Отелo Сараива де Карваљо (1936 – 2021)

03.08.2021 11:34
Отелo Сараива де Карваљо (1936 – 2021)

Еден месец пред својот 85 –ти роденден почина Отело Сараива де Карваљо, харизматичниот стратег и водач на Движењето на вооружените сили, кое на 25 април 1974 година со левичарски воен удар ја обори салазаристичката диктатура и Португалија ја воведе во демократија.

Се родил во денешно Мапуто, главен град на тогашната португалска колонија Мозамбик. Сонувал да стане глумец, но откако завршил гимназија отишол на Воена академија и како млад офицер, во 1961 година бил испратен во Ангола, каде започнала војната за деколонизација и национална емнаципација на анголскиот народ.

Во Лисабон на власт бил Антонио де Оливеира Салазар кој со цврста рака ја предводел корпоративистичката диктатура, потпирајќи се на тајната политичка полиција „PIDE-DGS“. Во 1968 година ќе го замени Марсело Каетано, кој битно не ја променил природата на режимот.

Отело уште таму го сензибилизира колонијалното прашање, но целосна свест за бесмислата на герилската војна во која Португалија не може да победи стекнува во Гвинеја Бисао, каде бил испратен во 1970 година. На должноста во штабот имал прилика да се запознае и со другата страна на војната, прво со програмата на Африканската партија за независност на Гвинеја Бисао и Кабо Верде, на чело со Амилкар Кабрал, еден од легендарните водачи за ослободување на колониите во Африка. Почнува да го привлекува левичарската литература и полека во него созрева свеста за историската застареност на колонијализмот и потребата за демократизација на Португалија, економски и социјално исцрпена од долгогодишната војна, изолирана во Европа и светот, под силен притисок на Посебниот одбор за деколонизација на Обединетите нации.

Воен гувернер на Португалија во Гвинеја Бисао, тогаш бил бригадниот генерал Антонио де Спинола. Во своите контакти со заповедникот, Отело набргу сфатил дека и тој слично размислува за потребата од коренити промени во лисабонската политика кон војната и колониите.

Почнал да воспоставува контакти со други офицери на копнената војска, капетани и по некој мајор и започнал да го формира Движењето на капетаните. Унапреден во мајор, во 1973 година се враќа во Португалија и воспоставува контакти со незадоволните офицери од морнарицата и воздухопловните сили. Движењето преминува во нова фаза и во ноември се претвора во Движење на вооруѓените сили и се избира управно тело на чело со Отело. Тогаш му пристапуваат и други офицери, полковници, дури и неколку генерали. Се дефинира политичката филозофија на Движењето со три главни точки: завршување на војната, деколонизација и демократизација и развој. Програмските документи ги напишал мајор Мело Антунес, подоцна еден од авторите на демократскиот Устав, делумно инспириран од тогашниот југословенски Устав.

Наскоро се одлучува дека треба да се урне режимот со воен удар. Оперативното командување му било доверено на Отело. Токму тој од една просторија со покриени прозорци, во гарнизонот северозападно од лисабонскиот аеродром, го спровел палнот од 24 страници што самиот го напишал.

Планот во основа бил многу едноставен. Истовремено да се блокираат командите на воените области, жандармеријата и полицијата, да се извлече артилеријата на стратешки точки околу Лисабон, да се завземе радио-телевизијата, да се блокираат патните комуникации, пристапот до градот и аеродромот, да се затвори воздушниот простор, да се неутрализираат главните седишта на PIDE-DGS, како и да се обезбеди државниот сеф и Народната банка. Движењето имало ветување од воздухопловните сили и од морнарицата дека нема да се вмешуваат затоа што само мал број офицери од тие родови се вклучиле во Движењето на воорушените сили.

Кодниот знак за почетокот на операцијата била песната „После збогум“ на тогаш популарниот пејач Паул де Карваља, која ја пуштил еден пријателски водител на едно од четирите национални радија. На 24 април во 22, 55 часот. Во 00,20 на 25 април била емитувана и втора песна на Жозе Алфонсо, која била забранета заради стиховите: „Грандола темен град, се градат братства, во тебе народот заповеда...“ Стиховите биле знак дека започнува операцијата, офицерите да ги разбудат војниците, да ги постројат и да им објаснат дека целата е да се собори режимот и дека можат да одбијат да учествуваат, а заради тајноста ќе бидат притворени до крајот на операцијата. Големо мнозинство војници и подофицери со ентузијазам прифатиле да учествуваат. Колона на борбени оклопни возила со кој командувал капетанот Салгуеиро Маиа, втората харизматична личност на Револуцијата на каранфилите, набрзо стигнува до лисабонскиот плоштад каде се наоѓале зградите на министерствата. Владата побегнала во тврдината, седиште на жандармеријата во Горниот град и цел ден не сакала да се предаде затоа што не сакала да дозволи „власта да се тркала по улиците“.

Тоа утро на националните радија било објавено првото соопштение на Движењето со кое на Португалците им се објаснуваат целите на воениот удар и се повикуваат да не излегуваат од куќите заради сопствена безбедност. Ударот е спроведен без да се пролее крв. Четворицата луѓе кои го изгубиле животот тој ден и 45-те ранети биле последните жртви на репресивниот апарат на салазаристичката диктатура: припадници на тајната полиција од прозорец пукале врз луѓето собрани да протестираат пред нејзиното седиште.

Набрзо народот воодушевен излегол на улиците. На градските улици, селанки од предграието продавале каранфили и јагоди. Една од нив ставила каранфил во цевката од пушката на војник, таму се затекнал фото репортер, неговата фотографија го обиколила светот и така настаноло името Револуција на каранфилите.

Отело станал национален херој. Една година, до ноември 1975 година, кога власта ја презеле офицери блиски до десниот центар, бил заповедник на COPCON, воениот орган на Собранието на револуцијата, кое имало задача да бдее над започнатите демократски процеси. Тогаш почнале да му стигнуваат критики заради револуционерната грозница од која никогаш нема да се ослободи.

Се кандидирал на претседателските избори во 1976 година и освоил 16,4 отсто гласови. Повторно ќе се кандидира во 1980 година, но тогаш ќе добие само 1,49 отсто гласови. Од 1986 до 1991 година поминува во притвор и по пет години е ослободен заради недостаток на докази. Бил обвинет врз основа на недокажани индиции дека ја водел ФП – 25, терористичка организација на екстремната левица, која дејствувала помеѓу 1980 и 1987 година. Покрај грабежи на финансиски инстиуции и провали, била обвинета и за 18 човечки жртви. Отело секогаш ги негирал обвиненијата, како во јавноста, така и меѓу пријателите. На крајот парламентот го амнестирал од каква било вина.

На една годишнина од Револуцијата на каранфилите, Отело кажал како сака да биде запаметен: „Би сакал да останам во историјата како човек кој од младоста се борел за еден идеал и успеал да го оствари. Човек многу горд што бил протагонист на потфатот да ја ослободи земјата од 48 години фашизам и кој потоа продолжи да се бори за она што го сметал дека е најдобро за неговата држава и неговиот народ“.

Целата политичка португалска елита реагираше на веста за смртта на Отело. Повеќето изјави беа калкулантски и претерано претпазливи. Претседателот на државата, Марсело Ребело де Соса ја истакнал улогата на Отело во Револуцијата, но и „свеста за длабоките поделби што ги предизвикала и ги предизвикува неговата личност во португалското општество“, сметајќи дека е „прерано“ историјата да го „оцени со доволна дистанца“, како таа воопшто да ќе постоеше да не беше Отело и Револуцијата на каранфилите.

Извор: portalnovosti.com

 

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото