Пошумувањето во земјава на рекордно ниско ниво

31.07.2021 10:10
Пошумувањето во земјава на рекордно ниско ниво

Пошумувањето на нови површини во земјава опаѓа во изминатава деценија. Во 2020 година во Македонија биле засадени нови дрвја на површина од 569 хектари, што е второ најниско ниво во изминатава деценија по 2017 година, кога биле пошумени 553 хектари, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Она што најмногу загрижува е фактот дека земјава постепено го губи богатиот шумски фонд со којшто располага, бидејќи од една страна, пошумувањето во изминативе години оди во надолна линија, додека за сметка на тоа, уништувањето на шумите само од пожари е за неколку пати поголемо по хектари во однос на засадените дрвја.

 

Во изминатава деценија, најмногу дрвца на површина од 2.969 хектари биле засадени во 2010 година. Од тогаш до денес, бројките на пошумени површини опаѓаат. За сметка на ова, само од шумски пожари во 2012 година била уништена површина од 19.312 хектари под вегетација. Ова значи дека уништените шуми само во текот на оваа година се за неколку илјадници хектари поголеми во однос на вкупното количество на пошумени површини во изминатава деценија, кое изнесува само 14.294 хектари.

 

Покрај од пожари, шумските површини во земјава дополнително се уништуваат од инсекти, од елементарни временски непогоди и од дивата сеча на огревното дрво. Овие индикатори не можат да се пресметаат во хектари површина, поради тоа што статистичките податоци ги мерат уништените дрва од нив во кубни метри. Сепак, вкупните податоци ја покажуваат очигледната негрижа за шумскиот фонд со којшто располага нашата земја.

За разлика од нашата земја, Европската комисија кон средината на јули годинава ја објави најновата Стратегија за шуми во Европската Унија (ЕУ) до 2030 година, со која планира во наредните две децении на нејзината територија да се засадат 3 милијарди нови дрвја. Европските институции ги сметаат шумите за главниот сојузник во борбата против климатските промени, бидејќи дрвјата го апсорбираат штетниот јаглерод диоксид испуштен во атмосферата, односно го намалуваат количеството на штетните емисии на стакленички гасови.

Европската комисија пресметала дека засадувањето нови дрвја во наредните две децении во земјите-членки на ЕУ ќе помогне да се оствари планираното намалување на емисиите на гасови со ефект на стаклена градина од најмалку 55 отсто во 2030 година.

Покрај тоа што пошумените површини го штитат целиот свет од покачувањето на просечните температури на воздухот и позитивно влијаат на намалување на загадувањето на воздухот во градовите, дрвјата на планините и ридовите се главниот заштитник на населението од ерозија на земјиштето и предизвикување на човечки жртви и материјални штети при временски непогоди.

Извор: Мета.мк

 

Слични содржини

Европа / Свет / Екологија

ОкоБоли главаВицФото