Охрид – светски предводник во пресметување родендени и јубилеи

02.08.2021 11:20
Охрид – светски предводник во пресметување родендени и јубилеи

 

61. роденден на Охридско лето (1961–2021)

Владата веднаш да се земе на одговорност што не го славеше јубилејот 30 години независност минатата година (1991–2020), како што тоа со најдобар пример го покажуваат двете манифестации од Охрид: Охридско лето и Балканскиот фестивал на народни песни и игри. Охридско лето си ја прогласи лани за јубилејна 60-та година, Балканскиот фестивал (1962) си го славеше јубилејот оваа година (во најавата на Министерството на нивниот сајт им кажуваат дека си го згрешиле името и дека се викаат Балкански фестивал на народни игри и песни). Може да пишувам колку сакам колумни (лани напишав дури две), караваните си минуваат. Лани се објави и монографија за фестивалот Охридско лето (?!, уште неодржано и по нивната пресметка 60-то, сега тоа го направи и Балканскиот фестивал). Но што е тоа за фестивалот со светско реноме, со феноменалното отворање кое требаше да му покажеме на светот, дека во Македонија, ние, први во светот, му откривме на светот, дека четвртиот став од Шестата симфонија на Чајковски (изведен самостојно ?!), всушност не бил тоа, туку дел од неоткриениот балет на Чајковски – Ана Каренина (?!) и тоа со скратен крај (?!!!!). Знам дека пред некоја година во МОБ беше изведен балетот на Чајковски – Ана Каренина (и тоа беше откритие кое за жал никој не го регистрира), но овде во изведбата немаше балет, туку само оркестар. Оние од светот што не знаат ништо, кога се користи музика од некој автор пишуваат – според делата на..., но не знаат дека тоа треба да се примени и во иднина, секогаш натаму кога ќе се изведуваат тие дела. Кога ќе го земам предвид квантитетот на музичари кој учествуваше во ова прекрстување (од оние во Охридско лето па натаму, насловот го видов на телевизиската снимка), гледам дека конечно ќе треба да си ја вратам дипломата.

Арно ама, нели е арно да ти дадат накај еден милион евра (заокружениот буџет, односно средствата што годишно ги лапа фестивалот) да си правиш што сакаш, поддржан од прекрасното, маестралното, генијалното, извонредното итн., медиумско покривање, и се разбира, Министерството за култура. После никој не го интересира да провери, најмалку Министерството за култура, кое ревносно го врши трансферот од народните пари до корисникот, што се случило со нивното трошење. За возврат корисникот ќе ги угости великодостојниците од Министерството неколку пати, ќе се сликаат заедно насмеани итн. На крајот на краиштата со години, никогаш и немало независна контрола, од финансиска до програмска, (и тоа не само за оваа манифестација), да каже како се трошени парите од ова Министерство, кои ние им ги должиме на овие корисници, дали се давани на случајни и ad hoc формирани ансамбли, маестрални и уште не знам какви уметници, на кои светската критика им напишала неверојатни комплименти за нивните претходни настапи итн.

Сега го чекам да го видам и сечењето на тортата со 61 свеќичка (1961–2021), за да го прославиме единствениот концерт во Св. Софија на Ана Липша-Тофовиќ на 4 август 1961 година (за кој дури и јас пишував како е организиран), но кој е толку голем, што е еднаков на десетици и повеќе концерти кои во другите средини ги нарекуваат фестивали.


 

ОкоБоли главаВицФото