Слобода на глупоста

11.08.2021 12:49
Слобода на глупоста

 

 На луѓето им е сосем саморазбирливо, речиси нормално, да им требаат дозволи за престој, виза или работна дозвола - и тоа непрекидно ќе го бркаат.

Океј им е и да постојат граѓани од оваа или онаа категорија, домашни и странски, илегални имигранти и некои си легални. Оние кои имаат документи просто да постојат, и оние кои такви документи немаат да не постојат.

Но, на луѓето не им е океј да е потребна потврда за вакцинација во екот на светска пандемија – и тогаш имаме протести, писма, галамење за дискриминација, за укинување на слобода, за ограничување на слобода на движење, и над сѐ го имаме егото.

Океј е, значи, поголемиот дел од нашиот животот во национални држави да го минуваме делејќи се на граѓани и на оние кои тоа не се. Уште повеќе, тоа за многумина е извор на гордост. Национална гордост. Оние кои имаат документи гледаат со потсмев, презир, па и со омраза, дури и со желба да ги тепаат, па и да ги убијат оние кои таквите документи и дозволи ги немаат. Сето тоа цело време е во ред, додека капиталот неумоливо гази, државата подава рака и притиска, бидејќи граѓаните се граѓани, а оние кои не се – не се. Кој им е крив.

Во Белгија додека народот прима вакцини, луѓето без документи штрајкуваат отпрвин со глад, а потоа и со жед, и од тоа народот многу не се вобуди. Нешто малку луѓе доаѓаат и проаѓаат, недоволно за што било. Сето тоа е океј, бидејќи тие не се граѓани, немаат документи и според тоа „така си заслужиле“. Кој им рекол да доаѓаат. Тоа што се интегрирани во економијата и што заработуваат, граѓаните не ги интересира сѐ додека не се буни капиталот. А напротив, капиталот тоа и го сака. Вредноста е вредност, било со документи или без.

Но, кога државата се обидува да ја контролира пандемијата, во моментот кога се покажува класната природа на државата во двојна смисла и бара вацинираните да имаат потврда за сите да можат да се организираат и за да се создаде некој ред - е тоа не е во ред. Притоа, на сите нас во медицинските картони ни се забележани сите вакцини што сме ги примиле во животот. Сега ги добиваме на паметни телефони наместо рачно впишани во тефтери или картони како порано. Но не, слободата на глупоста е посилна од сѐ.


Не е случајно што баш на тие протести последниве две години се собираат вакви и онакви, и дека покрај сите античовечки, антиработнички, антиживотни политики кои ги спроведуваат Владите во светот, ете баш ова се погодило да биде повод за собирање, протести и побуни.

Како што не е ни чудо што антиваксерските и сличните политички организации кои деновиве гласно ја бранат „слободата“ и доведуваат сѐ под сомнеж, се токму жариште на современите десничарски, профашистички, антифеминистички, расистички, патријархални и хомофобни движења и политики опасни по опстанокот на планетата.

Секако, истовремено, тоа е израз на длабоката криза односно на поразот на левицата, пораз кој го живееме веќе неколку децении низ дисциплинирање на општеството кон тешкиот технократско-менаџерски хабитус каде секој е свој претприемач, а прашањето на вакцинацијата е индивидуална работа на секој поединечно, а не колективно прашање на општеството и на сите луѓе на Земјата.

Притоа 84% од светската вакцинација отишла во рамењата на луѓе кои живеат во богатиот свет, додека само 0,3% отишла во рамењата на луѓе кои живеат во сиромаштија. Со тоа не се наѕира крајот на пандемијата, но уште еднаш се соголува дека светот во кој живееме е осуден на пропаст доколку не се бориме за свет во кој сите ќе имаме подеднакво, а не некои сѐ, првенствено живот, додека други се осудени на смрт директно предизвикана од богатиот и напредниот свет.

Во отсуство на партија на еднаквоста, реакционерното мноштво заседaва. Оној кој ви рекол дека мноштвото е добро по себе, ве лажел. Оној кој ви рекол дека општествените движења се добри по себе исто така ве лажел. Анархијата во суштина е антитеза на левицата, нејзина десна девијација. И тоа одново се покажува.

Извор
Слики: Michel Euler (од антиваксерските протести во Франција, јули 2021)

ОкоБоли главаВицФото