Извештајот за климатските промени - поглед во можна иднина

11.08.2021 01:26
Извештајот за климатските промени - поглед во можна иднина

На 9 август на светот му беше претставена досега најточната и најсеопфатна научна прогноза во врска со судбината што ја чека планетата. Имено, на конференцијата за печат после која беше испратена порака за „црвен аларм“, научниците го претставија првиот дел од таканаречениот Шести извештај на Меѓувладиниот панел за климатски промени.

Како и претходните пет, документот ќе даде целосен увид во моменталната состојба на научното знаење за климатските промени, а е составен врз основа на 14 000 научни трудови. „Дел по дел“ процесот за објавување на овој документ ќе трае повеќе од една година, но светските и домашните медиуми веднаш му подарија огромно внимание на првото претставување, пренесувајќи неколку клучни пораки од делот на извештајот кој е објавен.

Шестиот извештај ја развејува секоја дилема за причината за климатските промени кои ја погодуваат планетата. Во извештајот се наведува дека „не постои никаков сомнеж дека човечкото влијание ги загреа атмосферата, океаните и земјиштето“, како и дека значајни промени веќе се случија во бројни важни процеси кои се одвиваат на Земјата. Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш изјави дека денешниот извештај на Меѓувладиниот панел за климатски промени значи „црвен аларм“ за целото човештво.

Виновен е човекот

Во извештајот се наведува дека размерот на промените кои се забележани во целиот климатски систем е незабележан со векови или илјадници години наназад.

Човечките активности и емисиите на гасови со ефект на стаклена градина во атмосферата веќе оставија видлив белег на климата на нашата планета. Температурата се зголеми за околу 1,1 степен во однос на прединдустрискиот период, повеќето копнени региони забележаа јасно зголемување на бројот на температурни екстреми со исклучително високи температури, а секоја од последниве четири години беше потопла од претходната.

Од средината на 20 век па до денес ширум светот е забележано и зголемување на бројот на останатите временски екстреми. Глобалното затоплување доведе до поголем број топлотни бранови, настани со екстремна количина врнежи и суши.

Во седумте години, колку што помина од објавувањето на претходниот извештај на Меѓувладиниот панел за климатски промени, нашето разбирање за промените што ѝ се случуваат на планетата значително се зголеми благодарение на големиот напредок на науката за климатските промени, па експертите сега со уште поголема сигурност можат да зборуваат за последиците кои ги има зголемувањето на концентрацијата на јаглеродниот диоксид во однос на климата на планетата.

Областа во која можеби е направен и најголем пробив е способноста на науката точно да оцени колкаво е човечкото влијание на одредени временски екстреми (таканаречените студии на атрибуција). Благодарение на тоа, сега знаеме дека некои настани каков што е екстремниот топлотен бран кој го погоди Сибир минатата година, не би биле можни без климатските промени.

„Овој извештај е судар со реалноста“, рече Валери Мејсон-Делмонте, копретседавач на групата во рамки на Меѓувладиниот панел за климатски промени, која е одговорна за изработка на овој дел од извештајот.

„Сега имаме многу појасна слика за минатата, сегашната и идната клима што е клучно за да разбереме во која насока се движиме, што можеме да направиме и како можеме да се подготвиме“, рече таа.

Сценарија за иднината

Новите и попрецизни климатски модели во голема мера ја унапредија способноста на научниците подобро да ги предвидат можните идни промени во климата на планетата.

Ако емисиите на глобално ниво не бидат сведени на нула до средината на векот, сигурно е дека светот ќе ја премине опасната граница - средната температура на атмосферата ќе се зголеми за повеќе од „прифатливите“ 1,5 и 2 степени целзиусови. Имено, планетата ќе продолжи да се загрева над овие вредности доколку не се преземат брзи и сеопфтани мерки за намалување на емисиите на гасови со ефект на стаклена градина.

За жал, тоа значи многу повеќе екстремно високи температури и топлотни бранови. Покрај тоа, потоплата атмосфера ќе овозмжи и уште поекстремни настани со големи количини врнежи. Се очекува за секој степен затоплување, интензитетот на врнежите за време на овие екстремни настани да се зголеми за 7 проценти. Потоплата атмосфера ќе значи и посилни тропски циклони со поголеми максимални брзини на ветерот.

„Климатските промени на различни начини веќе влијаат на сите предели на Земјата. Промените кои ќе ги искусиме само ќе се интензивираат со дополнителното затоплување“, нагласи вториот копретседавач Панамао Жаи.

Во извештајот се наведува дека дури и ако бидеме успешни во задржувањето на затоплувањето на границата од 1,5 степени, нè очекуваат сè повеќе екстремни временски настани кои се без преседан во историските записи.

Научниците им посветија особено внимание и на последиците од глобалното затоплување кои се малку веројатни, но би можеле да имаат исклучително големо влијание на општеството и планетата. Така е наведено дека не е исклучено зголемување на нивото на морињата од дури 2 метри до крајот на овој век доколку дојде до поголема дестабилизација на ледените плочи на Гренланд и Антарктикот.

Ова е особено важно зашто пореметувањето на климатскиот систем на Земјата со себе носи ризик за пречекорување на таканаречените точки на пресврт. Тогаш може да дојде до многу побрзи и драматични промени во климата на планетата. Една од таквите точки е и слабеењето на Голфската струја, каде резултатите од последните истражувања покажуваат дека постојат сè појасни знаци за дестабилизација на овој систем кој има огромно влијание на климатските услови во голем дел од светот.

Добра вест за спасување на светот

Иако сознанијата од извештајот цртаат мошне тмурна слика, добра вест е што во најголема мера иднината сè уште е во наши раце. Климатските модели покажуваат дека од идните емисии на гасови со ефект на стаклена градина директно зависи колку ќе се загрее планетата, што значи дека со спроведување сеопфатни мерки со цел да престане согорувањето фосилни горива и преминување на обновливи извори на енергија спречуваме тешки последици од климатските промени.

Авторите на извештајот наведуваат дека споредувањето на сценаријата со мала и голема емисија на штетни гасови покажуваат јасни разлики во однос на идните климатски промени на планетата, но и во однос на другите влијанија на животната средина, како што е на пример квалитетот на воздухот. А тоа дополнително ја истакнува важноста на глобалниот одговор за достигнување нето нулти емисии до средината на овој век.

Меѓутоа, иако човечките активности можат директно да влијаат на нивото на идното загревање на планетата, во извештајот се нагласува дека одредени процеси на планетата, како зголемувањето на нивото на морињата, кои се покренати заради климатските промени, ќе продолжат да се случуваат и стотици па дури и илјадници години и откако ќе се стабилизира концентрацијата на јаглерод диоксид.

Тоа е само уште еден аргумент во прилог на тврдењето дека нема време за губење и дека на светот му е потребна итна и одлучна климатска акција, зашто секој дополнителен тон јаглерод диоксид во атмосферата ја зголемува шансата за бројни неповолни услови.

Превод: Алек Кузмановски

Стрип: Koren Shadmi

Извор: https://klima101.rs/