1023 hPa
93 %
6 °C
Скопје - Пон, 02.12.2024 08:59
Во најновата студија објавена во научното списание Biological Conservation се посочува дека ефектите од климатските промени и глобалното затоплување ги загрозуваат највредните и најбогати живеалишта на земјата, во кои живеат голем број животински и растителни видови, додека најзагрозени се ендемските видови. Сајтот специјализиран за климатските промени Carbon Brief објави резултати од истражувањето и разговор со авторите.
Децении наназад луѓето во атмосферата внесуваат големи количини јаглерод диоксид преку согорувањето фосилни горива и на тој начин придонесуваат за зголемување на глобалната температура на Земјата. Овие растителни и животински живеалишта се во опасност и би можеле сосема да исчезнат доколку државите не ги исполнат обврските договорени со Парискиот договор од 2015 година и доколку значајно не ги редуцираат емисиите на јаглерод диоксид.
Кои видови се најзагрозени?
Студијата покажува дека негативното влијание на климатските промени најмногу ќе се рефлектира на ендемските видови, односно на растителните и животинските видови кои живеат само во еден регион. Повеќе од 90 проценти од ендемските видови ќе се соочат со последиците од овие промени. Тие последици подразбираат намалување на популацијата, доколку глобалното затоплување достигне ниво од 3 степени целзиусови над прединдустриските вредности.
Студијата исто така ги пресметува ризиците од изумирањето на ендемските видови на различни нивоа на загревање. Па така, можеме да согледаме дека 2 проценти од ендемските видови се во ризик од изумирање ако загревањето е ограничено на 1,5 степен, додека 4 проценти се во ризик кога тоа ниво ќе достигне 2 степени. Меѓутоа, процентот се зголемува на 20 за копнените екосистеми и 32 проценти за морските екосистеми ако загревањето дојде до 3 степени.
Растителните и животинските видови
Во зависност од живеалиштата, растенијата и животните се групираат во три категории - ендемски, автохтони и воведени видови.
Ендемскиот вид живее исклучиво на еден географски регион. На пример, сите видови лемури се ендеми од Мадагаскар, што значи дека ги нема на ниедно друго место на планетата. Слично, националната птица на Јужна Африка, син жерав, е единствена во таа земја, додека снежниот леопард е ендемски вид од Хималаите. На луѓето од нашите простори им е познат примерот на Панчиќевата оморика која е ендемски вид што живее на Балканот.
Видовите кои се наоѓаат во одреден екосистем заради природните процеси, како што се природната дистрибуција и еволуцијата, се нарекуваат автохтони видови. На пример, коалата по потекло е од Австралија и ниедна човечка интервенција не влијаела на нејзината појава ниту на ширењето на ова подрачје. Од друга страна, ако некој вид природно не се наоѓа во одреден регион, туку таму е донесен намерно или ненамерно од страна на човекот, се нарекува воведен вид.
Студијата предвидува дека ендемските видови на копно повеќе ќе го почувствуваат влијанието на климатските промени, и тоа за 2,7 пати повеќе во однос на автохтоните видови, а дури 10 пати повеќе од видовите кои се воведени.
Ендемските видови се најизложени на климатските промени од причина што живеат само во одредени области и во помали популации. Тие често се специјализирани за преживување само во живеалиштата во кои се наоѓаат. Затоа, доколку заради климатските промени дојде до загрозување на нивното живеалиште, овие видови едноставно немаат можност да се „преселат“ и да се населат во нови области.
Така доаѓаме до проблемот кој директно влијае на стабилноста на екосистемите. Тоа е губењето на биодиверзитетот, односно биолошката разновидност. Здравите и поразновидни екосистеми се постабилни и поврзани со чист воздух, чиста вода и храна. Сите овие фактори директно влијаат на човекот, па спасувањето на овие видови би ги зголемило бенефитите кои ги има човекот од природата.
Заради недостаток на податоци за морските видови, водните системи се анализираат поретко. Меѓутоа, важно е да се нагласи дека кај морските организми на кои им се заканува изумирање, ризикот е речиси двојно поголем кај ендемските отколку кај автохтоните. Затоа, ако го посматраме Средоземјето, кое претставува затворено море со голем број ендемски видови, се очекува дека една четвртина од видовите кои живеат таму ќе бидат изложени на голем ризик од изумирање заради климатските промени. Според научниците, „големиот ризик од изумирање“ се однесува на видовите кај кои падот во застапеноста е поголем од 80 проценти.
Островските и планинските видови се едни од најзагрозените
Студијата исто така го пресметува ризикот од изумирање на видовите во различни климатски, географски и биолошки категории.
Студијата покажува дека, доколку планетата се загрее за повеќе од 3 степени целзиусови, една третина од копнените и половина од морските ендемски видови ќе бидат во опасност од изумирање.
Видовите кои се најмногу загрозени од климатските промени се оние кои живеат на острови и на студени изолирани планини, кои се опкружени со ниски предели во кои е потопло отколку на високите места.
Островските видови често не можат да ја следат промената на климата зашто нивното следно поволно живеалиште е опкружено со огромни пространства вода. Една од областите со голем број острови која е особено загрозена е Океанија, каде се предвидува дека половина од ендемските видови ќе бидат во опасност од изумирање заради порастот на средната глобална температура.
Од друга страна, планинските видови често се осудени да се искачуваат на поголема височина за да го компензираат зголемувањето на температурата. Меѓутоа, колку видовите повеќе се искачуваат, толку помалку простор им останува на располагање.
Иако е важно да се проучуваат подрачјата со голема биолошка разновидност, зашто зачувувањето на видовите во овие области би дало најголеми резултати, важно е да се фокусираме и на местата со сиромашни видови. Причината е тоа што губењето само еден вид може драматично да го промени екосистемот зашто за тој вид не постои замена.
Доколку сакаме да ги зачуваме функциите на екосистемите на Земјата, мораме да се запознаеме со сите начини со чија помош би можеле да спасиме поголем дел од загрозените видови на Земјата, особено оние најважните - ендемските.
Превод: Алек Кузмановски
Слики: Taiichiro Yoshida
Извор: https://klima101.rs/