Индустриите за нафта и тутун и сомнежите во науката

13.08.2021 00:14
Како индустријата за нафта и тутун нè доведе во ситуација да се сомневаме во науката

Дали познавате некој што се противи на вакцинацијата? Некој што веќе се ревакцинирал? Некој што е збунет од изобилството информации и не е сигурен кому да верува и како да донесе најдобра одлука за своето здравје? Во која група спаѓате вие?

Додека примерот со вакцинацијата е актуелен во моментов, бидејќи се наоѓаме во пандемија и теориите на заговор покажуваат тенденција да избувнуваат во време на криза, доведувањето во прашање на информациите што ни ги пружа науката секако не е новост. Теориите на заговор постојат колку и самото општество.

За да се разбере како се доведовме во ситуација каде недовербата во официјалните, научно потковани сознанија стана секојдневие, како на интернет така и на семејни слави и прослави, важно е да се разоткрие процесот кој му претходел на сето тоа. Психолозите се сложуваат дека познавањето на механизмите при настанување на теории на заговор ја намалува веројатноста да се верува во нив.

За разлика од поединците кои шират теории на заговор и лажни вести, за да им „помогнат“ на луѓето во своето опкружување, кои навистина се убедени и цврсто веруваат во квази-научни концепти, треба да се има предвид дека зад одредени ненаучни тврдења стои цела машинерија за ширење лажни информации, за да се оствари профит. Она што е експертиза во таквите потфати, впрочем е генерирање сомнеж во научните факти.

Рецепт за создавање сомнеж

Рецептот првенствено го формулираше индустријата за тутун во педесеттите години од минатиот век кога се појавија првите научни студии кои утврдија поврзаност помеѓу пушењето цигари и ракот на белите дробови.

Свесни дека ваквото откритие може да ја загрози вредноста на компаниите на пазарот, но и дека не можат потполно да ги негираат ваквите факти кои со текот на времето ќе станат поцврсти, произведувачите на тутун одлучија научниците да ги испратат во борба со научниците и така настана Проектот Бел мантил (Whitecoat project).

Финансирањето „независни“ научници кои само ќе влегуваат во јавни дебати со истражувачи кои зборуваат за здравствените опасности од консумирањето тутун и ќе ги доведуваат во прашање тогашните нови сознанија, се покажа како одлична тактика за формирање сомнеж кај јавноста. Таквото сценарио, каде двајца стручњаци се на спротивни страни, го отежнува прифаќањето на научните факти како нешто што е вистинито.

Тутунската индустрија со децении им одолеваше на легалните предизвици во, слбодно можеме да кажеме, оваа неетичка операција, сè до 2006 година кога окружниот суд во САД за округот Колумбија, донесе пресуда прогласувајќи ги американските тутунски компании виновни за лажно претставување на здравствените ризици поврзани со пушењето.

Рецептот го позајми и нафтената индустрија

Ваквиот пристап на борба со научните сознанија го приграбија и некои други индустрии, додека нафтените компании одиграа посебна улога во креирањето сомнеж во вистинитоста на глобалното затоплување, придонесувајќи и за денешниот сомнеж кон научните факти.

Приказната е слична и почнува со американската мултинационална нафтена и гасна компанија Ексон Мобил, која е една од најголемите рафинерии во светот и директен наследник на компанијата Стандард Оил на Рокфелер.

Џејмс Блек, истражувач вработен во Ексон, уште во 1978 година изработи извештај на компанијата во кој се наведува дека двојното зголемување на концентрацијата на атмосферскиот јаглерод диоксид може да доведе до зголемување на средната глобална температура за 1 до 3 степени и до сериозни последици.

Како одговор на ова откритие, Ексон Мобил започна мултимилионска кампања за ширење дезинформации за да предизвика сомнеж во сериозноста, па дури и во самото постоење на климатските промени.

Сепак, тоа не ја спречи оваа компанија климатските модели, кои јавно ги критикуваше, да ги искористи во планирањето на идните операции на Арктикот, знаејќи дека заради зголемување на температурата и топењето на мразот, дупчењето за нафта ќе биде поевтино. На сајтот на Гринпис можете да прочитате како глобалната концентрација на јаглерод диоксид во атмосферата паралелно се зголемуваше со растот на годишниот профит на компанијата Ексон Мобил.

Вистинска теорија на заговор?

