Неславни бројки: За една недела во пожарите изгоре повеќе шума отколку во цела 2020.

09.08.2021 11:37
Неславни бројки: За една недела во пожарите изгоре повеќе шума отколку во цела 2020.

Од десетината активни пожари на територијата на целата земја е зафатена површина од најмалку 2.500 хектари само во моментов, покажуваат податоците на Центарот за управување со кризи. Од нив, во огромниот пожар во Малешевијата кој се протега меѓу Пехчево, Делчево и Берово досега изгореја минимум 1.100 хектари борова шума и нискостеблести растенија, при што овие податоци се однесуваат само за територијата на Делчево. Дрвјата високи десетици метри се неповратно изгубени, а токму Пијанечко-малешевскиот крај беше препознатлив по богатата шума што ја поседува.

Од активните пожари, во месноста Погана во близина на Богданци во Струмичкиот регион досега изгореа дополнителни 1.350 хектари нискостеблеста шума, вклучувајќи дрвја даб, габер, прнар и јасен. И во Овчеполието со пожарот на Богословски рид беа зафатени околу 150 хектари хектари шума од бор, нискостеблеста дабова шума и смрека, а големи пространства на засадени површини дрвја изгореа и во веќе изгасените пожари во општините Кочани и Старо Нагоричане и во другите делови од земјава.

Ваквите фрапантни бројки се неспоредливи со 2020 година, кога во рамките на 12 месеци од пожари била уништена шумска површина од само 438 хектари. Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека од 2013 до 2016 година во просек од пожари била уништена шума со површина од 1.150 до 3.455 хектари на годишно ниво. Веќе е извесно дека 2021 година ќе заврши неславно според површината на опожарените површини на шуми, и ќе може да се споредува единствено со 2019 година, кога од пожари настрадале 10.661 хектари и рекордната 2012 година со уништени 19.312 хектари шумска површина.

 

Министерството за внатрешни работи (МВР) информираше дека досега се приведени пет лица за предизвикување на пожарите. На 6 август е лишено од слобода 34-годишно лице од гостиварското село Добридол за предизвикување на пожар во близина на самото село. Исто така, полицијата приведе по едно лице за пожарите во прилепско и радовишко, албански државјанин беше лишен од слобода на 4 август за пожарот над село Пожаране во Врапчиште, додека две лица се осомничени за пожарот кај Блаце и за пожарот кај Старо Нагоричане.

 

И покрај ова, засега не е објаснето од надлежните власти кој е причинителот на огромниот пожар што ја зафати Малешевијата, каде што досега изгоре и најголема површина шума. Дури и да се процесуираат потпалувачите на пожари, она што зад нив останува е уништениот шумски фонд, за којшто ќе требаат финансии за повторно засадување на нови дрвја, но и најважното, ќе бидат потребни неколку децении за повторно да изникне шумата која е проголтана од пожарите.

Како пример може да се земе борот како зимзелено иглолисно дрво, кое може да достигне висина од 3 до 80 метри, а неговиот животен век може да достигне од 100 до 1.000 години, а токму дрвото „Метузалем“ од овој вид што се наоѓа во Калифорнија е прогласено за најстар организам во светот, којшто има старост од над 4.830 години.

Фотографија: Фејсбук страница на Бригада за противпожарна заштита на Град Скопје

Извор: Мета.мк

 

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото