1017 hPa
38 %
23 °C
Скопје - Нед, 13.10.2024 14:59
Во медиумите и литературата често се нагласува дека климатските промени се нарушување на целиот природен еко систем, дека станува збор за систем на поврзани садови, и кога еден сад ќе прелее, сите останати исто така го губат балансот. Затоа, научниците почнаа да ја проучуваат ранливоста на Европската унија во однос на климатските промени, имајќи ја предвид зависноста на Унијата од увозни прехрабнени производи. Најмалку 40 проценти од земјоделскиот увоз на Европската унија ќе биде „многу чувствителен“ на суша до 2050 година, откриваат новите истражувања. Зависноста на прехранбената индустрија на ЕУ за сировини надвор од нејзините граници се однесува, на пример, на секторите за месо и млечни производи, какао, чоколади, шеќерна трска, производи на база на палмино масло, кафе, чај, соја, козметика итн.
Шпанско-холандските научници Јоханес Хунинк, Тед Велдкамп и Ертуг Ерцин неодамна објавија студија во списанието Nature Communications, која покажува дека до 2050 година проблемите со сушата значително ќе се зголемат (за 35 проценти до 45 проценти) во однос на сегашната состојба. Тоа особено ќе се рефлектира на увозот на храна која потекнува од Бразил, Индонезија, Виетнам, Тајланд, Индија и Турција. Истовремено, увозот од Русија, Нигерија, Перу, Еквадор, Уганда и Кенија во иднина ќе биде малку помалку чувствителен на суши со оглед на различните подрачја.
Студијата открива дека процесите барем делумно можат да се санираат, ако веднаш се преземат мерки за прилагодување. Но, преземањето такви мерки се очекува од најразвиените земји, но не и од оние на кои им недостасува квалитетна инфраструктура која треба да се изгради, на пример во Брегот на слоновата коска или Гана. Со оваа студија научниците сакаа да покажат дека климатските промени надвор од ЕУ исто така влијаат на тоа како се живее во унијата и се обидуваат да ги мотивираат богатите земји да вложат средства во санација на климатските промени во странство, зашто тоа „не е само прашање од хуманитарна важност или геополитичко позиционирање - во основата на европскиот економски и социјален интерес е прилагодувањето на климата да се однесува на меѓународната трговија“, се наведува во текстот на Carbon Brief.
Глобалната економија на храната
Помеѓу 2002 и 2020 година трговијата на ЕУ со земјоделски производи се зголеми повеќе од двојно и денес блокот увезува повеќе храна отколку што извезува. Бидејќи климатските промени сè почесто предизвикуваат и поинтензивни суши на целата планета, на многу земји им е потешко да се грижат за посевите. Тоа може да ја загрози светската прехранбена економија и да го зголеми ризикот од недостаток на одредени земјоделски производи заради што повеќе земји истовремено се соочуваат со помали приноси. Бидејќи недостатоците на прехранбени производи можат да го ублажат падот на населението - и глобално и во ЕУ - кој се очекува до 2050 година, нагласуваат истражувачите.
Шеќерната трска која се користи во ЕУ се одгледува во странство, а студијата открива дека повеќе од 73 проценти од увозот на шеќерна трска ќе биде „мошне чувствителен“ на суша до 2050 година. Слично, половина од увозот на кафе во ЕУ отпаѓа само на две земји - Бразил и Виетнам. Авторите на истражувањето откриваат дека 44 проценти од местата за снабдување со кафе ќе бидат мошне чувствителни на суша заради климатските промени до 2050 година, а само 28 проценти помалку чувствителни во однос на моменталните климатски услови. Како понатамошен пример, ЕУ увезува помеѓу 30-35 милиони тони соја секоја година - главно од Бразил, Аргентина и САД. (Во ЕУ се одгледуваат само 0,9 милиони тони.) Студијата открива дека до 2050 година околу 60 проценти од увозот на соја ќе доаѓа од подрачја со „голема“ или „многу голема“ чувствителност на суша.
„Најпосле, Европа би имала корист од насочување на вложувањата кон овие подрачја за да ги намали климатските влијанија - зашто суштината не е само во хуманитарната грижа или геополитичкото позиционирање, туку во европскиот економски и социјален интерес е да се занимава со прилагодување на меѓународната трговија на климатските услови. Креаторите на политики и компаниите од ЕУ сè уште не се помирени со тоа“. Понатаму, Carbon Brief истакнува дека неодамна ревидираната Стратегија за прилагодување на ЕУ „прв пат ја признава важноста на прекуграничниот климатски ризик“. Оваа студија „дава мошне корисен и информативен придонес“ за задачата за „пополнување на дупките во знаењето и јакнење на меѓународната соработка во однос на прилагодувањето“. Статијата исто така ги нагласува „моменталните импликации на глобалната еколошка правда на моменталните политики на ЕУ.“
Значи, ова истражување е дизајнирано со цел да влијае во процесот на донесување на европските политики, па во таа насока и заклучува дека ако сакаме да ја заштитиме прехранбената индустрија на ЕУ, богатите земји мораат да им пружат финансиска и технолошка помош на сиромашните за да се намали ранливоста на глобалните снабдувачки ланци на климатските промени. Другите автори со кои разговараше Carbon Brief истакнуваат дека е потребен „редизајн на прехранбените и трговски политики на ЕУ, со оглед на поголемите вложувања во увоз на храна и диверзификација на пазарите, истовремено промовирајќи прилагодување на климата и чесни и етички политики во однос на храната кај добавувачите кои не се од ЕУ“.
Превод: Алек Кузмановски
Извор: https://www.bilten.org/