хикикомори?

30.07.2021 01:03
Што е хикикомори?

Поимот Миленијалци ја означува генерацијата која стана полнолетна на почетокот од 21 век. Растењето на оваа генерација ја следеше молскавичeн развој на техниката. Производите, како извор на забава, се менуваат со вртоглава брзина, светот се дигитализира практично преку ноќ, интернетот ги урива сите бариери помеѓу протокот на информации и комуникацијата. Учењето нови програми и апликации не им претставува проблем бидејќи пораснаа со компјутери, а толеранцијата и отвореноста кон новото и поинаквото е општоприсутна. Површно гледано, делуваат посупериорно во однос на родителите, но новиот милениум има и свои мрачни страни.

Глобализацијата, покрај поврзувањето на светот, изнедрува и облик на социјална отуѓеност, хикикомори. Овој термин се користи за однесувањето на адолесцентите или младите личности кои избегнуваат контакт со околината и се повлекуваат од социјални активности. Феноменот првпат е опишан во Јапонија во деведесеттите години од 20 век, каде се наведува дека младите луѓе се незаинтересирани да го заземат своето место на пазарот на трудот и во општиот општествен придонес. Куриозитетот на овој феномен е и тоа што нема статистички значајни разлики помеѓу степенот на образование на поединците.

Со оваа состојба подеднакво се погодени и високообразованите и слабо едуцираните, а нема разлики ни во однос на тоа дали станува збор за примерни или проблематични ученици. Поединецот прекинува секаков контакт со општеството, својот живот го заснова на сопствениот, затворен свет во семејниот дом или во сопствената соба. Во екстремни ситуации одбива комуникација со членовите од семејството, ретко ја напушта собата и тоа исклучиво заради физиолошки потреби, спие дење, а ноќта ја користи за активности кои главно се во врска со интернетот.

Хикикомори, како облик на однесување кај младите, претставува социјален проблем последниве три децении, а препознаен е и во други земји, вклучувајќи ги и оние на европскиот континент. Модерната психијатрија не ја откри точната причина за оваа појава, но во некои случаи можат да ѝ претходат депресија, анксиозност и нарушувања на личноста. Исто така, во врска со оваа појава се доведува и зависноста од интернет, порастот на невработеноста кај младите, отуѓеноста како последица од промената на начинот на комуникација во новиот милениум, медиумската презаситеност со фикција, наметнувањето нереални критериуми за умствена и физичка совршеност.

Меѓутоа, овој феномен не се посматра како заболување, туку како состојба во која се наоѓа поединецот, но само ако појавата е изолирана и не ѝ претходеле други психијатриски дијагнози. Според критериумите на првата епидемиолошка студија на Министерството за здравје на Јапонија во 2003 година, личноста која може да се смета за хикикомори, времето главно го поминува дома, не е во состојба да извршува елементарна социјална интеракција како што е одењето на училиште или на работа, состојбата на изолираност трае подолго од шест месеци, нема блиски пријатели и кај личноста претходно не се дијагностицирало ниедно психијатриско заболување. Со оваа студија, во која биле вклучени 4 134 испитаници, на возраст помеѓу 20 и 49 години, проценето е дека вкупниот број хикокомори во Јапонија во тој момент бил поголем од 600 000.

За полесно да се следи и разбере овој феномен, овој вид социјално дејствување може да се подели на примарен и секундарен облик. Примарниот претставува појава на опишаното однесување кај поединецот кај кој претходно не се утврдиле манифестации на нарушување на личноста или расположението, други ментални нарушувања или ментална ретардација. Секундарниот претставува појава на ова нарушување на однесувањето, придружено со некое ментално заболување.

Дефинирањето на примарното хикикомори е од исклучителна важност за препознавање и третирање на оваа состојба како посебен феномен за чија појава не е неопходно присуство на друго ментално пореметување, туку таа може да постои изолирано како состојба на поединецот. Со изучување на овој феномен подобро можат да се согледаат социјалните проблеми, како кај младите во Јапонија така и во светот, и правилно да се третираат. Меѓутоа, секундарното хикикомори првенствено мора да се третира како примарно заболување.

