Светот во 2010-та

30.12.2010 12:32
Светот во 2010-та

Земјотресот во Хаити

Самиот почеток на 2010 г. го одбележа невидената трагедија која ги погоди Хаити и која сè уште ја следи оваа островска нација. Главниот град Порто Пренс се најде под ударот на земјотрес со јачина од седум степени според рихтеровата скала. Земјотресот усмрти над 230 000 лица, а расели 1,5 милиони, додека Хаити денес се бори и против колерата која последниве месеци зеде над 2500 животи.

Наспроти почетната мобилизација на меѓународната заедница, вистинската помош за народот на Хаити никогаш не пристигна, а дури и светските медиуми престанаа да известуваат за овој настан. Поради епидемијата на колера пред некое време изби побуна против припадниците на силите на ОН кои се обвинувани од страна на населението на Хаити дека ја донеле болеста.

Освен што е една од најсиромашните земји во светот и најсиромашна држава во двете Америки, Хаити се наоѓа и на самото дно на светската листа на корупција, на 146 место од вкупно 178, според Transparency International.

Аферата Викиликс

WikiLeaks беше клучен збор за годинава, зашто оваа организација со објавувањето на бројните тајни податоци на владите од светот предизвика медиумски и дипломатски потрес. Целосната медиумска експонираност на Џулијан Асанж и неговите невидливи соработници се случи по објавувањето на околу 250 000 американски документи, што претставуваше голем удар за САД и нејзиниот кредибилитет во светот.

Сепак, оваа интернет страница на светот му се претстави пред 2010-та. Во октомрви 2009 таа ја објави тајната листа на имиња и адреси на припадниците на Британската национална партија на која се наоѓаа и полицајци на кои им беше забрането да се зачленат во оваа националистичка партија. За време на американските избори во 2008 г. Викиликс ја пренесоа содржината на е-поштата на кандидатката за потпретседател Сара Пејлин. Популарност кај пошироката публика, медиумите и новинарите Викиликс стекна со објавувањето на документите за политичките убиства во Кенија за периодот 2007-2009.

Едно е сигурно – по Викиликс ништо нема да остане исто, а посебно новинарството и дипломатските односи. Оваа организација беше мета на многу напади, но успеа да остане на нозе благодарени на многуте интернет заедници кои ги раширија истечените информации низ мрежата. Викиликс предизвика неверојатна координација меѓу т.н. хактивисти кои ги напаѓаа и уриваа страниците на компаниите кои и’ ги откажаа банкарските и интернет услугите на Викиликс. Викиликс нè воведе во нова ера на информирањето, во ера во која ниедна тајна нема да биде сигурна.

Социјалниот бунт во Европа

Кога Европа е во прашање, економијата беше обележаната од мерките на штедење, а улиците беа полни со демонстранти, студенти, активисти и многу други незадоволни поради тоа што секоја мерка на штедење мора да помине токму низ нивниот грб. Традиционално врело беше во Атина и другите грчки градови каде протестантите жестоко се судираа со полицијата. Звукот на свирчињата се слушна на улиците на Португалија, Шпанија, Ирска, Англија, Чешка, Полска, Германија... Посебно драматично беше во Франција, каде синдикатите ги блокираа рафинериите и складиштата за нафта и гас, оставајќи ги бензиските станици без горива.

Сепак, едно е заедничко за речиси сите протести во Европа годинава – речиси секогаш мерките против кои се бунеа протестантите беа по волја на властодршците, и на крајот секогаш беа спроведени.

Нападот на турската флотила

Еден од најконтроверзните настани годинава беше нападот на флотата со пропалестински активисти од страна на израелските специјалци кои убија девет турски државјани во спорната операција за спречување на бродовите во меѓународни води. Движењето за слободна Газа (Free Gaza Movement) претходно организираше пробивање на израелската блокада на Газа со цел да се однесе хуманитарна помош и да се сврти вниманието на светот на тешката положба во која се наоѓаат Палестинците. Инцидентот предизвика силна осуда низ светот, а најостар беше одговорот на Турција која го повлече амбасадорот од Ерусалим и речиси целосно ги прекина односите со некогашниот сојузник од регионот.

Чилеанските рудари

На петти август 33 рудари во рудникот за бакар Сан Хозе, во пустината Атакама, се најдоа заробени околу 700 метри под земја откако се урна дел од рудникот. 69-дневното патешествие на рударите ги содржеше сите елементи на драма, приказна со среќен крај и сапуница во едно. Преку ноќ рударите станаа национални херои, а сликите од нивниот престој под земјата се појавуваа на сите насловни страници. Светската публика научи за продупчените тунели, спасувачките капсули и приватните животи на рударите (вклучувајќи и за нивните љубовнички). Спасувањетна рударите, кое беше пренесувано во живо, ги прикажа овие храбри луѓе како излегуваат од утробата на земјата да се сретнат со своите расплакани семејства и роднини, како и да се поздрават со чилеанскиот претседател Себастијан Пињера. Она што е битно за приказната со чилеанските рудари е среќниот завршеток на нивната авантура, што е редок случај со сличните несреќи на рударите во светот.

Загинувањето на полскиот претседател и неговата придружба

Април 2010 ќе биде запишан во црни букви во историјата на Полска откако претседателот Лех Качински, неговата сопруга и уште 130 патници и членови на екипажот загинаа во уривањето на авионот крај рускиот град Смоленск. Во неговата придружба имаше и членови на полскиот парламент, потпретседател на Сенатот, четворица најблиски соработници на Качински, чефот на бирото за национална безбедност, началникот на Генералштабот на полската армија, 11 пратеници, два сенатори и полскиот народен правобранител.

Сите одеа на одбележувањето на големата полска трагедија – 70-годишнината од масакрот во Катинската шума во кој советската тајна полиција, по налог на Сталин, стрелаше 22 000 заробени полски офицери и интелектуалци.

Еколошката катастрофа во Мексиканскиот залив

Кошмарот на американскиот претседател Барак Обама и неговата администрација почна на 22 април, кога експлодираше и потона нафтената платформа на компанијата British Petroleum. Тогаш загинаа 11 работници од платформата. Повеќе од пет илјади барели нафта на ден истекуваа во водите на Мексиканскиот залив, а месното население само во очај можеше да набљудува како нивната животна и работна средина се претвора во црна материја.

Епилогот од еколошката катастрофа е следниов: администрацијата на Обама поднесе тужба против BP и уште осум фирми вмешани во несреќата за надоместување на сите трошоци за отстранување на штетата која ја предизвика истекувањето на нафтата. Американската влада бара овие компании да го финансираат и обновувањето на загрозениот екосистем во Мексиканскиот залив и да му платата отштета на населението. Тужби поднесоа и рибари, туристички работници, ресторани, клубови, сопственици на летувалишта – тврдејќи дека поради катастрофата останале без извори на приходи.

Нарко-војната во Мексико

Растечкиот пазар за наркотици во САД е причината за крвавата војна со соседно Мексико, каде од крајот на 2006 г. досега се убиени околу 28 000 луѓе. Само во 2010 низ Мексико беа убиени околу 10 000, што според стручњаците значи дека државата ја губи војната против нарко картелите, чии начини на егзекуција стануваат сè побрутални.

Во Сиудад Хуарез, пограничен град чии жители станаа заложници во судирите меѓу картелите Huares и Sinaloa, за време на изминатите три години се убиени над 6500 лица. Како потенцијално решение на овој проблем се споменува легализацијата на сите дроги, што според оценките на многумина би можела да им ускрати моќта на картелите. На исто мислење е и поранешниот мексикански претседател Винсенте Фокс кој повика на легализација на сите дроги во оваа земја, тврдејќи дека забраната не го спречила насилството и корупцијата.

Тензиите на Корејскиот полуостров

Наталожените тензии на Корејскиот полуостров својата кулминација ја доживеаја во 2010 г., кога агресивниот Север истрела торпедо и потопи брод со 46 јужнокорејски морнари. Во последниот инцидент пред крајот на годинава Северна Кореја истрела повеќе десетици гранати на островот Јеонгпјеонг, на што Јужна Кореја возврати. Тензиите продолжија и наредните денови за време на заедничките воени вежби меѓу јужнокорејската и американската армија.

Видливо ослабен и болен, „Големиот водач“ Ким Џонг Ил во 2010 г. го претстави својот наследник Ким Џонг Уна. На конференцијата на работничката партија на Ким, прва во последниве 30 години, му е доверена висока партиска функција заедно со доделувањето висок генералски чин, што претставува знак дека авторитарната држава сака да продолжи со својот квазирелигиски култ кон личноста уште едно поколение.

СП во фудбал во Јужноафриканската Република

И за крај, еден позитивен настан што му се случи на светот оптоварен од војни, болести, сиромаштија, природни и човечки катастрофи. Светското првенство во Јужна Африка беше прво одржано на овој континент: и додека ЈАР се погдотвуваше да биде домаќин, светските медиуми се сомневаа и се прашуваа во вештината на организациските моќи на домаќинот – дали стадионите ќе се изградат навреме, дали инфраструктурата ќе ги издржи илјадниците навивачи од целиот свет, дали безбедносните мерки ќе бидат доволни, итн. Но и покрај тоа, светот беше сведок на едно од најуспешните првенства во фудбал, а запозна и нов инструмент – вувузелата. Како капак на сè, во Германија се појави и октопод со предвидувачки способности, кој се здоби со светска слава и кој ги уништи надежите на илјадници навивачи дека токму нивниот тим ќе биде следниот светски шампион во фудбал.

Извори: time.com, e-novine

ОкоБоли главаВицФото