Ликовна колонија во Галичник од 15 до 22 август

13.08.2021 10:23
Ликовна колонија во Галичник од 15 до 22 август

На годинешната 32 сесија на традиционалната ликовна колонија, Галичник, која одново ќе има хибриден пристап, заради сè уште неизвесната состојба со корона вирусот, физички ќе учествуваат единаесетмина уметници, а други четворица ќе бидат дел од оваа исклучителна креативна визуелна резиденција со онлајн учество. На колонијата ќе партиципираат: Џозеф ван Калденбург од Холандија, Милка Делибашиќ – Црна Гора, Магдалена Кучко – Полска, Ана Марија Паску – Романија, Клица Антониу – Кипар, Зара Александрова – Бугарија, Ејгул Догруел – Турција, Денис Јагџи – Косово/Македонија и македонските автори: Гордана Вренцоска, Христина Зафировска, Ивана Самандова, Горанчо Ѓорѓиевски, Доротеј Нешовски, Кристијан Јовановски и Зоран Георгиев.

Дело на Магдалена Кучко

„И годинава, како и лани, воспоставуваме концептуален предзнак на колонијата, кој е во согласност со интересите и потребите за се почестото реагирање на прашањата за екологијата, заштитата на животната средина и влијанието на човекот врз уништувањето на балансот во еко-системот, чии последици стануваат се поочигледни и пореални. Годинешниот концепт е насловен Визуелна интрузија и интенцијата на овој дискурс е со визуелна интервенција, т.е. интрузија на природниот амбиент на Галичник и неговата околина, која ќе биде предизвикана во реалност, а нагласена со помош на дигитална интервенција и архивирање на интрузијата на медиумот фотографија или видео, да се визуелизира контрастот и моќта која човекот ја има во загрозувањето, но и заштитата на животната средина и зачувување на нејзиниот природен облик и форма. Ваквите интервенции треба да го подигнат нивото на свеста и да имаат директен импакт во процесот на будење и превземање одговорност за своите постапки.

Од друга страна уметноста секогаш била наједноставниот медиум преку кој се пренесуваат пораки и ставови до пошироката публика, едноставноста на овој процес е надополнета доколку идејата е чиста, а визуелизацијата директна и едноставна. Бројни се примерите во кои уметноста влијае врз одржливоста на одредени области со свои интервенции и разговор со локалното население“, пишува кураторката Ана Франговска.

Дело на Христина Зафировска

Таа додава дека екологијата и борбата за зачувување на животната средина стануваат јдоминантни теми во сите сфери на општественото живеење, што е сосема очекувано, бидејќи најновите истражувања во овој домен покажуваат поразувачки резултати за девастирачката моќ на човекот и за неславната иднина на планетата Земја чии природни ресурси и капацитети се трошат со светлосна брзина, а обичниот човек за тоа не е ни свесен.

„За да се свестиме дека од сите нас зависи нашата заедничка иднина, секој во својот домен, мора да се позанимава со овој проблем со цел да спасиме барем мал дел од она што може да се спаси и да го смениме „чипот“ кој ни е вграден дека сме најмоќната форма на универзумот, бидејќи со тој чип ќе се доведеме до самоуништување. Пандемијата која сите ја живееме сеуште, за среќа со намален интензитет, е уште еден доказ за човечкиот импакт врз околината и животната средина“, објаснува Франговска.

Дело на Ана Паску

Делата од годинашното издание заедно со тие од минатогодинешната средба, македонската публика ќе може да ги види на биеналната изложба закажана за ноември во мултимедијалниот центар Мала станица.

Во рамки на работната сесија ќе се одржат и јавна отворена програма која ќе содржи две јавни презентации на уметниците пред публиката, планирани за 16 и 17 август од 20 часот, пред Упија, како и работилница со деца, на 21 август во 11 часот.

Дело на Доротеј Нешковски

ОкоБоли главаВицФото