Сува и Сузуки од Универзитетот Накоја ги опишуваат карактеристиките кои се воочливи кај состојбата хикикомори. Како прво го наведуваат појавувањето на симптомот „Прифаќање пораз без борба“. Личноста избегнува секаков вид компетиција, се откажува од своите цели иако претходно работела на нивно остварување. Иако лесно се откажуваат од идеите и желбите, свесни за последиците, овој вид неуспех им носи фрустрација и незадоволство. Градењето идеална слика за себеси врз основа на очекувањата на околината настанува како последица од неможноста да ги задржат своите идеи и желби заради што паѓаат под влијание на околината која им го наметнува идеалот кон кој би требало да тежнеат.

Истовремено, настојуваат да ја сочуваат таквата слика, што им го зголемува незадоволството, зашто со текот на времето таа слика сè повеќе се разликува од реалноста, што сè повеќе доведува до повлекување на поединецот. Мошне често е присутен поттикот од родителите, тие веруваат дека сè уште постои начин нивните деца да постигнат многу во животот, им пружаат поддршка, како емотивна така и финансиска. Најпосле, избегнуваат контакт со околината со цел што подолго да го одржат позитивното мислење за себеси, избегнувајќи ситуации во кои би зборувале за сопствениот живот, сопствените цели, идеали и планови.

Според јапонскиот социолог Мити, сржта на овој проблем може да се најде во социјално-културолошката позадина на Јапонија после Втората светска војна. Периодот после војната може да се подели на три декади: време на идеали, време на соништа и време на фикција. За појавата на феноменот хикикомори се верува дека е клучна социолошката позадина на периодот кој се означува како „време на фикција“, а тоа е период кој траеше од почетокот на осумдесеттите години до средината на деведесеттите години од 20 век. Во оваа декада растењето на младите беше обележано со присуство на генерациско и семејно насилство, изразен бунт кон авторитетите како што се родителите и професорите, како и зачестено нарушување на јавниот ред и мир од страна на младите.

На почетокот од новиот милениум доаѓа до големи интерперсонални промени. Времето на фикција настанува после периодот кој се означува како „време на соништа“, кое беше обележано со социјална интеракција позната како конформизам, кој подразбираше општествен поредок во кој се негуваше колективното добро, се фаворизираше тимскиот дух, општествената заедница се организираше така што секој поединец во опкружувањето во кое работи и живее го доживува колективот како пошироко семејство. После овој период се создаваат нагли промени во меѓучовечките односи во општествената заедница. Конформизмот, како облик на социјална интеракција, ненадејно го губи значењето.

Во тој период индивидуализмот сè уште не е сосема формиран. Најголеми жртви на овој период на транзиција се токму генерациите кои ќе ја трпат последицата од судирот на глобализацијата со конформистичкото општество. Односите помеѓу Јапонците ќе се дефинираат како рапидна промена во јапонското општество која води кон социјална ситуација која не е ориентирана кон групната припадност. Новиот облик индивидуализам е склоност кон ментална и социјална изолираност, која ја следи честата незаинтересираност на поединците за случувањата и луѓето од нивната околина, но со хиперфокус на далечните извори на информации и лица со кои одржуваат контакт преку мобилните телефони и интернетот.

Покрај наведеното, не треба да се заборави и дека од почетокот на деведесеттите години до денес, како во светот така и во Јапонија, се зголемува нерегуларната невработеност, со која особено се погодени младите генерации. Несигурноста на вработувањето и заработката придонесуваат за зголемување на несигурноста кај поединецот како и неможност за планирање на животот. Сите наведени општествени појави се земаат како клучни социјално-културолошки фактори во појавата на феноменот хикикомори.

Фактот кој сè повеќе загрижува е тоа што формата на овој феномен, покрај Јапонија, е регистрирана и во други земји како што се Северна Кореја, САД, Англија, Италија, Шпанија. После 11 септември и Лемановиот шок во САД, забележана е значајно потешка интеракција на младите луѓе во општеството и зголемена склоност кон изолација. Во Европа невработеноста на младите е во пораст, па затоа и ова се гледа како еден од сериозните фактори за понатамошен развој на феноменот на отуѓеност. Затоа постои оправдан страв дека оваа состојба на социјална изолираност наскоро ќе се прошири и на другите земји и дека феноменот, кој се роди во Јапонија, ќе стане глобален проблем.

Превод: Алек Кузмановски

Фотографии: Maika Elan

Извор: http://elementarium.cpn.rs/

ОкоБоли главаВицФото