Ексон Мобил, која меѓу другите, минатата година во јуни ги тужеше генералниот државен обвинител на Минесота за лансирање кампања за измама, чија цел беше намерно да се поткопаат научните сознанија за глобалното затоплување, не е единствената компанија која го избра патот за изрвтување на научните факти.

Од 1979 до 1983 година, нафтените гиганти Ексон, Мобил (подоцна здружени во Ексон Мобил), Амоко, Филипс, Тексако, Шел, Суноко, Сохио, Стандард Оил и Гулф Оил (последниве две се соединија во компанијата Шеврон) редовно се состануваа како своевидна оперативна група која дискутираше за климатските промени и последиците што ги носат. Состаноците беа организирани со помош на Американскиот институт за нафта.

Во извештајот од 2019 година кој можете да го најдете на веб страницата Influence Map, се наведува дека пет нафтени и гасни компании (Ексон Мобил, Ројал Дач Шел, Шеврон, БП, Тотал) само три години после Парискиот договор вложија над милијарда долари во ширење сомнеж за научните предупредувања за климатските промени и нивните последици.

Сомнеж по сомнеж

Кога ќе се согледаат сиот овој вложен напор, трудот и парите во ширењето дезинформации, не е тешко да се разбере зошто сомнежот е длабоко вкоренет и дека не е необично да го сретнеме и во комуникацијата со странци на интернет и во разговор со пријателите, па и со членови од семејството.

Иако нафтената и тутунската индустрија вложуваа пари во ширење дезинформации за сопствени потреби, една таква медиумска атмосфера каде примачот на информациите не е сигурен во што верува, создава недоверба и се пресликува и на другите научни теми, но и на политичките, верските, економските, социолошките, здравствените.

Психолошките истражувања покажаа дека некој што верува во една теорија на заговор ќе биде поподложен на верување и во друга, а некогаш дури и во контрадикторни теории, што наведува на заклучок дека, впрочем, во основа станува збор за верување дека нешто секогаш се прикрива и крие.

Зошто луѓето се насочуваат кон теории на заговор?

Во студијата Психологијата на теориите на заговор објавена во научното списание SAGE Journals од 2017 година, истражувачите од Универзитетот Кент во Велика Британија наведуваат дека луѓето се насочуваат кон теории на заговор во обид да задоволат три важни психолошки мотиви.

Првите се епистемолошки, односно потреба за сознание и извесност, особено во врска со значајни или кризни настани. Проблемот се појавува кога се бараат информации, но на погрешно место, што почесто се случува кај лицата со понизок степен на образование зашто немаат знаење кое би им помогнало да анализираат кои извори се валидни, а кои не се.

Вторите мотиви се егзистенцијални, кои се однесуваат на потребата за чувство на сигурност и безбедност, но и за чувство на контрола над нештата што ни се случуваат. Теориите на заговор можат да дадат објаснување зошто немаме контрола над некоја ситуација, а истражувањата покажаа дека луѓето кои се чувствуваат немоќно и разочарано имаат тенденција да бидат понаклонети кон нив.

Третите мотиви се социолошки и се однесуваат на потребата за самодоверба и добро чувство во врска со себеси или групата на која се припаѓа. Теориите на заговор можат да пружат чувство на супериорност зашто се знае „вистинската вистина“ и се поседува некакво „знаење“ кое го немаат повеќето луѓе.

Како да се отстрани сомнежот?

Теоретичарите на заговори можат да бидат мошне вешти во убедувањето, а оние најдобрите навидум се служат со логика и научен јазик, со што добиваат привидна веродостојност и стручност. Затоа некогаш може да биде навистина тешко да се одвои информација темелена на факти од лажната, особено ако областа за која се зборува не ни е блиска.

Тоа ја прави ситуацијата поопасна, а последиците посериозни. Колку човечки животи ќе се изгубат во пандемијата заради теории на заговор и дезинформации? Колку случаи на рак на гради можеа да се спречат? Дали можевме да ја избегнеме климатската криза?

Критичкто размислување, проверката на изворите на сомнителни тврдења преку официјалните институции, се алати кои можат да ни помогнат подобро да разбереме одредена тематика и да донесеме најдобра одлука за себеси, но и позитивно да влијаеме на нашето опкружување, како на интернет така и на семејните слави прослави.

Превод: Алек Кузмановски

Слики: Franziska Barczyk

Извор: https://klima101.rs/