Лакан и „женското прашање“

06.08.2021 14:39
Лакан и „женското прашање“

 

Со помош на четвртата, таканаречена универзална пропозиција со двократна негација, се преведува исказот: „Не постои х што не потпаѓа под фалусната функција“. Лакан со ова го истакнувал принципот на фундаментална дисиметрија која внатре во несвесното постои помеѓу машкиот и женскиот сексуален идентитет. Тој рекол дека за жените не постојат граници во поглед на самата jouissance. Затоа Жена, во смисла на универзалноста или на „женската природа“, не постои. Оттаму и формулацијата „Жената не постои“ или „Жената е не-цела“. Што се однесува до женската jouissance, таа е одредена како „надополнувачка“. Лакан отсутноста на комплементарност меѓу двата модуси на сексуалниот идентитет ја изразил вака: „Не постои сексуален однос“.

Краткиве формулации од 1973 година во форма на логички судови само всушност ги изразувале тврдењата кои Лакан почнал да ги изнесува триесет години порано за, во текот на следните три децении, постојано да ги преработува. Лакан и овојпат настојувал да ѝ го поврати угледот на татковската функција „чија вредност е деградирана од страна на индустриското општество“ и да покаже колку заправо е голема женската моќ во однос на кревкоста на фалусот.

Лакан непрестајно им се противел на класичните феминистички тези според кои жените се жртви на машкото угнетување. Тој не го негирал угнетувањето ‒ ниту го доведувал во прашање ‒ туку всушност нагласувал дека тоа угнетување, од стојалиште на несвесното, би можело да се претвори во своја спротивност со оглед на тоа дека со односот меѓу половите владее начелото на фундаментална дисиметрија. Додуша, Лакан заедно со Фројд, а наспроти Џонс, ја застапувал и идејата за „фалусистичноста“ и за едно единствено либидо но таа идеја ја корегирал со сопствената теорија за „надополнувањето“, со тоа што таа теорија е изведена од делата на Батај и надреалистите, како и од Лакановите непосредни средби со женското лудило.

Така на крајот на својот живот Лакан ја чувствувал истата омраза спрема мајките и истата фасцинираност спрема жените кои биле луди или тајновити. Имено, како неговиот семеен родослов и понатаму да ја проникнувал неговата доктрина и тоа наспроти сите негови настојувања низ посебно втемелување и формализација да ја ослободи таа доктрина од каква било емоционална содржина.

Во Лакановата семејна сага, за доминацијата на мајките секогаш се зборувало како за нешто што ја укинува или минимизира улогата на таткото. Што се однесува до самиот женски полов орган Лакан ‒ уште од средбата со Батај и исчитувањето на Батаевата Госпоѓа Едвард ‒ го сметал за место на стравот и ужасот, зјапната дупка, извесна „ствар“ чија оралност се шири во недоглед а чија суштина е несознатлива: станува збор за реалното, за хетерологија.

Во еден восхитувачки коментар изнесен 1955 година, Лакан славниот Фројдов сон за „Ирмината инјекција“ го толкувал од своја перспектива и „отворената уста“ на Ирма ја изедначил со полов орган кој зјапа а од кој изнурнува застрашувачка Медузина глава. Потоа во 1970-та, како да сакал со една формулација да ги опфати целиот ужас што во него го побудувале мајките и целата фасцинираност што ја чувствувал спрема тајновитоста на оралноста сфатена во метафоричките категории што упатуваат кон животни, изјавил: „Огромна крокодилка во чија уста се наоѓате ‒ е, тоа е мајка. Ние немаме поим поради што таа наеднаш може сосема да го склопи челустите. Тоа е онаа мајчина желба.“

Конечно, неговиот најсиловит излив на емоции на темава се случил кога ја коментирал Страчиевата биографија на кралицата Викторија, биографија во која Литон Страчи (Lytton Strachey) личноста на кралицата Викторија ја споредува со огромна назабена вагина. Лакан рекол: „Каква коб го навела таму некојси Алберт од Саксен-Кобург и Гота да падне во канџите на таа кралица? Тој немал некоја посебна склоност спрема жените. Меѓутоа, кога ќе се сретнеме со назабена вагина ‒ да се изразам така ‒ толку голема како кралицата Викторија... Со жена која е кралица. Неможно е да се најде подобра назабена вагина.“ Давајќи им уште малку издишка на своите фантазми, тој ги навел и назабените вагини на други кралици-прождирачки: Семирамида, Елизабета I, итн. За сето тоа зборувал на истиот начин како пред Конгресот во Единбург, кога ги спомнувал „женките“ што владеат со Меѓународното психоаналитичко здружение (IPA).

Фотографии: Yung Cheng Lin

Извор: Jacques Lacan, Приказ једног живота и историја једног система мишљења - Elisabeth Roudinesco; Karpos, 2020

Избор и превод: П. В.

Слични содржини

Психологија / Теорија / Историја
Психологија / Теорија / Историја
Психологија / Теорија / Историја
Психологија / Теорија
Психологија / Теорија / Историја
Психологија / Теорија
Книжевност / Теорија / Историја

ОкоБоли главаВицФото