Почина филозофот Владимир Давчев

12.08.2021 12:50
Почина филозофот Владимир Давчев

Во Скопје на 10 август, на 59 годишна возраст почина проф. д-р Владимир Давчев, редовен професор на Институтот за родови студии на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Беше роден на 03.XI 1962 година во Скопје. Основно училиште и гимназија завршил во Скопје.

По завршувањето на гимназијата се запишува на Филозофскиот факултет во Скопје на групата за филозофија. На Филозофскиот факултет почнува да работи на 25.V 1988 година како помлад асистент и истата година се запишува на постдипломски студии на Институтот за филозофија. Во 1994 година магистрира на Институтот за филозофија („Однос ‘дух-тело’ во модерната аналитичка филозофија“), а звањето доктор по филозофски науки го стекнува во 2000 година („Свеста и аналитичката филозофија: Анализа на сфаќањето на поимот свест кај Бертранд Расел, Гилберт Рајл и Даниел Денет“). Во наставно - научното звање доцент е избран во 2001 година. Во периодот од 2003 до 2007 година беше претседател на Филозофското друштво на Македонија. Беше долгогодишен член и претседател на редакцискиот одбор на годишниот зборник на Филозофскиот факултет. 

Професор д-р Владимир Давчев е еден од основачите на Интердисциплинарниот центар за когнитивна наука (ИЦКН) (Interdisciplinary Center for Cognitive Science (ICCS)) на Филозофскиот факултет во Скопје.

На Институтот за родови студии во 2005 година започнува да работи како вонреден професор, а во 2010 година Наставно - научниот совет го избира во звањето редовен професор за научните области: Современа филозофија, Филозофија на техниката, Историја на родот и полот, Антропологија на родот и урбана антропологија.

За време на својата академска кариера на Филозофскиот факултет проф. д-р Владимир Давчев објави значајни научни трудови и оствари исклучителни наставно – научни и истражувачки резултати со кои остави траен белег во академската заедница.

 

Слични содржини

Наука / Технологија / Живот
Наука / Екологија / Живот

ОкоБоли главаВицФото