1023 hPa
93 %
5 °C
Скопје - Пон, 02.12.2024 07:59
На 10 ти август со почеток во 20 часот, премиерно ќе биде прикажан вториот краток филм за „Старо Скопје", „Раѓањето на градот", чиј автор е Катерина Габунија, а носител на проектот НУФЦ Вардар Филм - Скопје. Проектот е поддржан од Град Скопје а реализиран во соработка со Кинотеката.
Проектот „Тајните архиви на Скопје - Раѓањето на градот" е инициран, режиран и координиран од Катерина Габунија, монтажата и изборот на музика е на Мартин Никлески, дигитализацијата и дигиталната обработка на Александар Трајковски и дизајнер на звук е Сашко Потер Мицевски. Филмот ќе биде прикажан во рамките на Фестивалот на нем и класичен филм, кој за прв пат ќе биде организиран во соработка со Кинотеката и здружението Кино Балкан.
„Раѓањето на Скопје претставува колаж од дигитализирани 8 милиметарски филмски ленти, чии протагонисти се граѓаните на Скопје. Нивните приказни, креираат емотивна, забавна но и носталгична филмска сторија за Скопје и скопјани раскажана низ најважните периоди од животот на еден човек. Младоста полна елан и љубов, периодот на созревање и градење дом и семејство и раѓањето на нов живот се клучни елементи на овој видео колаж“, вели Габунија.
Процесот на реализација на овој проект започна со јавен повик до граѓаните за собирање на 8 и супер 8мм ленти. Се продолжи со дигитализација и дигитална обработка, а потоа се премина кон монтажа на слика и звук.
Проектот „Тајните архиви на Скопје" доби поддршка за реализација и на трет дел. За таа цел, се обраќаме до граѓаните на Скопје, кои во своите домови сеуште чуваат 8 и супер 8 милиметарски филмски ленти да ги донесат своите ленти во просториите на НУФЦ Вардар Филм или да и се обратат директно на авторката на проектот, Катерина Габунија ( katerinagabunija@gmail.com /070 341 463)
„Граѓаните кои со своите ленти ќе учествуваат во проектот, ќе добијат свои дигитализирани копии и секако ќе бидат дел од еден интересен филмски колаж. На овој начин преку архивирање и дигитализација на стари филмски ленти (8 и супер 8 мм) од домашната архива на скопјани се открива скриеното богатство за животот во градот, но и се зачувуваат драгоцени документи, кои доколку не бидат дигитализирани ќе исчезнат или ќе бидат дегенерирани и неупотребливи“, се вели во соопштението од авторката на проектот.