Биодиверзитетот и влијанието на човекот

04.08.2021 03:10
Биодиверзитетот и влијанието на човекот

На борбата против климатските промени кои ги предизвикува човекот со своето дејствување, разбирливо, ѝ се посветува големо внимание. Сепак, едно ново истражување ѝ посвети внимание на фосилната историја и дојде до заклучок дека на планетата би ѝ биле потребни милиони години за да се опорави од моменталната штета што ја направи човештвото.

Историјата на светот покажува дека на нашата планета ѝ се случувале масовни екстинкции, односно настани заради кои изумреле многу видови. Добро познатиот астероид, кој ја предизвикал петтата масовна екстинкција во која освен диносаурусите изумреле и три четвртини од вкупниот број на видовите кои живееле на Земјата во тој момент, бил само еден таков настан. Денес, 66 милиони години подоцна, многу научници велат дека живееме среде следната масовна екстинкција, само што овојпат таа е предизвикана од човечкото дејствување.

Едно ново истражување, објавено во списанијата Communications Earth & Environment и Nature, се занимава со повторна проценка на стапката на изумирање за време на петтата масовна екстинкција на полжавите, како што се водените и копнените полжави, но ги предвидува и идните стапки, доколку продолжат ваквите трендови. Истражувачите утврдиле дека стапките на изумирање на слатководните полжави денес се трипати поголеми од оние за време на претходната масовна екстинкција, дури и ако земеме предвид колку се опоравила планетата во меѓувреме, и дека овие трендови можат да се влошат во иднина. Ова е лош знак, зашто на планетата ѝ биле потребни милиони години за да го обнови својот биодиверзитет после минатата масовна екстинкција.

„Пред 66 милиони години земјата ја погодил астероид и целиот свет веднаш ги почувствувал ефектите“, вели Томас Нојбауер, првиот автор на ова истражување и професор на Универзитетот Јустус Либих, каде се занимава со екологија на животните и систематика. „Во моментов имаме споредлива ситуација: катастрофална е во слична мера, а таа катастрофа овојпат сме ние, човештвото.“

Истражувачите одлучиле да ги набљудуваат слатководните полжави во Европа, затоа што постојат мноштво слични фосилни остатоци кои се зачувани и можат да се употребат како материјал, рече Нојбауер. Претходно веќе било заклучено дека малите видови веројатно го преживеале ударот на астероидот, додека настрадале поголемите, претежно предаторите. Откако реконструирале кои видови полжави постоеле некогаш, истражувачите пресметале дека изумреле приближно 75 проценти, што било случај и со остатокот од флората и фауната.

Водените полжави играат важна улога во своите екосистеми, а бидејќи се плен, нивното исчезнување би имало каскаден ефект, рече Нојбауер. Освен тоа, глобалните трендови на животот во слатката вода укажуваат дека впрочем полжавите би можеле да бидат добар пример, а не исклучок, се наведува во ова истражување.

Понатаму, Нојбауер и неговите соработници се обиделе да ја замислат иднината со помош на овие факти. Користејќи опен сорс симулатор за екстинкции кој е дело на шведски истражувачи, направиле модели кои прикажуваат како ќе изгледаат европските реки и езера за 50, 80 и 100 години кога се посматра изумирањето на полжавите, а посветиле особено внимание на видовите кои веќе се на меѓународните листи на загрозени видови. Овие модели користеле историски податоци од ИУЦН (International Union For Conservation of Nature) и баезиски метод за да предвидат колку оваа состојба би можела да се промени во иднина - во случајов, колку загрозени видови би изумреле - врз основа на веројатност.

Резултатите биле вознемирувачки: предвидените стапки на изумирање на видовите слатководни полжави во Европа изнесуваат „помеѓу 72 (20,8 проценти) и 111 (31,9 проценти), а овие видови би можеле да изумрат во следните 50 до 100 години“, пишува во ова истражување.

Нојбауер вели дека е сигурен дека црвената листа на ИУЦН добро ги воочила моменталните видови полжави кои постојат, бидејќи тој и многу други истражувачи придонеле за ваквите сетови податоци. Исто така, податоците од други групи, како што се инсектите, не се целосни, додаде тој, а користењето такви податоци дополнително би го отежнало ова истражување.

Споредувањето на петтата масовна екстинкција со моменталната, шеста, ни овозможува да забележиме колку би бил долг периодот за опоравување на планетата. Заради моменталните последици кои се предизвикани од ударот на астероидот би биле потребни милиони години - а постои можност дека на планетата би ѝ требало исто толку време за да се опорави од влијанието на човештвото, рече Нојбауер.

Нојбауер исто така додава и дека се надева дека ова истражување ќе ги инспирира политичарите да донесат закони кои ќе го оневозможат продолжувањето на човечкото влијание врз климатските промени, како и дека ќе ги убеди луѓето да посветат внимание на она што им се случува во секојдневниот живот и дека нивните одлуки влијаат на планетата.

„Сè што правиме има некакво влијание на нашиот екосистем“, рече тој. „Тоа почнува со нашите секојдневни одлуки: што ќе јадеме за вечера, колку месо ќе јадеме, колку ќе нарачуваме онлајн, колку ќе летаме со авион.“

Превод: Алек Кузмановски

Слики: Nikolina Petolas

Извор: https://www.vice.com/