Екстравагантниот Лакан

10.08.2021 12:29
Екстравагантниот Лакан

Малу (Malou), првата жена на Лакан, несомнено не сфаќала колку тој човек нема врска со нејзиниот идеал за љубовта и верноста. А Лакан, секогаш нестрплив, полн со жар да го грабне посакуваниот објект, несомнено не сфаќал дека таква жена никогаш не би прифатила да го споделува. Брачниот пар чијашто среќа се чинела очигледна тргнал всушност по патот на кататрофата.

Полигамен и едновремено приврзан за брачниот живот кој му бил неопходен, Лакан бил подеднакво неспособен да напушти некоја жена, колку и да ѝ остане верен. Решен да не крие каква му е вистинската природа, почнал со самиот свој живот да ја спроведува во дело дијалектиката на невозможното и вистината, дијалектика чиј најславен теоретичар еден ден ќе стане самиот тој. Што се однесува до Малу, премногу доцна сфатила дека мажот што го обожавала не одговара на нејзините стремежи. Сепак, останала со својот идеал, но по цена на безнадежност.

***
Гладен по слава и знаење, сè го интересирало и не се двоумел да го опседнува со прашања секој соговорник чијашто ерудиција сакал да ја впие. Секого го гледал толку напрегнато што го сметале за ѓаволско суштество изгубено во соствената обземеност и со вознемирувачки стремеж да ги запоседне и соговорниците. Но во него немало ништо ѓаволско. Околината била фасцинирана од него главно поради големата брзина на неговиот остар ум и бескрајната бавност на неговите движења. Секогаш задлабочен во мисли, Лакан едновремено бил и тиранин и заводник, и инквизитор и маченик, и шмирант и опседнат со вистината, со сето она поради што бил неспособен за брачна верност, онаква каква што сакала Малу.

***
Во 1949-та се случило нешто страшно. Еден четврток децата од претходниот брак на Лакан, Тибо (Thibaut) и Сибил (Sibylle), отишле да поминат попладне во забавниот парк Jardin d'acclimatation. На враќање виделе како пред пешачкиот премин застанува автомобил. За момент низ ветробранското стакло го препознале својот татко крај воланот. Покрај него седела некоја жена, а на задното седиште некое девојче. Пришле викајќи „Тато! Тато!“ Лакан накратко и изненадено ги погледнал, а потоа го свртел погледот како да не ги видел. Дал гас и исчезнал во реката од автомобили. Така поминала првата промашена средба меѓу Лакановите деца и новата жена Силвија (Sylvia)и новата ќерка Џудит (Judith). Кога децата ѝ ја раскажале непријатната средба на Малу, таа остро им одвратила дека Лакан веројатно не ги ни препознал ни слушнал; ја правдала постапката на еден татко за кого што сакала да остане во склад со сликата што ја створила за него. Сибил настанот го заборавила, но Тибо засекогаш го сочувал во сеќавањето.


***
Лакан отсекогаш страсно ги сакал патувањата и летувањата на море. Со Мари-Терез (Marie-Therèze) патувал во Мароко, Шпанија и Поркерол, со Олесија (Olesia) во Бретања, со Малу (Malou) во Италија. Штом завршила Втората светска војна, почнал често да патува и со Силвија (Sylvia). Отпатувале и во Египет, каде што повторно сакал да види сè и да разбере сè.

Стекнал и навика да се занимава со зимски спортови. Бил, меѓутоа, мошне неспретен кога скијал или кога одел по снег. Бидејќи отсекогаш премногу брзал за да ги оствари своите цели, никогаш немал трпение, пред да почне да се спушта низ падините, да сочека и да научи да ги владее движењата на своето тело. Затоа во два навратa скршил нога. После преломот на бутната коска останал малку куц, а тој сјајно знаел тоа да го користи преземaјќи го, тогаш кога му одговарало, држењето на учител исцрпен од глупоста на учениците. Влечејќи ги нозете и огорчено воздивнувајќи, зборувал: „Мртов сум, тие ме убиваат, тие не разбираат ама баш ништо од она што им го зборувам.“

***
Берние (Bernier) бил зачуден од тоа што кај Лакан, после некогашниот дендизам, се појавил вербален и гардаробен маниризам кој уште тогаш преминувал во опсесија. Во 1946-та Берние и лично сведочел на тоа. Додека разгледувал излог на една книжарница во улицата Сaн-Пер (Saints-Pères), некој благо го потчукнал по рамото: бил тоа Лакан кој стоел крај својот автомобил. Берние влегол а неговиот пријател, мошне возбуден, му рекол дека е во потрага по црна антилоп кожа со посебен квалитет, неопходна за изработка на вечерни мокасини кои треба да одат со костум од некој специјален штоф. Славниот лондонски чевлар Бантинг (Bunting) кој му правел обувки по мерка, го пратил скапоцениот материјал да го побара кај кожар во улицата Монтењ-Сaн-Женевјев (Montagne-Sainte-Geneviève): „Баравме два часа“, се сеќава Берние, „додека не го најде тоа што го сакаше.“

***
Во текот на годините куќата во Гитранкур станала вистински музеј. Лакан бил страсен колекционер и собирал најразлични ретки уметнички предмети, слики и најразлични книги. Морис Крук (Maurice Kruk) вели: „Имам впечаток дека сето тоа тој го собирал на едно место просто затоа за повремено внимателно да го разгледува секој од тие предмети. Врз основа на повремените објаснувања што ги даваше во врска со тоа колку ги цени конкретните откритија кои всушност им ги должел на тие предмети, но и врз основа на неговите тврдења за сугестивните моќи кои ги имаат тие предмети кои во себе носеле нешто со што тој кај другите успевал да предизвика реакција, секогаш ми се чинело, од една страна, дека сè што поседувал непрестајно го поттикнувало на промислување и, од друга страна, дека самото присуство на тие дела и неговиот постојан контакт со нив биле всушност составен дел од неговиот живот. За него вредноста на тие дела се содржела во тоа што го потсетувале на семејство, односно на пријателите, или во тоа што биле сосема загадочни и преполни со возбудливи тајни.“

Меѓу многубројните чуда во Али Бабината пештера биле и овие: библиотека со 5147 книги; слики на Масон, Реноар, Балтус, Дерен, Моне и Џакомети; цртежи на Пикасо; александриски и грчко-римски статуети; скулптури од слонова коска; фигури и чинии од теракота со еротски мотиви; осликани вази; артефакти од керамика од периодот на културата Наска; качина кукли кои припаѓаат на културата на Пуебло народите; првото издание на Енциклопедијата на Дидро, итн.

Колажи: MATTHIEU BOUREL

Извор: Jacques Lacan, Приказ једног живота и историја једног система мишљења - Elisabeth Roudinesco; Karpos, 2020

Избор и превод: П. В.


 

Слични содржини

Психологија / Теорија / Историја
Психологија / Теорија / Историја
Психологија / Теорија / Историја
Психологија / Теорија / Историја
Психологија / Теорија
Психологија / Теорија

ОкоБоли главаВицФото