Системот не функционира

07.08.2021 16:59

Не мора ни Заев, ниту неговите министри да ги гасат огновите. Напротив, за тоа има доброволци и „гости" од повеќе странски држави, но упатно е при вакви катастрофи граѓаните да знаат дека нивните избрани функционери се тука крај нив и им даваат, макар, морална поддршка. Дека некој води грижа за нивната безбедност и во крајна линија е барем заинтересиран за нивната агонија.

Особено кога „функционалниот систем“ што го оставиле зад себе се состои од противпожарни возила стари, во просек, над 28 години, три противпожарни авиони кои не се сервисирани, а со тоа и вон употреба, и противпожарни служби кои со години кубурат со кадар и опрема, додека во државната администрација предизборно се товат нови партиски војници.

Или како што тоа конкретно го објасни еден жител на Пехчево во изјава за ДВ вчера: „сите жители се мобилизирани и ‘опремени’ со лопати и гребла, а градов не е опремен буквално со ништо. Треба да се знае дека Пехчево нема противпожарна служба, дека потребите ни ги покрива општина Берово која има еден камион-цистерна стар 40 години, еден нов, и два џипа. Тоа е сѐ."

Борис Георгиевски, Дојче веле, 06.08.21.