Видео проекција и дискусија со Христина Иваноска

09.08.2021 10:22
Видео проекција и дискусија со Христина Иваноска

Во понеделник, 9 август, од 21 часот, во Музејот на современа уметност, КСП Центар - Јадро организира видео проекција и дискусија со визуелната уметница Христина Иваноска во разговор со кураторката Јованка Попова.

Публиката ќе има можност да ги погледне видеата:
Именување на мостот: Роса Плавева и Накие Бајрам (2006)
Документот што недостасува: Перформанс бр. 5 (три акции) (2017)
Документот што недостасува: перформанс бр. 8 (Писмото) (2018)
Документот што недостасува: Перформанс бр. 9 (Атрибутите на имагинацијата)
Moving in Still Time: A Series of Consecutive Exercises (2020)

Христина Иваноска (Скопје, 1974) преку својата уметничка практика се интересира и ги истражува прашањата поврзани со потиснувањето, контролата и градењето на колективната меморија во однос на стратегиите и политиките на отпор на жените, критички осврнувајќи се кон искуствата на денешните социјални и политички системи и нивната поврзаност со теоријата и историјата. Таа создава објекти, текстови, цртеж, видео, перформанс и инсталација, често интердисциплинарно, давајќи ѝ вредност на рачната работа како што се везот, ткаењето, грнчарството и пачворкот, како медиум од политичка и општествена вредност преку која се изразува индивидуалната борба и ограничувањата. Таа изложувала во Музејот „Лудвиг“, Будимпешта; МОМУС Експериментален центар за уметност, Солун; 2. Меѓународно биенале за современа уметност „Аутострада биенале“, Призрен; Кунстхале Дармштат; Музеј на современата уметност, Загреб; Музеј за скулптура – Палата „Коликарнија“, Варшава; Истражувачки павилијон, 57. Уметничко биенале во Венеција; Mузеј на современата уметност, Скопје; Национална галерија на Македонија; МУМОК, Виена; Кунстлерхаус, Грац; Национален музеј за современа уметност, Букурешт; Државен музеј за современа уметност, Солун; Словачката национална галерија, Братислава; енГебеКа, Берлин; <ротор> Aсоцијација за современа уметност, Грац; Констхал Ц, Стокхолм; Mагазин4 – Брегенц Кунстверајн; Mузеј на современата уметност, Белград и други. Во моментов е докторски кандидат по ликовни практики на Академијата за ликовни уметности во Виена.

Јованка Попова (1980, Скопје) е куратор во Музејот на современата уметност – Скопје и куратор и програмски координатор на Проектниот простор „Прес ту егзит“. Докторант на Факултетот за медиуми и комуникации СИНГИДУНУМ во Белград. Магистрирала на Институтот за Историја на уметноста, насока - современа уметност на Филозофскиот факултет во Скопје. Работела на повеќе домашни и интернационални кураторски проекти. Во 2019 била куратор на северно македонскиот павилјон на 58. Венециско биенале. Како дел од програмата на неколку меѓународни конференции и симпозиуми одржала презентации и предавања на Humboldt University Берлин, Goethe University, Франкфурт, Central European University, Будимпешта, Hankuk University of Foreign Studies, Seoul, Kunsthistorisches Institut, Фиренца; Norwegian University of Science and Technology, Трондхејм, Bahcesehir University, Истанбул итн. Претседател е на AICA Македонија - здружение на ликовни критичари, историчари на уметноста и кустоси кои дејствуваат на полето на модерната и современа уметност.

Програмата „Видео уметници од Македонија и регионот“се реализира со финансиска поддршка на Швајцарската амбасада во Република Северна Македонија, CHinMK и Министерство за култура.