1021 hPa
81 %
7 °C
Скопје - Чет, 14.11.2024 14:59
Кога Ловенштајн видел како во кабинетот му влегува величенствениот заводник со искосена глава и преголеми уши, со неповторлива насмевка и лажно лежерно држење, се загрижил: Лакан не бил обичен анализант. Тој креативен гениј во психоанализата влегол по патеки поинакви од патеките на официјалната психоанализа. Таква личност никако не можела да се подвласти на правила и стеги, макар тие биле нужни за нејзините амбиции. По темпераментот Лакан бил слободен човек, неговата слобода вриела на сите страни. Не признавала ни попречувања, ни граници, ни цензура; таа слобода, стекната со големи напори на претходните генерации и во екот на крупни промени во векот на индустријата, како за тој последен припадник на класата во подем да станала еден вид друга природа. Лакан не прифаќал ни навестување на нечиј авторитет ‒ ни за неговото сопствено битие, ни за управување со неговите желби.
Бидејќи никогаш не морал да ја признава надмоќта на таткото и бидејќи не знаел да се откаже од ниеден свој хир, во 1932-та година напред бил гонет и од волјата за моќ разгорена од плодоносното читање на целиот Ничеов Заратустра ‒ потхранувано и со страста спрема Спиноза... Згора на таа волја одел и врвниот презир спрема вулгарната глупост.
Стигајќи во зрелата доба Лакан го измачувале, значи, само буржујските страдања: непрестајното незадоволство, претераното нетрпение, болката што сè уште не може да овладее со светот. Накусо, имагинарно страдање проследено со најбанални неврози. Тој не ги запознал лишувањата, гладот, бедата, неслободата, прогонувањето. Премлад за да мора во огнот на Верден (Verdun) да ги изгуби најубавите години, војната ја проживеал во колежот Станислас, а лудилото на таа ужасна епопеја го насетувал само преку погледот кон инвалидизираните или кон оние што ја очекувале смртта. Никогаш не го зафатил мирисот на крвта на военото поле; никогаш не морал да се бори против стварно угнетување.
Бидејќи повеќе поколенија спокојни трговци го тетошеле уште од јасли, во наследство ги добил само маките на семејните стеги, што од него направило спротивност на херој. Оваа неподобност за хероизам, меѓутоа, одела рака под рака со изразитото отфрлање на секој конформизам. Така Лакан станал еден вид антихерој, спастрен не за нормален живот туку за екстраваганција и неспособен да се прилагоди на мноштвото обични видови однесување. Оттаму е неговата прекумерна приврзаност за говорот на лудилото, единствениот начин да се испита безумието на светот.
***
Лакан со Јасперс постапил како со повеќето автори под чиешто влијание бил. Секое преземање на некој поим, секое упатување на некоја идеја, секој поглед на некоја теорија, секогаш му служеле да се одалечи од нив а притоа да ја игра, сè во исто време, и улогата на разбивач на старите вредности, и улогата на наследник на долгата традиција на предците, и улогата на осамен иницијатор на нова наука. Недофатлив како феникс, секогаш ги спротиставувал класицизмот на модернизмот, субверзијата на генеалогијата, за веднаш да се преобрази во противник на сопствените тези, држејќи се до својот барокен стил во кој дијалектиката на присуството и отсуството се менува со логиката на движењето и просторот.
***
Лакан бил исклучително способен да постави дијагноза; имал исклучителна дарба да го ослушува јазикот на лудилото; имал и неверојатна луцидност со која успевал да ги детектира дволичноста, самозадоволството, задртоста ‒ а сè се тоа суштински квалитети за оној којшто сака да се занимава со психоанализата како професија.
На фотографиите: Chiharu Shiota, In Silence, уметничка инсталација направена од црни волнени конци и јагленосано пиано
Извор: Jacques Lacan, Приказ једног живота и историја једног система мишљења - Elisabeth Roudinesco; Karpos, 2020
Избор и превод: П. В.